БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ВО ПОРАСТ, ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ ПОЧНУВА НАВРЕМЕ: Постои ли зголемен ризик од ширење на сезонскиот вирус
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2025
Амбулантите низ целата земја се преполни со пациенти кои се жалат на симптоми на сезонски грип, но, сепак денеска, според предвидениот календар, започнува второто полугодие во основните и во средните училишта. Лекарите предупредуваат дека бројот на заболени постојано расте, а пикот на вирусот се очекува во втората половина на февруари. И покрај ова, надлежните остануваат на ставот дека наставата треба да започне навреме.
Состојбата со грипот според Институтот за јавно здравје
Во втората недела од 2025 година (06-12 јануари), во Република Северна Македонија се пријавени 1.053 случаи на заболувања слични на грип, што претставува трикратно зголемување во однос на претходната недела. Иако бројот е за 10,9 проценти помал во споредба со истиот период минатата година, забележано е зголемување од 16,4 проценти во однос на типичната епидемиска крива за последните 14 сезони.
Во лабораториските тестирања извршени од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), детектирани се:
-26 случаи на грип, од кои 14 се Influenza А(H3), 9 Influenza А(H1)pdm09 и 3 Influenza B/Victoria.
-7 пациенти со респираторен синцицијален вирус (RSV).
-Еден случај на SARS-CoV-2.
Возрасна дистрибуција:
Највисока инциденца е регистрирана кај:
Деца од 0-4 години (149,2 заболени на 100.000 жители)
Деца од 5-14 години (83,3 заболени на 100.000 жители)
Најголем број заболени се пријавени од Скопје (305 случаи), а највисока активност на грип е регистрирана во Дебар.
Епидемиолозите посочуваат дека за првпат оваа сезона бројот на заболени ја надмина неделната граница за сезонска активност на грип, што сигнализира дека земјата е веќе длабоко навлезена во сезоната на грип.
Дали ризикот од ширење на грипот може да се зголеми?
Родителите изразуваат загриженост, сметајќи дека ризикот од ширење на инфекцијата е значителен и дека одложувањето на почетокот на второто полугодие за барем една недела би било оправдана мерка. Според нив, училиштата би можеле да станат жаришта на нови случаи, особено во услови кога голем број ученици веќе се заразени со сезонскиот грип.
„Моето дете се врати во петокот од скијање со висока температура и веднаш се пожали на силна главоболка, болки во мускулите и грлото. Имаше и кашлица и општа слабост. Веднаш го однесовме на лекар, каде што потврдија дека станува збор за грип. Матичниот лекар, како превентива од можни компликации, му препиша антибиотик и ни препорача да остане дома, да одмара и да избегнува контакт со други луѓе за да се намали ризикот од ширење на вирусот. За жал, тој нема да може да го започне второто полугодие, и мислам дека ваквата ситуација е честа кај многу семејства деновиве, посочува Јасмина В од Скопје, мајка на шестооделенец.“
„Целото семејство ни е болно од грип – прво се разболеа децата, а потоа и ние. Симптомите се исти кај сите: висока температура, кашлица, затнат нос, болки во мускулите и силен замор. Матичниот лекар ни препорача одмор, многу течности и да не се изложуваме на контакт со други луѓе. Сметам дека беше разумно почетокот на второто полугодие да се одложи барем за неколку дена, за да можат децата да се опорават и да не дојде до дополнително ширење на вирусот во училиштата, вели Мирјана С.“
Состојбата е во рамки на очекуваното
Според Комисијата за заразни болести, бројките на заболени се во рамките на очекуваното за овој период од годината и не се потребни дополнителни мерки за заштита од грип или пролонгирање на почетокот на второто полугодие.
„Сегашните податоци покажуваат очекуван раст на бројот на заболени, што ќе продолжи до пикот на сезоната, кој се прогнозира за втората половина на февруари. Забележуваме неделно зголемување, но важно е да истакнеме дека бројот на случаи е помал во споредба со истиот период минатата година. Во моментов, нема причини за паника или за воведување на дополнителни мерки,“ велат од Комисијата за заразни болести.
Анита Буховски