Иницијаторот на бојкотот на маркетите во Хрватска: Ни самиот не очекував ваков револт
Објавено во: Економија 25 Јануари, 2025
Советникот на здружението на потрошувачи „Ало, инспекторе“ Јосип Келемен гостуваше на телевизијата N1 и го коментираше бојкотот на продавниците поради поскапувањата во Хрватска.
Да потсетиме дека иницијативата за бојкот потекнува од Фејсбук групата „Ало, инспекторе“ која е поддржана од Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), а оттогаш ја поддржуваат здруженијата за заштита на потрошувачите, синдикатите, политичките партии, па дури и министерот за економија.
„Исклучително сме задоволни и пријатно изненадени што граѓаните реагираа во толкав број за мирно да го изразат своето незадоволство. Луѓето се чувствуваат измамени и како будали. Дури и богатите не поддржаа, тие се чувствуваат исто и тврдат дека сега плаќаат сто евра за тоа што претходно било сто куни“.
Трговците и производителите не се најзадоволни, како и некои претприемачи. За цените се обвинуваат меѓусебно, па дури и трети лица.
„Велат дека продавниците немаат морал, што значи дека трговецот ќе направи се за да го зголеми профитот. Факт е дека мора да работат и да заработат пари. Никој од нив не очекуваше таков револт, особено што првпат луѓето решија вака да се обединат Додека во Америка се борат за секој потрошувач, овде не престанаа да ги креваат цените.
Што се однесува до виновниците... Луѓето не знаеја какви се маржите, каде е објавено тоа? Сега се е претставено. Можеби државата го знаеше ова, но зошто ништо не направи? Добро, трговците велат дека не се виновни, но што ќе направат потрошувачите, да го казнат добавувачот?“
„Слушнавме дека Владата го намалила ДДВ-то на одредени артикли. Трговците не ги намалиле цените. Зошто не се отвори механизам за да се види што се случило и што е проблемот? Механизмите за заштита на потрошувачите и надзор на пазарот не функционираа. Агенцијата за заштита на конкуренција спиеше со години.
Предупредивме за поскапувањата и никој не реагираше, потоа предупредувавме за поскапувањата во туристичката сезона, никој не реагираше. Тоа ескалираше пред празниците, потрошувачката се зголеми, а во меѓувреме сфативме дека цените се зголемија уште повеќе бидејќи трговците и добавувачите одлучија дека можат.
Решенијата се да се зголемат казните, да се зголеми надзорот и да се зајакнат механизмите за заштита на потрошувачите. Исто така, потребно е да се истражи дали има картелизација и како се формира цената на одреден производ“, вели Келеман.