Груевски ветува нова опрема во здравството ширум земјава
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2016
Полна уста ветувања денска излегоа од екс премиерот Никола Груевски.
Нови инвестиции и нов мега проект во областа на здравството.
Неговиот план е да се набави опрема во поголемите градови и болници.
„Во Скопје опфаќајќи го Клиничкиот центар, општите болници, здравствените домови, специјалните болници, заводите и институтите ќе бидат обезбедени нови 1318 медицински апарати, со проценета вредност од околу 13 милиони и 500 илјади евра. Во Битола опфаќајки ја Клиничката болница, здравствениот дом и Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас ќе бидат обезбедени 149 нови апарати во вкупна вредност од 1.230.000 евра меѓу кој дигитален ренген апарат, трансректална сонда за биопсија на простата, модерен апарат за ехографија со кардилошка и конвексна сонда, како и стоматолошки ренген апарат панорамикс и голем број на други апарати. Во Тетово опфаќајки ја Клиничката болница, Здравствениот дом и специјалната болница за белодробни заболувања Лешок ќе бидат обезбедени 290 нови апарати во вредност од 2.041.900 евра меѓу кој што и дигитален апарат за флуороскопија, дигитален ренген апарат графија, ресектоскоп за ендоскопски столб, како и 55 електрични болнички кревети и голем број на потребни апарати“, истакна Груевски.
Лидерот на владејачката партија откри дека во Штип опфаќајќи ја Клиничката болница, здравствениот дом, и Медицинскиот факултет ќе бидат обезбедени 252 апарата во вредност од 2.116.300 евра, меѓу кој ренген апарат за скопија со тв ланец, преносен ренген апарат, апарат за ехографија со колор доплер, апарат за ехографија со ректална сонда, апарат за електро мионеурографија, апарат за анестезија и голем број на други потребни медицински апарати.