За Груевски туризмот во земјава „цвета“, за статистиката милионот останува недостижен!
Објавено во: Економија 16 Јули, 2013 21:09
Благодарение на промоцијата на Македонија во светот и вложувањата од страна на Владата и нејзината силна фокусираност, бројот на туристи постојано расте, изјави премиерот Никола Груевски кој ги потенцираше своите лични заслуги во оваа област.
„Последниот податок покажува зголемување за 11,2 отсто туристи што е одличен податок и ме радува. Тоа е резултат на многу вложувања и напори на Владата во оваа област. Како што знаете ние воведовме субвенционирање на турооператори, овозможивме земјиште за хотели да се продава евро за метар квадратен почетна цена. Овозможивме, исто така, други инвестиции во делот на туризмот. Навистина формирањето на комитет за развој на туризмот, кој што јас лично го водам дава резултати затоа што се преземаат многу мерки коишто веќе почнуваат да даваат ефекти за зголемување на бројот на туристи во РМ што пак за нас е прилив на девизи, како што се остварува од извозот“, изјави Груевски.
Тој додаде дека во земјава има голем туристички потенцијал.
„Промоцијата која почнавме да ја правиме ќе ја продолжиме низ многу меѓународни медиуми и сите други соработки коишто ги остваруваме со сите релевантни институции преку телото за развој на туризмот во Македонија ќе продолжиме да ги правиме. Придонес во целата работа има и тоа што субвенциониравме и отворање нови авионски лини, донесовме закон за формирање на туристички развојни зони кои во иднина ќе дадат дополнителен инпут на целата работа. Мислам дека првпат во историјата на Македонија во последните неколку години Владата има прилично силен фокус на туризмот и тоа дава резултати“, додаде Груевски.
Вкупниот број на туристите во мај 2013 година изнесува 67 588 и споредено со мај лани е зголемен за 11,2 проценти, објави Државниот завод за статистика. Бројот на ноќевањата изнесува 152 117 и е зголемен за 6.4 проценти.
Сепак, како што веќе пишуваше Фактор, иако Владата води агресивна кампања помогната со низа субвенции за да ја промовира земјава во странство и да привлече странски гости бројот на туристи успеа да се зголеми единствено до 663 илјади во 2012 година. Ако се спореди со златната туристичка сезона во 1987 година, кога еден милион и 183 илјади туристи ја посетиле Македонија, сегашната бројка всушност претставува пад од 43%.
Можеби ќе ве интересира
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар




