Има ли ефекти од владините роуд шоуа или се е само шоу?
Објавено во: Анализа 07 Декември, 2012 07:40
Од Малезија, каде Македонија беше претставена како порта за влез на азиските компании на европскиот пазар, владината делегација отпатува за Германија во посета на Штутгард, Дизелдорф и Хановер, по што замина за Лондон на еднодневен британско -македонски форум. Таму посебен акцент беше ставен на инвестициските проекти во инфраструктурата, енергетиката, минералните суровини и ИТ- секторот.
Минатата година роуд шоуа имаше во Сингапур и Јапонија каде владина делегација присуствуваше на бизнис форум во Токио организиран од Јапонската надворешна трговска организација. Груевски беше и во Австрија, а крајот на годината ја заокружи со роуд шоу во Белгија и Холандија.
Годинава пак, премиерот заедно со владина делегација отпатува за Катар, Русија, Кина и скандинавските земји. Тоа практично значи дека Владата ја прочешла речиси секоја поголема земја во светот.
Од сите овие посети единствено Катарците и Индијците ја возвратија посетата од каде и стигнаа посериозни најави за инвестирање. Уште во Катар, нафтената компанија Катар Петролеум пројави интерес за изградба на 20 бензински пумпи во земјава а посетата на Индија пак, ги донесе претставниците на Сахара Груп, и тоа два пати. Веднаш потоа милијардерот Субрата Рој најави изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа за што веќе има изработено и проект.
Роуд шоу во Америка- два пати за неколку месеци
Пред два дена владиниот тим се врати од лов на инвеститори во САД, кој се случи втор пат по само пет месеци од последната посета на САД и Канада, каде што пред многу американски компании се претставија македонските бизнис- потенцијали. Економската презентација почна од Детроит пред компании од автомобилската индустрија па продолжи во Хјустон, Тексас, Лос Анџелес и заврши со Сиетл. Но, наместо конкретна најава за инвестиции, Груевски најави дека од јануари ќе испрати уште еден промотор во САД, кој на почеток ќе биде во Лос Анџелес, и ќе ги покрива или Хјустон или Сан Франциско, Тој ќе биде третиот економски промотор во САД, по тие во Њујорк, Детроит и Чикаго.
Премиерот многу пати има изјавено дека е задоволен од сите владини роуд шоуа и од тоа како се одвива фидбекот од самите компании кои биле заинтересирани за инвестиции во земјава.
“Резултатите од овие презентации пред странски инвеститори во повеќе држави или градови, најчесто доаѓаат по година, две откако компанијата добро ќе размисли, ќе анализира, ќе го развие бизнис планот и слично. Но, првите сигнали од овие презентации се добри, затоа што имаме брзо доаѓање на компаниите во земјата за да ги разгледаат условите, да побараат бизнис партнери, да разговараат со бизнис заедницата, со стопанската комора“, изјави неодамна премиерот Никола Груевски.
За опозицијата пак, роуд шоута се залудно инвестициско фијаско оти Владата повеќе трошела пари за да ги убеди инвеститорите да дојдат во земјава отколку што реално привлекла инвестиции. Владата се правда со кризата во Европа и во светот посочувајќи дека сепак странските инвестиции во земјава за периодот од 2007 до 2012 година изнесувале милијарда и 550 милиони евра, што било двојно повеќе од вкупниот прилив на странските инвестиции во периодот од 1990 година до 2005-та година.
Досега не е откриено колку чини едно роуд шоу, но се знае дека секој министер, за своето учество во планираната делегација, трошоците си ги сноси од буџетот на сопственото министерство. Груевски на разните роуд шоуа најчесто предводи бројна делегација, во чиј состав вообичаено се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и директорите на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Посетени земји за две години: Катар,Индија,Кина,Италија,Финска, Шведска, Данска,Холандија, Белгија, Франција, Австрија, Велика Британија, Норвешка,САД, Канада,Турција, Малезија, Сингапур, Јапонија и Русија
Најави за инвестиции или соработка: Субрата Рој ( Индија), изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа; Катар Петролеум (Катар), изградба на 20 бензински пумпи, инвестиции во трговија со нафта, докапитализација на ЕЛЕМ; Катар Ервејс (Катар), директна линија Доха- Скопје; Јапонија- можност за финансирање на систем за десулфуризација на РЕК Битола и изградба на колекторски систем на Охридското езеро; Русија- најава за вклучување на Македонија во проектот за гасоводот Јужен поток; Кина- посебна слободна економска зона за кинеските компании; САД- најава за потпишување меморандум со менаџментот на неколку клинички болници за испраќање македонски лекари на обуки за лекувања што не се применуваат во Македонија.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





