Грузија пред невозможен избор! Да стане западна енклава или да остане руска трансверзала?
Објавено во: Економија 30 Октомври, 2024
Грузија е соочена со досега невиден притисок од конфронтираните глобални воени суперсили САД и Русија. Западот притиска преку сите можни демократски форми на притисок и не ги признава изборите на кои победи актуелната власт која важи за проруска. Суштината е дека Грузија е енергетска крстосница која заради нафотводите и гасоводи на западните економии им дава алтернатива за руските нафта и гас. Но на Русија пак грузиската територија и треба за консолидација на енергетската трансферзала до Персискиот залив – светскиот епицентар и барометар на глобалните цени за нафта и природен гас
Грузија е мала православна држава сместена во кавказкиот регион на стратешки гледано најважната меѓа меѓу Европа и Азија. Заради својата уникатна и извонредно важна стратешка географска позиција Грузија сега е во огромна опасност. Зошто? Затоа што во неа директно се судираат западниот економско-воено-политички врвен интерес предводен од САД со рускиот воено-империјален фундаментален долгорочен интерес за излез во Персискиот залив.
Како ќе се справи Грузија со двете воени суперсили? Наместо одговор може само да се каже дека секој здраворазумен политичар и човек во Грузија не сака таму да се повтори украинското сценарио. Затоа што овие три години војна покажаа дека најголем губитник од „будењето на руската мечка“ е токму Украина и украинскиот народ.
На Грузија без да сака и да бара „и се падна паричето“ да биде на меѓата меѓу двете суперсили и ниту една од нив нема намера да отстапи или па попушти. А воопшто во ова современие не личи дека има глобален политички мирољубив здрав разум.
Грузија за жал, без да биде прашана, а веројатно и без да биде сослушана ќе треба да избира меѓу две невозможни опции. Првата е да биде енклава на западниот воено-економски интерес на Кавказот и втората е да биде трансферзала на рускиот империјалистички врвен приоритет за излез и влијание во Персискиот залив.
Грузија е енергетска крстосница. Сместена на Кавказот меѓу Црното море и Каспиското езеро нејзината територија е клучна за копнен транспорт на енергенси. Се разбира тука најважен е природниот гас. Оваа земја е најважната крстосница меѓу Турција и Иран, Русија и Европа. Низ територијата на Грузија и сега минуваат клучните гасоводи и нафотводи Баку – Тбилиси – Ерзурум и Баку – Тбилиси – Чејхан преку кои енергенсите од Азербејџан и Туркменистан патуваат кон богатите и гладни западни пазари за енергенси. И тука е клучното што ја намалуваат западната зависност од руските клучни енергенси (природниот гас и нафтата).
Да се вратиме малку наназад во 2008 година. На територијата на Грузија настана 16 дневна војна во која Русија тотално ја порази грузиската војска. Тогаш со тој воен гест Русија го спречи трендот за приближување и зачленување на Грузија во НАТО пактот.
Географската положба на Грузија е мост меѓу истокот и западот. Актуелната страшна поларизација на односите меѓу воените супер сили може за миг да ја претвори Грузија во ѕид или во бездна меѓу двете спротивставени страни.
Што сега се случува во Грузија?
Победата на владеачката партија „Грузиски сон“ значи оддалечување од патеката која води кон Европската унија. Односно од страв од руска агресија значи водење пристојна можеби и послушничка политика со Русија. Опозицијата најави голем протест во Тбилиси и има стравувања дека може протестот да се претвори во насилен чин и состојбата да ескалира.
Опозицијата е проевропски ориентирана и обвинува дека нивната победа е украдена на изборите во неделата што измина. Што ќе следи со протестите останува да видиме.
Што значи геостратешкиот термин руска трансверзала?
Директно, непречено од запад и силно руско влијание во Персискиот залив, регион што е од клучно значење во светот за цените на фосилните горива односно на црното злато – нафтата.
Русија преку Грузија па Ерменија и Иран ќе има директен излез во Персискиот залив. Ако се знае дека големиот Иран е нејзин стратешки партнер, а малата Ерменија не може да се спротивстави на руското влијание прашањето е кој е изборот на Грузија во борбата на Давид и Голијат?
И како сега грузиската опозиција ќе се бори и справува со овој геостратешки интерес на рускиот империјализам останува да се види.
Р.Ф.