Добивај вести на Viber
Градежната компанија „Гранит“ минатата година ја заврши со нето добивка од 325 милиони денари или 5,3 милиони евра, што е за 15% помалку споредено со претходната година, покажува финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза.
Според податоците од извештајот вкупните приходи на најголемата македонска градежна компанија во 2012 година изнесуваат 5,4 милијарди денари, или 88 милиони евра, што е за 11% помалку споредено со претходната година.
Од нив најголем дел се од градежни работи извршени на домашниот пазар, додека приходите од работа на странски пазари изнесуваат само 207 илјади евра.
Во исто време „Гранит“ лани успеал за 10% да ги намали оперативните расходи на 5м3 милијарди денари и тоа во најголем дел со кратење на трошоците за потрошен материјал и услуги.
„Гранит“ е најголемата градежна компанија во државата. Нејзина основна дејност е проектирање, изградба и надзор во градежништвото - нискоградба, хидроградба, високо градба, изведба на електро инсталации, патишта, мостови, тунели, производство на градежни материјали и сл.
Компанијата има свои претставништва во Германија, Русија, Албанија, Бугарија, Украина, Хрватска и Црна Гора.