Добивај вести на Viber
Холандскиот премиер Марк Руте бара телата на жртвите во несреќата на соборениот малезиски авион да бидат транспортирани во Холандија за идентификација.
Руте во обраќањето пред холандскиот Парламент исто така кажа дека и натаму е нејасно каде се наоѓаат црните кутии од авионот, додавајќи дека се согласува со рускиот претседател Владимир Путин дека кутиите мора да бидат испорачани на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, која ќе изврши независна анализа.
Но доколку не се овозможи целосно слободен пристап до местото на несреќата во источна Украина, „на маса ќе бидат сите политички, економски и финансиски опции“, се закани холандскиот премиер.
Тој додаде дека приоритет на неговата влада е телата на жртвите да бидат вратени во Холандија и идентификувани.
„Јасно е дека Русија мора да го искористи своеот влијание врза проруските сили за ситуацијата на терен да се подобри. Доколку во следните неколку дена пристапот до местото на несреќата и натаму се оневозможува, ќе ги имаме на располагање сите политички, финансиски и економски опции против оние кои се директно или индиректно одговорни за оваа трагедија“, рече Руте.
Авионот Боинг 777 на „Малезија ерлајнс“ беше на летот Амстердам - Куала Лумпур кога се урна во источна Украина, во регионот на Доњецк што е во зоната на судири меѓу украинските сили и проруските бунтовници. Загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, од кои дури 192 холандски државјани.
Во меѓувреме, украинскиот премиер Арсениј Јаценјук денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин мора да сфати дека „што е доста - доста е“. Украина прстот за несреќата го вперува кон Русија, обвинувајќи дека Москва ги снабдува со оружје проруските бунтовници на истокот на Украина, па и со ракетни фрлачи од истиот тип како оној со кој се претпоставува дека бил соборен авионот.
„Русија премина на темната страна, на страната на ѓаволот. Ништо не очекувам од руската Влада. Тие проруските сили ги снабдија со оружје и испратија свои борци. Путин треба да сфати дека е доста. Ова не е конфликт меѓу Украина и Русија. Ова е меѓународен конфликт!“, рече Јаценјук.
Украина е уверена дека со ракетниот систем БУК-М1, со кој се претпоставува дека е урнат авионот, не можеле да управуваат „пијани проруски терористи“, туку само „професионалци“, повторно вперувајќи го прстот кон Москва.