ГРАЃАНСКИ ОБВРЗНИЦИ: ПРИДОБИВКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА
Објавено во: Економија 27 Мај, 2023
Следниот месец домашниот пазар на хартии од
вредност ќе се збогати со нов инструмент - граѓанските обврзници. Навистина ме радува фактот што оваа вест во текот на
изминатата недела предизвика големо внимание во јавноста, оттаму оваа колумна ја посветив на оваа тема,
но и намерите за развој на пазарот на капитал во земјава.
Граѓанските обврзници се долгорочни државни хартии од вредност наменети за граѓаните, кои имаат за цел да ја поттикнат инвестициската активност кај граѓаните, да влијаат на понатамошно развивање на пазарот на капитал во земјава и последно, но најважно - да им донесат приноси на имателите. Исто така, граѓаните ќе можат да ги инвестираат своите готовински заштеди во граѓанската обврзница, со што преку банкарскиот систем ќе се мобилизира, односно ќе се намали готовината во оптек, што е еден од начините за сузбивање на сивата економија и тоа со целосно почитување на постојните законски прописи и меѓународните стандарди за заштита од перење на пари. Придобивките се повеќекратни, како за економијата, така и за граѓаните - особено за нив, бидејќи во време на висока инфлација, тие ќе ја заштитат вредноста на своите пари, преку солидна камата која ќе ја добијат од државата. Држaвните хартии од вредност се сметаат за безризични финансиски инструменти, односно кај инвеститорите се познати како најсигурни инвестиции. Рочноста на овие хартии од вредност ќе биде на две години, a минималниот износ за инвестирање ќе биде 10.000 денари, додека каматната стапка дополнително ќе се утврди, соодветно на финансиските пазарни услови.
Издавањето на Граѓанската обврзница е повеќегодишна, стратешка одлука
Издавањето на граѓанската обврзница не е тековна одлука, ниту одлука на годишно ниво, ова е стратешка одлука. Таа е дел од повеќегодишни стратегии, како Стратегијата за развој на финансискиот пазар и Стратегијата за управување со јавниот долг, но и Планот за забрзување на економскиот раст. Проширувањето на пазарот на капитал, односно збогатувањето на пазарот на хартии од вредност со нови финансиски инструменти, е пред се насочено кон зголемување на капацитетите на национално ниво за мобилизација на средства, како и поттикнување на инвестициите и забрзување на економскиот раст. На повеќе наврати сум пишувал за „Јункеровиот план“, за раздвижување на економската активност во ЕУ по рецесијата предизвикана од Глобалната финансиска криза преку мобилизација на приватни и јавни средства. Мобилизацијата на приватните средства преку нови финансиски инструменти, а во насока на финансирање на јавните потреби, препорачува и Светската банка, која ја истакнува потребата од диверзификација на изворите за финансирање.
Улогата на финансиските пазари во сите земји е многу важна за економскиот раст. Тие го насочуваат капиталот од инвеститорите кон барателите и притоа го оплодуваат постоечкиот капитал преку креирање нови вредности во економијата. За подобро да се разбере потребата за воведување нови финансиски инструменти и диверзификација на пазарот на капитал, би дал кус осврт на финансискиот пазар во државава, односно платформата каде се сретнуваат понудата и побарувачката за обезбедување финансии.
Пазар на капитал својствен за економија во развој
Нашата држава не е исклучок од повеќето земји во развој каде финансискиот сектор е банкоцентричен, односно пристапот до финансии се сведува на банките, додека пазарот на капитал е се уште недоволно развиен. Средствата на банките претставуваат над 80% од вкупната актива во финансискиот сектор, додека активностите на другите сегменти од финансискиот систем, со исклучок на задолжителните капитално финансирани пензиски фондови, се прилично скромни. На Берзата се забележува изразена концентрација на прометот на неколку акции, кус период за време на светската и регионална економска експанзија (2005 - 2007 година) имавме берзански бум, но глобалата финансиска криза го зема својот данок и по неа се забележа драстично намалување.
На пазарот на обврзници кај нас доминираат државните обврзници, додека побарувачката е концентрирана на институционалните инвеститори, пред се поради ограничената понуда на инструменти, како и недоволната информираност на општата јавност. Имено вложувањата на физичките лица во државните хартии од вредност речиси и да ја нема. Секундарниот пазар, исто така, е неразвиен, што се должи на доминацијата на финансиските институции. Пазарот на корпоративни обврзници е многу мал, додека општински обврзници досега не се издадени (иако имаше обиди).
Развој на пазарот на државните хартии од вредност
На пазарот на државни хартии од вредност, по осамостојувањето, постојат структурни и континуирани обврзници. Структурните обврзници се оние кои имаат за цел надоместување на определени физички и правни лица по различни основи, како обврзниците за денационализација, за старо девизно штедење, за селективни кредити и за приватизација на Стопанска банка. Од друга страна, континуираните се наменети за мобилизирање на средства од приватниот сектор, односно тие се домашен извор на финасирање на јавните потреби. Како дел од тогашната Стратегија за развој на пазарот на државни хартии од вредност, првите континуирани државни хартии од вредност беа издадени во јануари 2004 година, преку издавање на 3-месечни записи на домашниот пазар. За издавање на овие државни хартии од вредност беше избран аукцискиот механизам, како најтранспарентен и најпазарен начин на продажба, а со цел минимизирање на трошоците за финансирање на буџетскиот дефицит.
Аукцијата на првите издадени државни записи наиде на огромен интерес кај инвеститорите, што е очекувано имајќи предвид дека беше претставен нов безризичен финансиски инструмент на пазарот. Набргу потоа беа издадени 6-месечни записи, додека во 2005 година беа издадени 12-месечни записи и двегодишна обврзница. Со ова беше воспоставен примарниот домашен пазар на државни хартии од вредност. Инаку, примарниот пазар е од големо значење за тековното сервисирање на ликвидносните потреби во Буџетот и тој е уште еден брз, транспарентен и квалитетен извор за пристап до капитал за финансирање на буџетските потреби.
Во однос на државните хартии од вредност наменети за странскиот пазар, во декември 2005 година, нашата држава го имаше своето прво претставување на меѓународниот пазар на капитал со емисијата на првата еврообврзница, со чие издавање првпат бевме забележани на мапата на светските инвеститори.
Во изминативе 18 години домашниот пазар на државни хартии од вредност се развиваше преку понуда на краткорочни и долгорочни инструменти, од едномесечни записи до 30-годишни обврзници, додека на меѓународниот пазар настапивме со вкупно девет еврообврзници.
Креирање на нови можности на финансискиот пазар за домашните инвеститори
Во функција на развој на финансискиот пазар во нашата земја, креирање повеќе можности и за инвеститорите и за компаниите за пристап до капитал за финансирање на проекти, а со тоа поттикнување на креирање на нова вредност и на иновативноста, по предлог на Министерството за финансии, од страна на Владата беше усвоена Стратегијата за развој на финансискиот пазар. Стратегијата e подготвена преку инклузивен процес на размена на идеи и консултации во рамките на Советот за развој на пазарот на капитал, со кој претседава Министерството за финансии.
Основните цели на Стратегијата се зголемување на придонесот на пазарот на хартии од вредност во БДП на земјата, зајакнување и задржување на стабилноста и сигурноста на финансискиот систем, поддршка за развој и имплементација на дигиталните решенија за зголемување на достапноста на инструментите на пазарот на капитал, како и подигнување на ефикасноста на процесите што се одвиваат во него. Со оваа Стратегија се предвидува зголемување на понудата на различни типови обврзници, но и поттикнување на побарувачката преку инструменти со поволни услови; зголемување на понудата на сопственички хартии од вредност, преку стимулирање на иницијалните јавни понуди и целосна или делумна приватизација преку берзата со цел развивање на примарниот пазар на акции; зголемување на искористувањето на потенцијалите на институционалните инвеститори во функција на развој на пазарот на капитал; промена на архитектурата на небанкарската финансиска регулација и организиран (институционален) пристап во подигнување на финансиската едукација во доменот на пазарот на капитал.
Преку реализација на Стратегијата се очекува брзо раздвижување на пазарот на капитал и приближување на просекот во ЕУ.
Интересот за инвестиции кај домашните инвеститори е евидентен. Најочигледен пример е брзорастечкиот тренд на инвестирање во криптовалутите, кои се високоризични. Оттаму, неминовно е воведување нови финансиски инструменти на домашниот пазар, кои се регулирани, не носат ризик (што е особено важно кога станува збор за средствата на граѓаните), за да го апсорбираат овој инвестициски капацитет. Во насока на развој на финасиските пазари пристапуваме стратешки преку подигнување на учеството на индивидуалните и институционалните инвеститори и зголемување на побарувачката на домашните хартии од вредност; понатаму преку зголемување на инвестициските алтернативи преку зголемување на понудата на сопственички и должнички хартии од вредност; унапредување на регулативата за усогласување со европските директиви и подигнување на свеста и финансиската едукација на корпоративниот и на секторот домаќинства.
Поттикнувањето на побарувачката е планирано да се постигне преку повисоки приноси како резултат на мерки за намалување на трансакциските, информациските и даночните трошоци, како и промени во регулаторните ограничувања на достапноста на значајни информации. Од аспект на понудата, како што посочив и претходно, предвидени се нови инструменти од државата во рамки со целите на Планот за забрзан раст, како и олеснување на процедурата, преку значителни регулаторни и даночни олеснувања и стимулации за зголемување на бројот на котирани компании на Берзата и извршување иницијални јавни понуди, вклучително државни компании. Предвидени се (дел се и имплементирани) значаен број законски измени и нови законски решенија со цел олеснување на функционирањето како Законот за финансиски инструменти, Законот за проспекти и транспарентност, Законот за инвестициски фондови, законски решенија во областа на алтернативните инвестициски фондови, Законот за платежни услуги и платни системи, Законот за финансиски друштва, Законот за финансиска стабилност и др.
Новите инструменти помеѓу државните хартии од вредност
Како што споменав и погоре, диверзификација на пазарот и портфолиото на државни хартии од вредност е во функција и на прудентното управување со јавниот долг, соодветно е дел од Стратегијата за управување со јавниот долг. Граѓанската развојна обврзница е само еден од новите претставени модели на обврзници во Стратегијата. Имено, Министерството за финансии работи на воведување нови видови финансиски инструменти, со различна примена како развојни обврзници, зелени обврзници и проектни обврзници.
Развојните обврзници ќе имаат за цел да го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата. Овие обврзници ќе бидат индексирани и ќе носат купонска камата, а ќе бидат наменети за банките, пензиските фондови и други институционални и правни инвеститори, но и за физички лица.
Зелените обврзници ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за инвестициски проекти за зелен развој.
Проектните обврзници ќе бидат алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктура. Тие ќе им понудат можност на институционалните инвеститори да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност, кои можат да се тргуваат и кои можат да понудат супериорни приноси прилагодени на ризикот.
Развојни обврзници за граѓани или граѓанските обврзници, како што беше спомнато на почетокот на оваа колумна ќе бидат наменети исклучиво за граѓаните и ќе имаат за цел да мобилизираат капитал, кој е во форма на готовинска заштеда кај граѓаните, но и средства кои ги имаат слободни како депозити во банките. Со нив, ќе се постигнат тројни ефекти, односно намалување на готовината како една од мерките за намалувањето на неформалната економија, приноси кон заштедите, додека средствата ќе се стават во функција на развојот. Со други зборови ќе се заштити вредноста на заштедите на граѓаните и ќе се поддржи развојот на земјата.
Придобивки
На крајот да ги сумирам придобивките и од новите инструменти, но и од вкупната Стратегија за развој на финансиските пазари во земјава.
Безризични инвестиции и приноси - имателите на државните хартии од вредност добиваат соодветна камата, како надоместок за нивната инвестиција. Воедно државните хартии од вредност се познати како најбезбедни финансиски инструменти.
Справување со инфлациските притисоци - преку инвестирање во новите финансиски инструменти на државата, граѓаните ќе ја заштитат вредноста на заштедите со кои располагаат. Дополнително, ќе се намалат притисоците кај потрошувачката, а со тоа и инфлациските притисоци.
Економски раст - инвестициите се составен дел од економскиот раст. Новите инвестициски инструменти ќе ги придвижат инвестициите, јавните и приватните, а со тоа ќе го забрзаат растот со бенефитите што ги носи, како отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард.
Крупни капитални проекти - голем број од новите инструменти се врзани со реализација на крупни инфраструктурни проекти, што ќе придонесат кон креирање подобри услови за живот во земјата.
Прудентно управување со долгот - стратегијата за претпазливо управување со јавниот долг е преку портфолио кое е диверзифицирано по рочност, трошок и инструменти, да се дојде до најмал ризик по однос на одржливост и сервисирање на долгот. Со граѓанските обврзници каматниот трошок за буџетот ќе биде понизок од задолжувањето на меѓународните финансиски пазари. Ова е во контекст и на заложбите на државата за фискална консолидација, преку трошоците и останатите услови за финансирање.
Намалување на готовината во оптек во функција на справување со сивата економија - готовината е еден од двигателите на сивата економија, преку ангажирање на готовината во инвестициските инструменти, се делува и на овие ризици. Притоа, ќе се применат сите постојни законски регулативи и меѓународни стандарди за заштита од перење на пари.
Бенефитите се многубројни, а има многу простор за иновации на финансискиот пазар. Со јасна и добропоставена стратегија, верувам дека допрва ќе зборуваме за резултатите и придобивките од овие мерки.
министер за финансии Фатмир Бесими* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.