Груевски-Хан: ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира
Објавено во: Македонија 10 Февруари, 2017
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот, Никола Груевски, а во која учествуваа и Никола Попоски, Никола Тодоров, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски и Александар Николовски, синоќа се сретна со комесарот на ЕУ за соседство и за проширување, Јоханес Хан.
На средбата беа отворени повеќе теми, информираат од партијата. Објаснуваат дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето коалиција и влада.
„Главни теми беа организирањето и резултатите од изборите, постизборниот период и обидите за создавање коалиција, зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, кои би се организирале заедно со локалните, дебатите за Законот за употреба на јазиците, СЈО, платформата на албанските партии, ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот рамковен договор, плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со вакви коалиции“ - додаваат од партијата.
Делегацијата на партијата му заблагодарила на комесарот Хан за напорите да ѝ помогне на земјата.
ВМРО-ДПМНЕ демантира дека Груевски задоцнил 40 минути на средбата со еврокомесарот Хан.