Добивај вести на Viber
Откако Балкан Енерџи Груп го презеде најголемиот бизнис на Топлификација- производството и снабдувањето со топлинска енергија на Скопје, сега компанијата се обидува повторно да се “врати вo живот”. Овој месец кога акцијата на една од 10-те најликвидни компании на Македонската Берза не успеа да надмине 1350 денари беше поволен момент за директорот Хаџимишев.
Полека но сигурно, директорот и претседател на Управниот одбор на Топлификација,
Димитар Хаџимишев, го зголемува сопствениот удел во компанијата. Хаџимишев се стекна со нови 20 акции од Топлификација, со што бројот на акциите кој тој сега ги поседува се искачи на 2.704, покажуваат последните информации од Македонската берза.
Во последниов месец акцијата на една од 10-те најликвидни котирани компании на Македонската берза не е на завидно ниво. Нејзината вредност цел месец се движи помеѓу 1100 - 1320 денари за акција. На последното, петочно тргување на Берзата, акцијата на Топлификација се продаваше по цена од 1171 денари. Според последните берзански податоци, Топлификација, како суперкотирана компанија, до сега има издадено 450.000 хартии од вредност.
Покрај Хаџимишев, членови на Управниот одбор на Топлификација се и
Ефтим Поцев, Христо Кировски, Дине Илиев, Александра Мароевиќ и Бисера Крстевска.
Речиси 20 акционерите на АД Топлификација пак, неодамна формираа Здружение за заштита на своите права, за да се борат против можен организиран или поединачен упад во компанијата и против нелојална и неконкурентска основа. Причината поради која се здружија е и да спречат формирање на пакет акции за контрола на Топлификација, како и евентуална продажба на потенцијален купувач под услови претходно договорени и утврдени со мнозинството од акционерите.
Претседател на Здружението со седиште на улица “Лондонска“ 8 во Скопје, е машинскиот инженер
Ивица Стојановски. Здружението ќе се залага за застапување на интересите на акционерите, за заштита на вредноста на акциите на акционерите, за превземање на мерки - неформални здружувања, лобирања и слично заради заштита на правата на акционерите.
Топлификација ќе ги црта контурите на гасификацијата!
Откако Топлификација ги врати лиценците за дистрибуција, снабдување и производство на топлинска енергија и за 1 милион евра годишно ги издаде под наем своите топлани на Балкан Енерџи Груп, од компанијата најавија дека ќе влезат во бизнисот со струја и гас. За оваа намена тие и ја формираа Топлификација Инжинеринг.
Топлификација Инжинеринг ДООЕЛ Скопје во конзорциум со фирмите Градежен Институт од Македонија и Еврогаз од Бугарија ќе ја осмислуваат националната дистрибутивна гасоводна мрежа. Овој конзорциум победи на последниот тендер на Министерството за транспорт и врски за избор на фирма која ќе изготви Физибилити студија за развој на дистрибутивната гасовдна мрежа во земјава.
Со понудените околу 1 милион евра Топлификација Инжинеринг, Градежниот Институт и бугарски Еврогаз ќе треба да му испорачаат на Министерството за транспорт и врски студија, која ќе ги покаже условите за временска реализација на дистрибутивните гасоводи за определени региони или општини во Македонија, како и дефинирани приоритетни региони и општини за најбрза реализација на гасификацијата. Оваа физибилити студија треба да и послужи на Владата за да најде модел за идни финансирања на доградба на диструбитивниот систем (издавање под концесија, јавно привано партрество или други начини).
Ќе пркне ли акцијата?!
Според деловниот план на Топлификација АД за наредните три години се очекува позитивен биланс на успех. За годинава компанијата проектираше добивка од околу 700.000 евра, за 2014 година добивка од околу 2,2 милиони евра и за 2015 година добивка од околу 2,6 милиони евра. Позитивниот нето готовински тек во 2013 година се очекува да биде околу 10,4 милиони евра, во 2014 година околу 4,3 милиони евра и во 2015 година 3,1 милиони евра.
К.П.