05 Декември, 2025
0.0300

ИНТЕРВЈУ Арсов: Перспективите на Македонија во производството на тутун

Објавено во: Агробизнис 03 Мај, 2016 14:30

Добивај вести на Viber

Разговор со проф. др. Златко Арсов од Катедрата за специјално поледелство и тутун на Факултетот за земјоделски науки и храна

Фактор: Каква е состојбата на тутунопроизводството на глобално ниво?

Проф. др. Златко Арсов: Светското производство на тутун периодично бележи стагнација, а последните пет години се движи во рамките од 6 до 6,5 милиони тони. Балканските земји, меѓу кои ние а заедно со Грција, Бугарија и Турција сме најголеми производители и извозници на квалитетен ориентален тутун во регионот. Производство на тутун во ЕУ е базирано врз основа на одредени прописи од ЕУ - Заедничката земјоделска политика (ЗЗП). Во периодот 2007-2013 година, се јавија големи промени во политиката на ЕУ во однос на производството на тутун, што доведе до голем пад на производството во сите земји членки, а особено во соседна Грција. Паралелно со тоа, во последнава декада СЗО прави напори да се намалат површините под тутун, преку Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC – Framework Convention on Tobacco Control), но тоа успева само во развиените земји членки на ЕУ, додека во останатите делови во светот тоа не е така. Таму производството на тутун се одржува на стабилно ниво. САД, Аргентина, Индонезија и некои други земји, големи производители на тутун ја немаат ратификувано Рамковната конвенција за контрола на тутунот, НР Кина делумно, бидејќи сметаат дека со нејзината примена нивните стопанства би имале штета. Република Македонија, од 2006 година, е меѓу првите земји што ја има ратификувано оваа конвенција.  Сепак, во моментов Македонија произведува повеќе тутун и од Грција, што некогаш за нас беше недостижно.

Фактор: Што точно значи тоа за производството на тутун?

prof zlatko arsovПроф. др. Златко Арсов: Тоа со едноставни зборови би значело дека  ЕУ сметајќи дека ги почитува препораките од СЗО многу ги оштети своите производители на тутун - фармерите, но и различната пратечка, поврзана индустрија, и според одредени понови пресметки најмалку 200 000 лица на ниво на ЕУ ги загубиле работните места во тутунската индустрија, како резултат на затворени претпријатија за откуп и обработка на тутун, затворени фабрики за цигари (во Ирска, Холандија и други), големите забрани за пушење, претерано високите акцизи на тутунските производи и слично.

Фактор: Што точно подразбира оваа конвенција?

Проф. др. Златко Арсов: Во суштина Рамковната конвенција е насочена кон решавање на некои светски важни проблеми како што се: нелегалната трговија со тутун и тутунски производи, контрола на штетните состојки во цигарите и тутунскиот чад, трговијата на мало, големо и меѓународната трговија. Но, за жал, во еден дел (со членовите 17 и 18) се навлегува во правата на државите да го произведуваат тутунот и начинот како го произведуваат. Засега нашата држава не предвидува мерки за намалување на производството на тутун бидејќи поради осетливоста и социо-економскиот аспект, тоа прашање е оставено за понатаму, по евентуалниот влез на Македонија во ЕУ кога плановите за производството на тутун се усогласуваат со правилата на ЕУ. Понатаму, Рамковната конвенција поддржува и зголемување на акцизата на тутунските производи како истите би биле помалку достапни на пазарите, но друга страна имаме примери во светот каде наглото зголемување на акцизата предизвикува зголемување на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи. Од друга страна, додека Светската здравствена организација бара од земјите да го намалат производството на тутун, сега се залагаат и за воведување на регулатива со која производството на тутунски производи ќе стане речиси невозможно (член 9 и 10). Ваква регулатива би влијаела на Македонија од повеќе аспекти: уништување на тутунопроизводството и оставајќи многу луѓе без приходи, уништување на една важна индустрија која вработува значителен број на луѓе во производство и синџирот на снабдување, како и значително негативно влијание врз буџетските приходи. Затоа, иако важноста на оваа конвенција и заложбите на СЗО се неспорни, пред имплементација на вакви одредби во домашната регулатива, секогаш треба да се направи сериозна анализа за социо-економските импликациите од истите врз општеството.

Фактор: Како тоа е поврзано и се рефлектира на нас?

Проф. др. Златко Арсов: Општо земено во овој момент светските тутунски компании Македонија ја третираат како земја каде постојат поволни почвени, климатски и економски услови за производство на квалитетен тутун и тутунски производи, односно има економска предност над сите наши соседи. Намаленото производство на тутун во Грција како резултат на почитувањето на Заедничката земјоделска политика - ЗЗП на ЕУ, предизвика зголемен интерес на претпријатијата за откуп и обработка на тутун од Грција да основаат свои фирми во Македонија бидејќи пазарот за тутун во Грција се намали. Така веќе три фирми од соседна Грција работат во Македонија. Бугарија по влезот во ЕУ доби квота од 30 000 тони, која што мора да ја почитува, а пред 1990 година произведуваше и над 80 000 тони. Оваа ситуација би се изменила на полошо ако Македонија влезе во ЕУ. Тутунските компании ќе ја напуштат и не само тие, туку и многу други компании со странски капитал, бидејќи со влезот во ЕУ, Македонија би добила квота за производство на тутун, како што има добиено и Бугарија, без можност за корекција - зголемување, а субвенцијата по единица килограм би се заменила со субвенција по единица површина и воедно би се намалила, нормално би се изменила и севкупната економската политика.

Tobacco

Фактор: Како моментално се позиционира Македонија според производството на тутун во светски рамки?

Проф. др. Златко Арсов: Република Македонија се наоѓа на 30-то место по количеството на произведен тутун во светот, како и на 15-то место по вредноста на остварениот извоз на тутун во светски рамки. Најголеми увозници на тутун од Македонија се САД и Германија, односно тоа се мултинационални компании кои имаат фабрики во наведените земји.

Фактор: Дали се уште ориенталниот тутун е доминантен кај нас?

Секако, ние сме во категоријата на традиционални производители  на овој  тип тутун. Токму затоа, примарното производство на ориенталските ситнолисни ароматични тутуни има големо економско и социјално значење за нас. Македонскиот ориентален тутун, поради својот висок квалитет е многу ценет на меѓународниот пазар и заедно со тутунските производи претставува значаен извозен производ. Од ориенталските тутуни се одгледуваат типовите прилеп, јака, басмак и сосема мали количества од типот џебел. Денес над 99% од вкупното производство на тутун е ориентирано кон барањата на мултинационалните компании кои преку свои регистрирани фирми за откуп на суров тутун го обезбедуваат пласманот на ферментираниот тутун на странските пазари. Во сегашниот период, речиси целокупното производство на тутун се одвива кај индивидуалните земјоделски производители - фармери. Од 13-те земји производители на тутун во ЕУ, само Бугарија и Грција произведуваат ориентален тип на тутун.

Фактор: Што ќе се случи со тутунот во Македонија доколку треба да ги следиме плановите за производство согласно правилата на ЕУ?

Проф. др. Златко Арсов: Засега не би можел да се даде прецизен одговор. Гледајќи ги искуствата на Бугарија по влезот во ЕУ како земја со која имаме слично тутунско стопанство (сорти на тутун, сличен закон за тутун и друго) секако дека би имале пад во производството на тутун, можеби и на ниво до 10 000 тони годишно. Соодветна легална алтернативна, земјоделска култура која би дала приход приближно како тутунот во наши услови, засега не постои ниту кај нас ниту на светско ниво, иако во ЕУ многу се работело на такви проекти. Фармерите би биле најмногу оштетени, странските тутунски компании присутни со инвестиции кај нас ќе побараат други земји со поповолни економски услови. Индиректно, сето тоа би предизвикало поголема невработеност и понизок стандард.

Фактор: Што ќе се случи во спротивно, постои ли такво можно сценарио?

Проф. др. Златко Арсов: Второто сценарио според мое мислење е ако се одржи сегашната политика на субвенционирање  на примарното производство на тутун и сегашната економска политика без влез на Македонија во ЕУ, производството би се задржало на сегашното ниво со можност на негово постепено зголемување до 35 000 тони на годишно ниво до 2020 година. Количеството од 35 000 тони на тутун е можно да се достигне без некои особени напрегања во смисла на инвестиции, површини, човечки ресурси и слично. Во минатото количеството на откупен тутун од околу 35 000 тони неколку пати го имаме достигнато. За производство од над оваа бројка потребни се поголеми човечки ресурси, што во наредниот период не е извесно дека ќе ги има (стареење на популацијата и иселувањето на младите луѓе во градовите и во странство, што особено би ескалирало ако Македонија влезе во ЕУ, како што беше случај и со Бугарија). Закани секогаш постојат а тоа се различни случувања на надворешниот пазар, конкуренцијата од соседните земји производители на ориенталски тутуни (Турција, Грција и Бугарија) како и од некои далекоисточни држави. Ширењето на некои нови тутунски производи кои не се многу зависни од производството на тутун на нива како на пример таканаречените електронски цигари и слични производи, исто така е реална закана.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?