Добивај вести на Viber
Географската одредница “Повардарски” под која ќе се извезуваат македонските вина, е најбезболната варијанта за справување со грчките сопки, коментираат дел од агроекономистите. Според експертите тоа нема да влијае врз континуитетот на извозот на македонското вино, но на почетокот може да го забави. Порачуваат, винарниците интензивно да работат на промоција на новата географска одредница за вината.
- Земјите каде што извезуваме вино и потрошувачите се навикнати на називот македонско име, сега одредницата е “повардарско”, и тоа може да внесе забуна на пазарите во странство, но мислам дека ќе се надмине. Затоа винарниците сега треба да имаат агресивна кампања и промоција и да ги запознаваат земјите увознички со новата географска одредница, да им покажат дека се работои само за друг назив, квалитетот и сортите се истите. Најважно е винарниците сега да го задржат препознатливиот квалитет на виното. Мислам дека одредницата за географско потекло е добра за македонските вина, впрочем сите странски вина се со географски одредници од познатите вински региони во светот. А одредницата “Македонија” или “македонски “е веќе земен од Грција, и тие постојано ни правеа сопки во извозот токму поради одредницата “македонски”, вели агроекономистот Борис Анакиев.
Грција во 1989 година искористувајќи ја предноста како членка на ЕУ, го заштитила името “Македонија” ( Македоникос), како свој термин за потекло на дел од грчкото вино, и под одредницата “македонски” се извезуваат дел од грчките вина.
Грција и досега правеше проблеми
Грција досега правеше проблем за извозот на македонското вино во земјите членки на ЕУ. Така пред две години, поради употребата на одредницата “македонски” или “Македонија” на етикетите на винските шишиња, под притисок на Грција голем дел од македонските вина беа повлечени од продажните места во Словенија и Германија. Грција тогаш регираше и до Европската Комисија, од која побара да и нареди на Македонија, нашите винарници да не ги употребуваат географските одредници “македонско” или “Македонија” на винските шишиња.
Тогаш македонските надлежни институции беа убедени дека проблемот ќе се реши, дури увеуваа дека постои можност и двете земји да ја користат истата географска одредница. Поточно, познавачите на проблематиката објаснуваа дека Македонија е голем регион на кој има неколку држави, па затоа и не може само Грција да го користи тој назив. Но оваа варијанта се покажа како неуспешна, а грците не отстапуваат од своите ставови. Дури и странските експерти кои присуствуваа на промоцијата на новата географска одредница за македонските вина, изјавија дека засега е невозможно да се зборува за можноста за користење на одредницата “македонски”.
- Сеуште е рано да се изврши регистрација на името македонски, оти токму за овој назив знаете дека се води спор на повисоко политичко ниво. Поимот “Повардарски” е уникатен однесува само за вашата држава. Така ќе немате проблеми при пласманот во Европа, изјави Фредерик Џулиа, експерт за вино Организацијата за храна и земјоделство ФАО.
Извозот со новата одредница почнува до крајот на годината
Извозот на вината со новата географска одредница треба да почне да крајот на годината. Логото е дефинирано, а следниот период треба да се изврши регистрација на географската одредница во земјава, а потоа и во Европската Унија. Во изработката и осмислувањето учествуваше здружението “Вина од Македонија”, во кое членуваат најголемите извозници на вино. Од здружението сметаат дека со географската одредница македонските вина ќе имаат поголема вредност на странските пазари, бидејќи токму одредниците за географско потекло се тие кои ги прават препознатливи на пазарот светските брендови на вина. Со одредницата “Повардарски”, се издвојува и промовира најголемиот вински регион во земјава.
- Географската ознака „повардарски“ ќе има големо значење од историски аспект, посебно за комерцијалниот сегмент и како предводник на многу други географски ознаки од македонската винарска индустрија и од други индустрии кои ќе се генерираат со текот на времето, изјави владислав Попов, сопственик на винаријата “Попов” и претседател на здужението “Повардарски”.
Виното е еден од главните извозни продукти
Новата одредница засега ја имаат само девет винарници. Од здружението Повардарски велат дека доколку дел од винарниците не ја прифатат оваа одредница ќе мора да регистрираат друга, која треба да биде прифатена и од ЕУ. Одредницата за географското потекло подразбира јасни критериуми на производство, количини дозволени сорти, начин на винификација, односно целиот процес до неговото флаширање. Досега од регистрираните 80 винарници, само дваесеттина имаат подготвено елаборат за географска ознака на вината, a тоа е еден од условте за пласман на виното. Виното е меѓу првите извозно ориентирани гранки. Лани се извезени 16.552.139 литри вино во шишиња во вредност од близу 17 милиони евра, и 98.608.953 литри наливно вино во вредност од над 38 милиони евра.
Ј.С
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.