Добивај вести на Viber
Србија очекува дека Македонија најдоцна за месец и половина ќе ја укине мерката за ограничен увоз на пченица и брашно, Македонија најави решавање на проблемот во разумен рок. По вчерашната итна седница на ЦЕФТА, двете земји излегоа задоволни од исходот, но со различни изјави. Заменикот на српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Бојана Тодоровиќ изјави дека со оглед на тоа што се работи за специфичен производ, Македонија би требало да ја укине мерката за месец и половина.
- Предложивме одредени заклучоци. Сите членки на ЦЕФТА ги прифатија аргументите на Србија, дека мерката на Македонија не е во согласност со ЦЕФТА договорите и дека е потребно нејзино итно укинување. Македонија не сакаше да ги прифати овие заклучоци. Но на крај после долготрајни разговори, добивме ветување, односно Македонија се обврза да ја укине мерката во разумен рок. Србија доби потполна поддршка од сите членки, кои беа едногласни за македонската мерка, изјави вчера за српските медиумиТодоровиќ
Во Македонија нема временски одредници
И додека српскиот тим, дури го прецизираше рокот, македонскиот тим не калкулираше со временски одредници.
- Во разумен рок од страна на Република Македонија ќе биде надминат овој проблем . Ние формиравме една работна група од страна на Република Македонија и Србија, со која на неделна база ќе се консултираме со цел да се надминат овие проблеми во еден краток односно разумен рок, изјави вчера заменик министерот за економија, Христијан Делев.
Од друга страна само пред три дена министерот за земјоделство Љупчо Димовски излезе со изјава дека мерката останува да важи до крајот на годината, односно до стабилизација на пазарот.
- Мерката не се однесува посебно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија, која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Взаемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката- изјави Димовски.
И во изминатиот период додека трае овој трговски спор, двете земји и покрај состаноците и јавните изјави дека постигнале компромис, тоа различно го пласираа. Така пред две недели во посета на македонскиот министер за земјоделство, дојде српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, кој по состанкот изјави дека Македонија ќе ја укине мерката за ограничен увоз.
- Се договоривме македонската Влада да започне процедура за измена на постоечката одлука за ограничен увоз на брашно и пченица од други земји, заклучивме дека е добро еднаш неделно Србија и Македонија да се консултираат за техничките и практични проблеми од областа на увозот и извозот и заемно да се решаваат, да ги отсраниме сите вонцарински бариери кои ја спречуваат слободната трговија.Ако одлуката се промени ние секако нема да воведеме реципрочни мерки. Мислам дека договорот ќе биде испочитувам од двете страни, изјави во интервјуто за телевизијата 24 Вести, српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Расим Љаиќ
Секој влече на своја страна
Веднаш потоа македонските мелничари имаа состанок со министерот Димовски, кои изјавија дека на средбата не станало збор за никакво укинување на оваа мерка. Тогаш министерот им порача на мелничарите, овој период да го забрзаат откупот на домашната пченица, а како образложение беа посочени лошите временски услови. Тогаш извори за Фактор коментираа дека зад забрзаниот откуп на домашната пченица се крие друга причина- колку побрзо се собере домашниот род, толку побрзо ќе може да се укине мерката и дека мерката ќе се укине порано од лани, односно наесен, што всушност се поклопува со рокот кој е договорен на вчерашниот состанок на ЦЕФТА.
Постои ли навистина компромис, дали стабилизацијата на пазарот ќе се случи за месец и половина или се е политичка фарса? Засега овие одговори се исто толку непознати, колку што се и изјавите на политичарите од двете земји.
Речиси еден месец двете земји не попуштаа и стоеја на своите ставови- дека ниту една не ги прекршила договорите на ЦЕФТА. Медиумите особено српските беа преполни со закани дека Србија ќе го ограничи увозот на македонско вино и домати. Македонија пак не се бореше толку жестоко. Дури по неколку дневни најави за контра мерки од Србија, министерот Димовски излезе со став дека мерката е согласно законот за Земјоделство и рурален развој и дека Македонија не ги крши правилата на ЦЕФТА.
Србија и сега цврсто стои на ставот дека, во случај Македонија не го испочитува ветувањето, односно не ја укине мерката за месец и половина, Србија веднаш ќе воведе контра мерки, со кои би ја компензирала загубата која што сега ја трпи поради македонската мерка.
Ј.С
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.