ИНФЛУЕНЦА А/Н3 И ДРУГИТЕ ВИРУСИ ГИ НАПОЛНИЈА ЧЕКАЛНИТЕ: Температура над 39, треска, упорна кашлица, д-р Попова Спасеска со сите детали
Објавено во: Македонија 11 Јануари, 2023 08:09
Речиси и да нема семејство во кое нема заболен од грип или друг вирус, а потоа многу лесно се заразуваат и останатите членови. Луѓето се жалат на многу висока температура, треска и болки во мускулите. Кај некои настануваат сериозни компликации на респираторните патишта.
Последните податоци
за заболени од повеќе типови на сезонски грип покажуваат дека пикот се уште не
е достигнат, а бројките се од последната недела во декември заклучно со 1. јануари
2023. До овој период има вкупно 930 регистрирани пациенти со инфлуенца. Според Институтот
за јавно здравје, во текот на 52-ра недела од 2022 година, односно од 26.12.2022
до 01.01.2023, во Македонија се пријавени 347 случаи на групни пријави за
заболени од грип/заболувања слични на грип, 96,0% повеќе во споредба со
претходната недела. Истовремено, како што стои во извештајот н ИЈЗ, во текот на
52-ра извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, пристигнаа
257 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно
тестирани за грип и КОВИД-19.
-Притоа, детектирани се 30 (11,7%) позитивни случаи, од кои 28 се Influenza A/H3 и регистриран е по еден случај А/Н1 и А несубтипизиран.
Во декември се регистрирани 786 случаи со грип, што е најмногу од почетокот на сезоната кога инфлуенцата зема замав, но се очекува и повисок број, бидејќи пикот не е достигнат.
-Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се и две починати лица асоцирани со грип, од Скопје и Штип, двете од возрасната група од 15-64 години, со регистрирани коморбидитети и невакцинирани со вакцина против сезонски грип, се покажуваат последните податоци на ИЈЗ.
Според лекарите, бројот на заразени со сезонски грип е многу поголем, бидејќи голем број од пациентите, сосема слично како и со короната сами си се лекуваат дома. Д-р Македонка Попова Спасеска од ПЗУ „Мастеса“ вели дека глава не може да кренат од пациенти, особено по новогодишните празници.
-Полнењето на
амбулантите почна пред празниците, но знаете како е, секој се држи до
последниот атом да може да ги помине сите веселби, приеми, славења, е потоа
кога организмот се опушта, вирусите се најсилни. Сега е преполно. Имаме
пациенти заразени и со грип, и со корона, и со други вируси, синицијалниот на
пример. А фактор број еден за „царување“ на овие заболувања е времето кое
досега беше исклучително топло за овој период од годината, како и како и
екстремното загадување на воздухот. Затоа и најголем број заразени има во
Скопје и во Тетово, градови во кои постојано има зголемени концентрации на ПМ
честички, вели д-р Попова Спасеска.
Посочува дека
клиничката слика на пациентите воопшто не е лесна и дека речиси сите кои имаат
грип се „борат“ со многу висока температура.
-Пациентите креваат 39, па и над 39 степени температура. Имаат болки во мускулите, главоболки, течење на носот, болки во грлото. Кашлицата трае и повеќе денови, па и недели. Кај некои настануваат и сериозни компликации од грипот, така што лекуваме пациенти со бронхитиси, пневмонии, гнојни ангини. Станува збор за една тешка симптоматологија која клиничката слика на пациентите навистина сериозно ја усложнува. Проблемот е што луѓето не разбираат дека станува збор за навистина сериозно заболување и нивниот изговор е настинка. Но, не е така, затоа се полнат болниците. Освен тоа, не станува збор само за респираторни проблеми, тука се и цревните вируси кои прават комплетен дизбаланс во организмот, нагласува докторката.
Д-р Попова Спасеска истовремено појаснува дека ваквата состојба трае навистина долг период заради што и самото лекување трае најмалку 10-тина дена.
-Кога станува збор за вирусните заболувања, пациентот може по два дена да се чувствува подобро, но третиот ден повтроно да качи висока температура. Едноставно не поминува лесно. Треба да се одлежи, така велиме ние и тоа барем 7 до 10 дена. Потребна е дисциплина и да не се зема на своја рака разни лекарства, вели таа.
Инаку, најзагорзена категорија се дечињата и тоа најмалите, односно новороденчињата и оние најмногу до 4 години кои развиваат сериозни акутни респираторни инфекции или САРИ, поради што Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле е преполн.
-Најголем број на САРИ случаи (n=225; 41,3%), се пријавени од надзорното место ИБЗД Козле. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број на САРИ случаи (n=351; 64,5%) се пријавени од возрасната група од 0-4 година. Кумулативно, вкупен број на приеми во сентинел местата е 2.339 од кои 122 на интензивна нега. Од сите приеми, 23,3% се должат на САРИ. Најголемо оптоварување од 31,4% се бележи кај возрасната група од 0-4 години и 24,7% кај лицата над 65 години, покажува извештајот на ИЈЗ.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки
ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки




