И оваа година бесплатна бањско-климатска рекреација за пензионерите
Објавено во: Мои пари 18 Јануари, 2014
На бесплатна бањско-климатска рекреација и годинава ќе заминат околу 5.500 пензинери што им ја овозможува државата. За таа цел од Буџетот се обезбедени средства во износ од 38 милиони денари.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција со директорот на Фондот за пензинско и инвалидско осигурување Беким Незири, истакна дека заинтересираните пензионери до 14 ти февруари можат да поднесат барање за користење на услугата во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
- Услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември 2014 година, во траење од 7 дена и опфаќа: 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација, рече Спасов.
Пензионерите коишто користат и паричен надоместза помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација, а трошоците за сместување и исхрана ќе бидат на товар на Министерството за труд и социјална политика.
- Пензионерите кои што ја искористиле оваа услугата во претходните години немаат право да ја користат услугата во 2014 година. На тој начин се остава можност услугата да ја користат останатите пензионери кои во претходните години не биле опфатени со овој проект, посочи Спасов.
Бесплатната бањско-климатска рекреација годинава ќе може да се користи во Негорски бањи, Дебарски бањи, Катлановска бања и во „Цар Самоил“.
Овој проект според министерот е прифатен од пензионерите и пошироката јавност, а покажа дека има двоен ефект. Не само што се овозможува бањско климатска рекреација на корисниците на пензија туку истовремено се развива и бањско климатскиот туризам, а правните лица коишто ја сервисираат оваа услуга имаат сигурни финансиски приходи во текот на целата година.
Проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2014 година“ започна да се имплементира од 2010 година и заклучно со 2013 година услугите ги искористиле над 22.000 корисници на пензија.