23 Март, 2019
0.5221
    ADIN 691    0%     ALK 8430.59    0.36%     GRNT 826.25    2.01%     KMB 5672.66    -0.24%     MKSD 211    -0.27%     MPOL 389    0%     MTUR 5030    -1.37%     RMDEN17 98    -0.28%     RZLE 18    -14.29%     STB 1180    -1.31%     STIL 112.87    -0.99%     UNI 2300.35    0%

Христијан Мицкоски во 2018 - Новиот лидер или жртвено јагне

Објавено во: Анализа 31 Декември, 2018

Христијан Мицкоски во поголемиот дел од годината која изминува беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ, избран на контроверзниот партиски конгрес во Валандово како единствен кандидат кој имаше регуларна апликација. 2018 година беше силен предизвик за Мицкоски да воспостави сопствен идентитет како наследник на Груевски, да ја крене партијата по тешкиот нок-даун на локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ претрпе тежок пораз, но и да го дефинира опозициското делување во Македонија.

Забележливо е дека Мицкоски веднаш ја наметна својата улога како нов лидер. Неговите митинзи и јавни настапи се полни со емоции, тој иако е фан на математиката не калкулира да прикаже ранливост, особено кога се обидува кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да им го крене чуството на национална гордост. Мицкоски знае и да запее патриотски песни на партиските собири, да клекне на нозе, да се запраша кој е тој да му каже на народот какви одлуки да донесе.

Сепак, неговото лидерство не добива премногу брзо на препознатливост. Тој можеби има највисок рејтинг меѓу активните политичари на ВМРО-ДПМНЕ, но истиот на повеќето анкети е за една две третини понизок од рејтингот на Никола Груевски. Во јавноста се уште има впечаток дека Мицкоски беше лично избран од „пастирот“ за да го води „вмровското стадо“, па така и тешко кај неопределените или кај разочараните гласачи од актуелната власт добива симпатии со оглед на последиците кои ги остави десетгодишното владеење на Груевски.

Мицкоски не успее директно да расчисти со минатото и одлуките на претходното партиско раководство, ниту пак дозволи премногу да се реформира партијата која не изгласала нов Статут како што бараа „Реформаторите“. Тоа што Мицкоски успеа е да го расчисти партискиот двор од кадрите кои пред јавноста и пред верното гласачко тело се „заортачија“ со Вицето и Зоран Заев. Писмената преписка со Сашо Мијалков, партискиот бард, стравот и трепетот на некогашната тајна полиција, моќниот бизнисмен кој има замешано прсти во секоја политичка манџа и играчот од сенка, на површина ги извади внатрешните судири во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа резултираше со партиска чистка во која настрадаа Нино Тодоров и Митко Јанчев. Иако никој не сакаше да говори јавно силно се тврдеше дека бил подготвуван и „пуч“ во Белата палата каде професорот требало да биде заменет со кавадаречкиот градоначалник.

Мицкоски ја консолидираше екипата околу него која треба да му донесе верност, поддршка и водство на политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Маана во овој процес е што го угуши реформаторското крило кое силно се залагаше да се излезе на референдумот и да се гласа против Преспанскиот договор. Мицкоски ја активираше „метлата“ и за пратениците кои свртеа грб на партијата и во Собранието гласаа за процедурата за уставните измени кои и по договорената амнестија сосема извесно е дека ќе бидат финализирани.

Остана да виси во воздух и односот на Мицкоски со пребеганиот или како некои што сакаат да кажат барателот на азил Груевски. Имаше ли лидерот на опозицијата удел во некаков поголем договор кој му овозможи на Груевски без поголеми потешкотии да ја напушти Македонија, кои ќе бидат обврските на ВМРО-ДПМНЕ кон процесот кој го води власта за помирување, дали тоа значи дека премолчено ќе се дозволи Договорот од Преспа да помине без дополнителни опструкции, народни немири и инциденти?

Секако, бегството на Груевски не може да го оцрни сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи одговорноста ја има власта и државните институции, без оглед дали имало или не политички договор. Не треба да се потцени дека илјадници граѓани и натаму се колнат во Груевски за кои тој е херој и вистински државник кој го бранел македонското име и не потклекнал пред странските притисоци, па така и не би требало истите да му се лутат на Мицкоски за било што.

Мицкоски во 2018 година најголем проблем имаше за време на референдумската кампања. Неговото одбивање да соопшти јасен и прецизен став за референдумското прашање го тестираше трпението на јавноста, додека пак меѓународната заедница која активно се вклучи во лобирањето да се гласа ЗА го стави во одредена изолација. Референдумот пропадна, уставните измени започнаа, амнестијата се изгласа, па така од сите овие битки Мицкоски може да ги залечи добиените рани бидејќи веќе нема никаква поента да се разговара дали требало да се гласа ЗА, Против или да се „апстинира“.

Најголемата победа за Мицкоски малкумина ја согледаа во изминатиот период. Тој најуспешен беше во скротување на движењето „Бојкотирам“ кое веќе се лизга од рацете на хазардери како Јанко Бачев. Блокадите, секојдневните собири и протести полека но, сигурно се оцртуваат како неформални активности поддржани од Белата палата, па така нема простор за некоја нова десничарска партија која сега би имала сила водена од еуфоријата за бојкот на референдумот за да го предизвика Мицкоски.

Засега позицијата на Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ е сигурна и без присуство на Груевски и Мијалков во негова близина не може така лесно некој да го претвори во жртвено јагне кои кратко би ја водело партијата се додека некоја партиска струја не преовлада и постави ново решение за партиски претседател. Во однос на битката со власта Мицкоски има доволно материјал, но му недоставува наратив кој ќе ги убеди неопределените, разочараните и тие кои гласаат по заслуги дека ВМРО-ДПМНЕ е нормализирана партија која ако се врати на власт нема повторно да ги потопи медиумите, да ги загуши граѓанските слободи и партизира државата црпејќи ги максимално нејзините ресурси.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

Анализа: Дали премиерот ќе стане премоќен со новата Агенција за национална безбедност?

Анализа: Дали премиерот ќе стане премоќен со новата Агенција за национална безбедност?

Јавни опомени на Заев за стопениот рејтинг - Дали ризикот ќе се исплати?

Јавни опомени на Заев за стопениот рејтинг - Дали ризикот ќе се исплати?