20 Септември, 2020
0.0447

ИМАЛО ЛИ ЗАИНТЕРЕСИРАН ИНВЕСТИТОР - кој сакал да достави понуда за Еуростандард банка?

Објавено во: Економија 14 Август, 2020

За купување на Еуростандард банка бил заинтересиран сериозен инвеститор, дознава Фактор од банкарски кругови. 

Која е банката или фирмата што сакала да ја купи Еуростандард, нашите извори не откриваат, само се тврди дека инвеститорот бил бонитетен, за што оценка дала и реномирана странска ревизорска куќа.

Дали за Еуродтандард банка имало заинтересиран купувач, и дали не можело да се направи обид со опцијата продажба на банката, наместо нејзино затворање, Фактор ја праша и Народна банка на Македонија.

Од централната банка засега нема одговор, но ветуваат дека оваа, како и други отворени дилеми на оваа тема, ќе бидат одговорени во наредниот период. 

Информациите на Фактор говорат дека заинтересираниот инвеститор до денеска заклучно со 15.30 часот требало да достави обврзувачка понуда до Народна банка за Еуростандард. Обврзувачка понуда, според нив, значи дека тој не би отстапил од купување на банката, како и да ја понуди својата цена, условите за купување, програмата за ревитализација и слично.

„Тоа ќе значеше дека ако овие понудени услови беа прифатливи за централната банка, постоеше опција да се склучи зделка, а доколку не, тогаш ќе станеше дефинитивно јасно дека нема ништо од продажба на банката, па немаше ништо да се смени доколку се почекаше денеска во 16.30 часот да се објави дека се укинува лиценцата за работење на Еуростандард банка“, вели нашиот извор. 

Според истите извори, со овој инвеститор се воделе интензивни преговори за продажба на Еуростандард банка, а со нив биле запознаени и високи кругови во државата.

НЕ СЕ УСПЕАЛО ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ ЦЕЛОСНО ДОКАПИТАЛИЗАЦИЈАТА

Народна банка на Македонија, пак, ја извести јавноста дека со супервизорското следење на банката во 2019 година, кај Еуростандард банка утврдила недостиг на капитал, односно поткапитализираностпоради што презеле повеќе мерки, a една од клучните мерки била барање за докапитализација на банката. 

„Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети“, децидни се од централната банка.

Според сознанијата на Фактор, пак, банката требало да се докапитализира со вкупно 15 милиони евра, од кои 10 милиони требало да се вложат до крајот на минатата година. Тоа и било сторено согласно со договореното. Ова го подврди и самиот сопственик Трифун Костовски, во интервјуто што го даде за Фактор во декември минатата година.  

За докапитализацијата рече дека таа била од пари на семејството, односно од средства на нивни фирми. 

„Тоа се нови десет милиони евра кои што се влезени. А најверојатно, можно е уште да ја докапитализираме, бидејќи имаме намера да ја зголемиме и активноста на банката уште со некои додатни пет до десет милиони евра, што ќе ја стави во редот на силните средни банки, со тенденција да порасне и понатаму“, нагласи Костовски во интервјуто за Фактор.

Според обврските за докапитализација, заклучно со 30 април требало да бидат вложени уште пет милиони евра.

Нашите сознанија говорат дека во јануари годинава сопственикот обезбедил и ја докапитализирал банката со уште 1,5 милиони евра, но не се успеало да се обезбедат преостанатите потребни уште околу 3,5 милиони евра, а како причина за тоа се наведува кризата со пандемијата со коронавирусот, која го оневозможи нормалното работење на компаниите, а со тоа и обезбедувањето на средствата.

Од НБМ, пак, велат дека „неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалиле стапката на адекватност на капиталот на Еуростандард банка под два отсто“. 

„Со тоа, согласно со Законот за банките, Еуростандард банка е несолвентна. Поради ова, Народната банка до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во Еуростандард банка“, соопштија од НБМ на вонредната пресконференција, на која го обзнанија укинувањето на дозволата на банката на бизнисменот Костовски. 

Од НБМ тврдат дека со отворањето на стечајната постапка, се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите на Еуростандард банка. 

А Фактор разговараше со експерти за стечајна постапка, кои укажуваат дека стечај врз банка е многу специфична работа. 

КАКО И ВО КОИ РОКОВИ СЕ ОДВИВА СТЕЧАЈ НА ЕДНА БАНКА

Како всушност треба да се одвива стечајот врз една банка, овие експерти ни помогнаа со укижување на законските прописи.

Судот донесува решение по предлогот за отворање стечајна постапка на банка најдоцна во рок од три работни дена од приемот на предлогот, без спроведување на претходна постапка.

Според НБМ, предлогот за стечај требаше да биде испратен до судот во текот на вчерашниот ден.  

Решението за исполнување на условите за отворање стечајна постапка на банката се доставува до банката која ги исполнува условите за отворање на стечајна постапка, банката која ја презела исплатата на осигурените депозити, предлагачот, Фондот за осигурување на депозити и Министерството за финансии, во рок од три дена од денот на донесувањето.

На стечајна постапка на банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку поинаку не е определено со Законот за Банките.

За стечаен управник на банка може да биде именувано лице кое ги исполнува условите предвидени во Законот за стечај и кое согласно со одредбите од Законот за банките ги исполнува условите за член на управен одбор на банка

Стечајниот управник е должен во рок од десет дена по објавувањето на огласот за отворање на стечајна постапка во "Службен весник на Република Македонија“, записнички да ја утврди состојбата на сите побарувања и обврски на банката во стечај на денот на отворањето на стечајната постапка на банка и записниците да и ги достават на Народната банка. 

Записниците, Народната банка ги проверува и е должна да му ги достави на судот кој ја води стечајната постапка и на Фондот за осигурување на депозити, најдоцна во рок од десет дена по приемот.

Рокот за пријавување на побарувањата на доверителите, одреден со решението на судот за отворање на стечајна постапка на банка, не може да биде подолг од 20 дена, со тоа што истиот не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банката и истите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка на банката.

Со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити.

Пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.

Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

Секоја продажба на имотот на банката во стечај претходно треба да биде одобрена од страна на одборот на доверители.

Во стечајна постапка над банка, меѓу другото, не се применуваат одредбите на Законот за стечај со кои се уредува постапката за реорганизација и личното управување.

Според правни експерти за стечај кои ни помагаа, на овој начин би гтребало да се одвива стечајната постапка на Еуростандард банка.

ОБЕСШТЕТУВАЊЕТО НА ШТЕДАЧИТЕ ТРЕБА ДА ПОЧНЕ ЗА 20 ДЕНА

А од Фондот за осигурување на депозити, пак, до јавноста соопштија дека граѓаните би требало своите штедни влогови, како и месечните примања, да почнат да ги добиваат за максимум 20 дена. 

Затворањето на банката разочара многу штедачи и приматели на пензии, плати, социјална помош и други приливи, кои немаа начин како да дојдат до своите средства, а велат дека 20 дена за нив се многу без приходи.

„Фондот за осигурување на депозити ги известува сите физички лица – депоненти на Еуростандард банка дека обесштетувањето по основ на вкупни депозити кои ги имаат во Банката ќе започне во рок од 20 дена иќе се изврши во согласност со законските прописи“, соопштија од институцијата која е задолжена за обесштетување на штедачи.

Фондот ги обесштетува осигурените депозити, но не повеќе од денарска противвредност од 30.000 евра по депозит во банка пресметани по средниот курс на Народната банка на 12 август, 2020 година. 

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката. Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.

Според состојба на 31 јули, во банката имало 136.619 депоненти. Од нив, 780 депоненти нема да бидат обесштетени или нема да бидат во целост, бидејќи имале над 30 илјади евра. Во банката имаше штедни влогови од 71,5 милиони евра.

Штедачите кои имале над 30 илјади евра, исто како и другите доверители, ќе си ги очекуваат парите од стечајната маса. 

А и Македонски Пошти се без платен промет по пропаѓањето Еуростандард банка. 

Мора итно да се потпише договор со друга банка, најавува генералниот директор на поштите, Ејуп Рустеми. Поради склучениот договор со пропаднатата банка, од вчера во пошта не може да се наплаќаат сметки за струја, комунални услуги, да се врши исплата на пензии и социјална помош. Рустеми сега вели дека сега на потег се Владата и Народната банка.

Бизнисменот Трифун Костовски за денеска најави пресконференција, а за Фактор изјави дека НБМ играла двојна игра и со строгите мерки во текот на цела година не и дозволувала на банката практично да работи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Трифун Костовски: Се слушнав со Заев, но остана недоречен

Трифун Костовски: Се слушнав со Заев, но остана недоречен

Груби: И Македонците ќе може да се вработуваат со субвенции каде што се помалку застапени

Груби: И Македонците ќе може да се вработуваат со субвенции каде што се помалку застапени

ССМ со четири предлози до Владата за надминување на ковид-кризата

ССМ со четири предлози до Владата за надминување на ковид-кризата

Тајкуните во САД побогати за 845 милијарди долари во кризата

Тајкуните во САД побогати за 845 милијарди долари во кризата

Одржана 36. сесија на Клубот на истражувачите

Одржана 36. сесија на Клубот на истражувачите

А1 Македонија: Зачуваниот мобилен интернет може да го размените за друга услуга

А1 Македонија: Зачуваниот мобилен интернет може да го размените за друга услуга

Јосифовски побара од Бесими да се укине царината за увоз на природен гас

Јосифовски побара од Бесими да се укине царината за увоз на природен гас

Мукаетов до Бесими: Да не плаќаме двојно данок за дополнителното здравствено осигурување на вработените

Мукаетов до Бесими: Да не плаќаме двојно данок за дополнителното здравствено осигурување на вработените

Десет милиони евра од државата како гаранции за кредити на фирмите

Десет милиони евра од државата како гаранции за кредити на фирмите