ПО ТРАГЕДИЈАТА ВО ПРИЛЕП: Што велат психолозите, треба ли луѓето да се тестираат дали се спремни за родители?
Објавено во: Македонија 20 Јануари, 2025
По немилиот настан кој деновиве се случи во Прилеп, каде две бебиња - близнаци стари само 20-тина дена, според првичната проценка на лекарите, починаа од премрзнување, стручните лица велат дека треба да се подигне свеста за тоа каква одговорност носи родителството. Секој поединец пред да се одлучи за формирање на семејство, треба да се преиспита дали е подготвен да биде родител.
„Како форма „тест за родители“ не постои, но дефинитивно свеста за одговорно родителство мора да се зголеми во општеството“, вели психолог од внатрешноста на Македонија.
Луѓето треба да бидат свесни за степенот на зрелост и одговорност кој го поседуваат или не го поседуваат. Дали, кога ќе имаат деца, како ќе ги воспитуваат, сопружниците треба заеднички да донесат одлука. Важна е емоционалната стабилност, но и да се едуцираат околу негата и грижата за бебињата. На оваа тема има прирачници, но се организираат и школи за родителство. Сепак, психолозите велат дека во нашето општество често читаме за трагедии, за децата кои се малтретирани, принудени на питачење, живеат во сиромаштија, па дури имаше и грозоморни случаи на родосквернавење. Преку медиумите се бараат донации за помош на многудетни семејства. Според психолозите, за чување на дете, основно е да се има покрив над главата, вработување, грижа и љубов.
„Нема посебен тест за родител, си има психолошки тестови за индивидуите, за личностите, за да се види колку се психички стабилни. Има тестови, зависно од тоа што сакаат да испитаат кај личноста. Прво и основно е желбата, дали некој сака да биде родител. Потоа здравствената состојба, финансиската стабилност, емоционалната сигурност, дали се спремни да пружат грижа и љубов. Треба свеста да биде на повисоко ниво, но тоа зависи и од средината во која индивидуата живее. Многу е важна средината, во каква средина е израсната и жената и партнерот, се мисли на семејството, околината. Дали ќе имаат деца, тоа е избор на мажот и жената и од нив најмногу зависи ситуацијата“, објаснува Цветанка Петровска, психотерапевт.
Во 2019 година, мајка и две близначиња беа хоспитализирани во болницата во Велес, по аларм од патронажната служба од Здравствен дом Велес дека бебињата стари 40 дена се неухранети. Се работеше за петчлено семејство кое живеело во лоши услови. Според тогашните пишувања на медиумите, живееле во една соба, без струја и вода. Сите сме сведоци дека и во зима и во лето, на фреквентните места во градовите има жени со деца кои питаат. Лани институциите повредоа постапка против мајка од Струмица за запуштање и малтретирање на дете, затоа што дозволила тоа да питачи, да му се влоши здравјето, и да заврши прво во струмичката болница, а потоа и на скопските клиники.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com