„Грандиозен“ проект, грандиозно разочарување: Што донесе Субрата Рој во македонскиот аграр?
Објавено во: Агробизнис 09 Ноември, 2014 09:44
„Оваа инвестиција уште кога се најави делуваше нереално и преамбициозно за наши услови и сега тоа се потврдува. Сигурно дека ќе има штета за македонскиот аграр, неколку години овие површини стојат необработени, а се плодни, се пропуштија неколку реколти од кои ќе се произведеше храна, без разлика дали тоа ќе беше добиточна храна, пченица или било каква храна од што стопанството ќе имаше корист. На такво плодно земјиште сигурно ќе имаше 3 тони пченица од хектар. Мислам дека оваа земја требаше да се даде да ја обработуваат македонските земјоделци“, вели агроекономистот Борис Анакиев.Од министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство веќе потврдија дека банкарската гаранција во висина од околу три милиони евра е активирана и дека ќе се почне постапка за раскинување на договорот со компанијата на индискиот бизнисмен Субарат Рој. Од ресорното министерство најавија дела по раскинувањето на договорот со индиската компанија, преку јавно наддавање повторно ќе бара купувач за агрокомбинатот Џумајлија.
„Министерството земјоделство, шумарство и водостопанство ја активираше банкарската гаранција на индиската компанија која што го имаше договорот за агрокомбинатот Џумајлија. Ваквата одука следува по неколку состаноци кои ги имавме со менаџерскиот тим на компанијата на кои што ние укажавме дека договорот мора да се почитува и сите обврски што произлегуваат од договорот дека треба да се исполнат во роковите наведени во договорот“, изјави портпаролот на МЗШВ Соња Трајкова.Од претставништвото на индиската компанија во земјава „Сахара груп“ , негираат дека е раскинат договорот, но потврдуваат дека банкарската гаранција е активирана. Од компанијата велат дека не се откажуваат од инвестициите во Македонија.
„Сите се свесни дека групацијата има проблеми во Индија, кои очекуваме наскоро да се решат и се надеваме дека ќе најдеме начин да го решиме и ова прашање во Македонија. Посветеноста на „Сахара груп“ за бизнисите во Македонија останува и немаме намера да се повлечеме од Македонија, каде имаме јасен бизнис план“, велат од претставништвото на „Сахара груп“ во Македонија.Милионски инвестиции во Македонија Индискиот бизнисмен Субрата Рој најави милионски инвестиции во Македонија во различни сектори. Во земјоделството најави инвестиција вредна 211 милиони евра. Според договорот потпишан со министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство компанијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, требаше да во првите 18 месеци да донесе 8.000 грла крави, а за три години 20.000 крави. Најави и изградба на млекарницата што ќе ја изгради, со дневно произведство од 80.000 литри млеко. Договорот исто така предвидуваше вработување на 900 лица во првите 18 месеци, а во рок од 3 години бројот на вработени да достигне 2.000 вработени. Земјиштето според договорот му беше доделено под концесија во рок од 15 години, а за закупот ќе го чинеше 121.000 евра годишно. Договорот беше склучен лани во јули и првата жетва требаше да биде во мај годинава, а веднаш потоа да се набават кравите. Но годинава нема ниту жетва ниту крави. За производството ќе му следуваа и државни субвенции. Минатата година се со сите традиционални обичаи, министерот за земјоделство Љупчо Димовски и министерот за финансии Зоран Ставрески, качени на трактори симболично го означија почетокот на проектот за земјоделство на Сахара груп. Од преставништвото на неговата компанија во земјава, „Сахара Индија Паривар“, до последно изјавуваа дека инвестициите се одвиваат според зацртаниот план и динамика, дека во Џумајлија веќе во полн ек се одвива втората фаза за копањето бунари за подземните води и целата инвестиција е според зацртаниот план на реализација. Домашните агроексперти уште кога се најави инвестицијата беа скептични дека ќе се реализира. Милионски инвестиции во хотели Бизнисменот Рој најави и милионска инвестиција во ексклузивни туристички комплекси во Охрид, односно Љубаништа. Но во јули годинава индискиот бизнисмен се откажа од инвестициите на делот од земјиштето што и припаѓа на црквата кај манастирскиот комплекс Свети Наум во Охрид. Од претставништвото на индиската компанија „Сахара груп“ во земјава, тогаш изјавија дека бизнисменот не се откажува од реализацијата на целиот проект, туку дека од црковниот дел се откажал од верски причини.
„Субрата Рој се откажа од делот што и припаѓа на црквата од религиозни причини, веднаш штом дозна дека се работи за црковно земјиште. Во делот каде што бизнисменот сака да инвестира, само мал дел е црковен имот и тоа не ја загрозува реализацијата на неговиот проект кој е веќе изработен. Но има многу административни процедури кои треба да се завршат“, соопшти во јули годинава компанијата.А токму за ова земјиште државата и МПЦ водат судски спор. Државата планира по основ на експропријација да го преземе како земјиште од јавен интерес за кое ќе плати 1,4 милиони евра. Владиката Тимотеј неодамна изјави дека црквата по ниту една цена не сака да го продаде земјиштето, а решението на владата, црквата го тужи на Управен суд, каде сеуште се чека судската разврска. Бизнисменот Рој најави и изградба на споменик на Мајка Тереза и на хотел на плоштадот Македонија во Скопје, но градежните работи уште не се почнати. Инвестиции се најавија и во филмската индустрија, но засега сеуште нема реализација. На почетокот на годинава неговата компанија, „Сахара Индија Паривар“, преку оглас најави дека во бизнисот во Македонија во следните пет години ќе инвестира вкупно 2,7 милијарди евра. Најголемиот дел од парите, односно 1,6 милијарда евра, ќе ги вложи во млечниот бизнис, а останатите во хотелски комплекс. Во Индија се товари за измама, во Македонија Субрата Рој беше пречекан со сите почести Индискиот бизнисмен во неговата земја е во затвор заради измама тешка 4 милјарди долари на 2 милиони граѓани преку продажба на недвижности. Неговиот имот е замрзнат, а пред да биде уапсен му беше забрането да ја напушта земјата. Во обид да најде пари за кауција и да го плати долгот бизнисменот почна постапка за продажба на неговите највредни хотели. Од македонската влада уверуваа дека апсењето на Рој нема да негативно да влијае врз најавените инвестиции во Македонија. Лани летото бизнисменот Рој заедно со дел од македонските министри беше во Охрид, и му организираше свечена вечера на премиерот Никола Груевски. Македонската Влада бомбастично ги најави инвестициите на индискиот бизнисмен поради што во земјава и му се даде посебно место. Двајцата негови синови добија македонски државјанства, а во јули годинава државјанство доби и неговата сопруга - Субрата Рој сеуште нема поднесено вакво барање. Лани во октомври Рој престојуваше во земјава како организатор првиот Сахара балкански мировен фестивал, а настанот кој траеше неколку дена, беше спектакуларно одбележан на плоштадот Македонија во присуство на целата владејачка гарнитура. Во стариот театар имаше и свечен прием на кој присуствуваше владејачката гарнитура, но и поранешниот британски премиер Тони Блер. Еве што тогаш изјави Рој.
„Барав земја во светот која ќе биде без корупција за одржување на првиот фестивал и одлучив тоа да биде Македонија. Овој фестивал го започнуваме на 2. октомври, ова е меѓународен ден на ненасилството и ден на Махатма Ганди. Воедно, голема радост ми е што сум овде во градот на мајка Тереза. Јас лично бев многу близок со мајка Тереза. Прилично сум елоквентен, но во моментов не можам да најдам зборови со кои можам да ја опишам нејзината личност“, изјави Рој на 2-ри октомври 2013 година.Раскинувањето на договорот за агрокомбинатот Џумајлија, отвора серија прашања, што ќе се случува понатаму со останатите инвестиции што бизнисменот Субрата Роj ги најави за во земјава. КРАВИ, ХОТЕЛИ, БОЛИВУД: Плановите на Субрата Рој во Македонија заглавија во затворот Тихар? Ј.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина
Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?





