05 Декември, 2025
0.0261

ХРАНА ВО ПАРТИСКА ОБЛАНДА: Што навистина јадеме?

Објавено во: Агробизнис 10 Февруари, 2016 08:11

Добивај вести на Viber

Препукувањата меѓу власта и опозицијата за безбедноста на храната, не запираат. Но ваквите партиските преписки, го отворија прашањето дали граѓаните можат да бидат сигурни дека купуваат безбедна храна и како се контролира храната? Дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски деновиве обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство лани пет месеци не го спроведувала законскиот мониторинг за безбедност на храна. Директорот на Агенцијата Зоран Поповски возврати дека мониторингот не е врзан за рокови и е неофицијален, а храната редовно се контролира. Дел од експертите од оваа област сметаат дека мониториг контролите се од особена важност затоа што укажуваат на потенцијални проблеми со безбедноста на храната и истите се прават во различни периди од годината во зависност од видот на производот. -Постои разлика помеѓу официјална контрола и мониторинг контрола. Официјалните контроли на прехранбени производи се контроли што се одвиваат редовно во текот на целата година и тоа во согласност со планот за земање на проби за утврдување на безбедност на храната од секој оператор со храна што е регистриран во Република Македонија. Мониторинг контрола е контрола што се прави во различни периоди во годината (кои се различни и зависат од типот на производ) и кои всушност преставуваат индикатор за општата безбедност на храната во една држава и се употребува при правење на анализа на ризици. Токму овој аспект на мониторинг контролите е од особена важност затоа што на државата и производителите им укажува на потенцијални проблеми со безбедноста на различни прехранбени производи пред да дојде до вистински проблем, односно инцидент со безбедноста на храната, па затоа се и клучна алатка за утврдување на опшата безбедност на храната, вели за Фактор професор д-р Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „Клуч“. Какуринов посочува дека мониторинг програмите мора да се спроведуваат во согласност со Законот за безбедност на храната, за што е надлежна АХВ, а добиените резултати од оваа програма од претходната година и мониторинг планот за идната година АХВ мора да ги проследи до Комисијата на Европската Унија, односно DG SANCO, кој го одобрува мониторинг планот за наредната година. -Во нашата држава постои, План за надзор и мониторинг на резидуи и недозволени супстанции (остатоци од ветеринарно-медицински препарати, пестициди и загадувачи од надворешната средина, како и одредени недозволени супстанции кои може да се најдат во храната од животинско потекло) при одгледување на животни (живи) и примарното производство на храна од животинско потекло (суровини и производи од животинско потекло) и тоа на ниво на: фарма, млекарница, кланица, објект за преработка на риби и центар за собирање и пакување на јајца. Овој план се базира на Одлукаата на Европската Комисија од 2014 година за мониторинг плановите шо се поднесуваат од трети земји (затоа што Република Македонија сéуште не е членка на ЕУ).  Според овој план, Република Македонија мора да се врши мониторинг на: говедско, свинско, овчо, козјо месо и месо од живина и дивеч, аквакултура, млеко, јајца и мед, но не и на: коњско и зајачко месо и одгледуван дивеч. Потоа има  Мониторинг на зоонози и предизвикувачи на зоонози. Овој план за мониторинг се врши во сите фази на ланецот на храна, односно во фаза која е најсоодветна за определена зооноза и/или предизвикувач на зооноза, посочува Какуринов. Има ли Македонија квалитетни механизми за следење на безбедноста на храната? Минатата година за Програмата за мониторинг на безбедност на храна од буџетот се издвоени 163 илјади евра. Македонија има Закон за безбедност на храна изготвен по европски регулативи, но дали законските решенија гарантираат за безбедноста на храната? Според професорот Какуринов  секој систем за следење на квалитетот и безбедноста на храната секогаш може да биде подобар. Какуринов посочува дека според организацијата за храна и земјоделство ФАО и Светската здравствена организација - СЗО во светот постојат 3 системи за контрола на безбедноста на храната:
  • Фрагментиран систем - каде што одговорноста за креирање, следење и одговорност  за безбедност на храната е поделена во различни министерства, дирекции итн. Овој систем нема позитивни страни, а негативни се: фрагментираност и не-координираност помеѓу телата што се одговорни за безбедноста на храната, не-еднаква примена на законските одредби итн. Овој систем беше присутен во Република Македонија се до формирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство.
  • Унифициран систем. Кај овој систем постојат две варијанти - сите тела за контрола да се под едно Министерство (што е полоша варијанта) или под Агенција (што е подобра варијанта). Позитивните страни на овој систем се: униформа примена на мерките за безбедност на храната, подобрена ефикасност на трошоците за контрола на безбедност на храната, хармонизирање на системите и стандардите и другите мерки за контрола на безбедноста на храната. Негативни страни се: монополизација на системот, големи шанси за појава на нетранспарентно работење и можност за појава на корупција.
  • Интегриран систем. Овој систем подразбира формирање на тело, институција, организација што е независна од: Владата, прехранбената индустрија и специфичните секторски интереси. Ова е најдобриот систем, затоа што не постојат негативни страни, а позитивни се: транспарентност на системот, опфаѓање на целиот синџир на храна, функционално разделување помеѓу проценката на ризици и управувањето со ризици и создавање на механизам за координирана имплементација на сите активности за контрола на безбедноста на храната.
-Во момeнтов ние располагаме со систем за контрола на безбедност на храната кој во светот се класифицира како средно решение, односно имаме унифициран систем за контрола на безбедноста на храната и тоа со подобра варијанта - постоење на Агенција за храна и ветеринарство. Овој систем е многу подобар од фрагментираниот и со овој систем ние спаѓаме во еден круг на земји со добар систем за контрола на безбедност на храната. Како и да е, да не заборавиме дека АХВ се формираше неодамна, односно во 2011 година и дека таа се бори со разни проблеми во однос на: континуирано усогласување со Европското законодавство, недостаток на кадри (затоа што мора да ја покрие целата територија на државата) итн. Како и да е, секако дека треба да се стремиме да формираме интегриран систем за контрола на безбедност на храната, со што би застанале рамо до рамо со најразвиените земји во светот, вели професорот Какуринов. Николовски бара одговорност, Поповски тврди –законот не е прекршен Дополнителниот заменик –министер за земјоделство Николовски обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарсто лани пет месеци не го спроведувала мониторингот за безбеднсот на храна поради тоа што немала склучено договоро за лабораториски услуги со Факултетот за ветеринарна медицина, Фитосанитарната управа и Институтот за јавно здравје. Диртекторот на АХВ Поповски, потврди дека во тој период немале склучено договор, но проблемот го лоцираше во новиот систем за јавни набавки. А препукувањата меѓу Николовски и Поповски не запираат. Вчера Николовски посочи дека одговорност мора да се понесе затоа што никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните. - Никој не бил поштеден. Не се испитувала ниту храна за доенчиња, храна за медицински цели, ниту лесно расипливите продукти бидејќи токму мониторинг програмите предвидуваат испитувања на овие производи во летните месеци. Контролата на храната за која се правда министертвото е само дел од овие мониторинг програми но без земање примероци и вршење на анализи, не може да се знае состојбата со безбедноста на храната, изјави Николовски. Директорот на АХВ Поповски тврди дека монитрингот може да се прави во било кој период од годината и дека контролата на храната е на беспрекорно ниво. - Можам да гарантирам дека храната е безбедна, бидејќи пред се` ја извезуваме во Европската унија. За извеземе храна во ЕУ ние ги постигнуваме европските стандарди. Тоа е доволна потврда дека храната која ја конзумираме е безбедна на највисоко ниво. Не е прекршен законот и не гледам дека некој треба да понесе одговорност, бидејќи мониторингот се спроведува. Воопшто нема потреба некој да понесе одговорност бидејќи храната е безбедна таа се контролира и се извезува, изјави директорот на АХВ Поповски. Во 2014 година при мониторингот од вкупно 1.133 земени примероци, само 22 содржеле штетни материи над дозволените граници, што е процент понизок од европскиот просек. Но токму мониторинг програмата самата Агенција ја посочи како клучен механизам за утврдување на квалитетот на производите, во периодот кога излезе аферата со пронајдената бактерија листерија во дел од македонските сувомеснати производи, како и афлатоксинот во дел од увозните млека. Т.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?