Грција ќе мора да ja обезбеди листатa со реформите до 20 април
Објавено во: Балкан, Економија 14 Април, 2015 08:30
Деновиве во Грција како да не е толку изразено окото на циклонот. Навидум мирно со одбележувањето на Велигден, кој има големи традиции во оваа православна земја. Атина сосема пуста и во покраината, меѓу блиските, голем број Грци ги следат, малку уморни и земајќи здив, преговорите кои продолжуваат во Брисел меѓу Владата на Алексис Ципрас и кредиторите на земјата.
Сеуште ништо не е решено. Веќе шест недели откако беше потпишан принципиелниот договор на 20 февруари, Грција работи на листа на реформи, чија цел е да ги задоволат доверителите нејзини (земјите од еврозоната, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската централна банка) и така да се даде зелено светло на последната транша од веќе изгласаниот кредит (7,2 милијарди евра) по пат на договор за кредити со рок до крајот на јуни.
Веќе неколку крајни датуми не беа испочитувани и се уште нема никаков договор. Еврогрупата ќе побара листа со прифатливи реформи „до 20 април“, напиша во неделата германскиот „FAZ“. Конзервативното издание тврди дека тоа е информација од некои добро информирани официјални претставници и додава дека овој датум е единствено можен, па доверителите на Грција да имаат време да ги анализираат предлозите за реформи, пред состанокот на Еврогрупата во Рига (Литванија), закажан за 24 април.
Преговорите продолжуваат да вртат во круг заради дефинираните од Атина таканаречени црвени линии. Според грчки висок претставник, запознаен со текот на преговорите, ММФ ќе инсистира повторно за намалување на пензиите на државните службеници, како и за нови реформи во законодавство.
„Од една страна г-ѓа (Кристин) Лагард (управен директор на ММФ) изгледа доживува сожалување за тоа дека товарот на кризата се префрли главно врз најсиромашните и средната класа во Грција, а во исто време таа инсистира пензиите кои веќе беа намалени со над 30% за пет години, да се скратат уште. Мерка која би влијаела на овие категории од населението! “, со разочарувања вели пратеник од Сириза, радикалната левичарска партија, која во моментов владее во Грција.
Во интервју за грчкиот весник „Vima“ вториот министер за меѓународни економски односи Евклидис Цакалотос повторно изјави дека „не станува збор за ново намалување на платите и пензиите, какви и да се барањата на доверителите“. Екипата на Ципрас сака да ги убеди своите партнери дека преку реформи, чија цел е да се зголемат приходите во државната каса како подобрување на наплатата на даноците, на пример, Грција ќе биде во состојба да ги исполни целите за балансиран буџет без да ги крати повторно трошоците. Токму тоа ги тера доверителите да бидат скептични.
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изразува оптимизам и очекува договор на 24 април, но во грчките конзервативни медиуми сè повеќе напорно се коментираат сценарија „за паралелна валута“. Весникот „Kathemerini“ посвети цела статија на хипотезата за издавање на државни обврзници „I OWE YOU“ (IOUs - „имам долг кон тебе“), за да ги исплати платите на државните службеници за мај.
Иако Владата успеа да плати 450 милиони евра на 9 април, сега ќе и се наметне да најде други 879 милиони евра во мај, кои исто така мора да се вратат на ММФ (183 милиони на 1 мај и 697 милиони на 12-ти мај), но освен тоа и 400 милиони долари за да ја покрие каматата на долгот и 2,4 милијарди за да се направат исплати на државни обврзници. А тешките месеци за исплата на падеж продолжуваат до август.
„Свесни сме дека календарот на 2015 година е многу тежок, најтешкиот од минатите години“, соопшти владата. „Ние сме подготвени да направиме секакви компромиси, но нема да прифатиме да се компромитира“, изјави во интервју за „Bloomberg“ минатата недела Јанис Варуфакис.
Можеби ќе ве интересира
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација
Во времето на Тито, за некој овие пари беа една плата: Никој не успеал да ја фалсификува „сивата гулабица“, а еве која е мистериозната жена од банкнотата
Голем пожар во Хрватска; На местото на настанот беа повеќе од 60 пожарникари, се слушаа експлозии
Вучиќ до Хрватите: Србија купи нови авиони „Рафал“, a Хрватска половни
Парламентот на Бугарија едногласно ја прифати оставката на владата
Протест на земјоделците во Солун, граничните премини Евзони и Ники засега остануваат отворени
Тешки метали се откриени во керамички шолји во соседството




