Што е заклучено по изборот на новата Влада зад затворени врати во Стопанската комора на Македонија
ИНТЕРВЈУ АЗЕСКИ: Заев вети максимална поддршка за бизнисот без разлика што ќе се случува понатаму
Објавено во: Економија, Интервјуа 11 Септември, 2020
Остануваме на констатацијата дека и понатаму јавниот сектор ќе го спасува приватниот, за после тоа приватниот сектор да може да го спаси јавниот сектор. Исто така договорено е да суетите се остават на страна, да може транспарентно да се зборува за се, што е поврзано со бизнисот и да се поддржи извозот, индустријата, кои ќе останат на нозе.
Ние сами не можеме. Нека помогне државата, па ќе враќаме.
Можеби е познат став, но ова тврдење на претседателот на Стопанската комора сега можеби има најдлабока суштина. Компаниите ја живеат една од најголемите економски кризи досега. Бранко Азески пак, секогаш отворено одговара за проблемите. Во интервју за Фактор зборува кои се клучните предизвици за сите фирми и домашни и странски, мали и големи, извозници и увозници и за што прво бараат од новата Влада.
„Не сакам само да бараме, треба и ние да сработиме - вели. Тој секогаш има доста да каже, сведочел на многу настани, лично учествувал во креирање на многу мерки. За тоа ќе зборува во својата најнова книга „Една слика илјада зборови“ со специјален економски прилог „Една бројка-остануваш без зборови“ која од печат ќе излезе следниот месец.
Во разговорот сепак зборуваме за актуелните проблеми. Вели дека штетите од кризата се во милијарди, ама се надева дека економијата ќе остане на нозе и така ќе ја дочека 2021 година. Бара владеење на правото – конечно во Македонија. Итни потези на Владата мора да се попис, децентрализација и образовни реформи.
Додека го правевме интервјуто не покани во новото возило Тесла на Македонски Телеком, за да покаже дека мора да дојде до преструктуирање на македонската економија во напредни технологии и додадени вредности.
Возилото кое има 550 коњски сили, кое е електрично, е одличен пример каде треба да се оди. Вели дека најсреќен би бил со тоа возило да оди директно на Економскиот Совет на Владата каде би требало да се отвори ова сериозно прашање.
Македонија, но и светот се соочени со еден предизвик од здравствен аспект. Ние не паметиме ваква криза која силно се рефлектираше врз економијата, иако во Македонија имаше економски предизвици и пред оваа криза. Кои се клучните проблеми со кои сега се соочува домашната економија, македонските фирми? И кои треба да бидат решенијата, ете да излеземе помалку ранети?
Азески: Во прашањето е содржан и одговорот, затоа што ако прашаме со кои предизвици се соочува македонската економија ќе констатираме дека клучните проблеми остануваат исти веќе 30 години. Тие се три пункта проблеми - односот на капиталот и трудот односно кај нас се уште работниците се незадоволни од работодавчите и обратно. Вториот диспаритет е прашањето на односот помеѓу работоспособното и издржуваното население и третиот е континуитетот на почитување на договорите при промена на власта. Ние не се обидовме околу овие прашања суштински да направиме значителен чекор напред. Често ја споменувам средбата со гувернерот на полската банка, според кој нема напредок во економијата ни 0,1 отсто ако нема правна држава. Кај, нас, самите констатираме дека не ни функционира правната држава и тоа е проблем. Од друга страна нема чекор напред и ако ние пред секои избори правиме дисконтинуитет во договорите кои се склучени. Тоа создава правна несигурност. Исто така клучно е прашањето за издржуваното и работоспособното насление и на крајот прашањето дека ние и по 30 години тешко сфаќаме дека живееме во пазарна економија во услови на конкурентност. Секое губење на време и на дополнителни средства значи губење на работни места и тоа е проблематично.
Како тоа да се смени, кога, како што велите не се сменило 30 години?
Азески: Ние во 2010 година создадовме модел за економски развој и секогаш кога ќе дојдат клучните поенти на неговото имплементирање доаѓаат и проблеми. Мислам дека тоа прашање ќе биде разрешено со преговорите со Европската Унија. Поглавјата течат почнувајќи од проблемите кои ќе бидат нотирани во државата. Првите коишто ќе се отворат ќе бидат околу функцинирањето на правната држава и со тоа очекувам да исчезнат сите проблеми кои го фаворзираат јавниот сектор во плаќањата и ја нарушуваат ликвидноста на приватниот сектор.
ПОМОШ СЕГА, ПА ЌЕ ВРАЌАМЕ
Сега сепак се соочуваме со економската криза. Колкави се досегашните „штети“ за македонските компании и во кои пунктови беше најголемиот удар?
Азески: Свесни сме дека ќе живееме со тој проблем, а тоа значи дека ќе се справуваме во од, под основното мото „Прво е човечкиот живот, а се останато после“.
Сепак ударот беше страотен, затоа што не беше најавен ниту предвиден. Не го предвидоа ни нобеловците, или пак најреномираните институции во светот. Овде зборувам пред се за економската криза. Беше голем удар, но можам да кажам дека ние се снајдовме. Особено со отворањето на коридорите и со зголемувањето на извозот. Тоа го покажуваат и бројките. Послабо се снајдовме со воспоставувањето на функционирањето на големите системи и компании, а најлошо се снајдовме таму каде државата ги затвори објектите и ги остави практично без работа извесно време и после долго се бараше решение како да се вратат.
Јас ќе се вратам на она што го кажав за вашиот ценет медиум пред шест месеци кога реков дека државата мора да им помогне сега на компаниите, за тие после да и помогнат на државата. Ние остануваме на таа основна девиза. Признаваме дека сами не сме способни да се справиме со кризата и бараме помош од државата. Ние сме подготвени после преку некои кризни даноци да партиципраме и тоа да се врати во буџетот односно тие средства да се користат за намени за кои биле предвидени. Мислам дека тоа е рецептот и по тој рецепт треба да се држиме.
Интервјуто е реализирано во судницата на Арбитражата при Стопанската комора на Македонија
Значи не очекувате драстично губење на
работни места во секторите кои и досега беа доста погодени, тие
имаат такви предвидувања, тој процес веќе и се случува.
Азески: Да, тие беа доста погодени, особено малите компании. Оние компании кои ние ги претставуваме имаат проблеми, но тие проблеми не се така изразени, за да биде доведена во прашање нивната егзистенција. Ќе се бориме, нема да се откажеме и мислам дека со помош на државата ќе успееме да ја дочекаме новата година на нозе. Тогаш треба промена на стратегијата односно форсирање на компаниите кои ќе бидат и натаму во полна кондиција за да можат да ги вратат тие средства кои ќе бидат употребени за намалување на ризиците.
ЗАЕВ Е ЧОВЕК ОД БИЗНИСОТ И ДОБРО ГИ СФАЌА ПРОБЛЕМИТЕ
Вие се сретнавте со Заев веднаш откако беше избрана новата Влада. Гледам имате некој оптимизам.
Азески: Ние имаме сега старо нов премиер со кој добро се познаваме. Претседателот на Владата веднаш по изборот дојде во куќата на бизнисот и кажа дека економијата му е приоритет. Тој е човек кој доаѓа од стопанството и има искуство во таа област. Тоа дава оптимизам дека во наредниот период заеднички ќе ја забрзаме реализацијата и имплементацијата на реформите. Побаравме што помалку да се гледаме, што повеќе да работиме. Што се однесува до реализација на конкретните активности, приоритетно бараме консензус по покрупните прашања и нивна целосна имплементација, меѓу кои за пописот, децентрализацијата, владеење на правото и ефикасна администрација, подобрување на условите за водење бизнис, процес на задолжителна консултација со бизнисот за регулативата од интерес за стопанството, поддршка на извозот и на инфраструктурата, пазарно ориентиран и функционален образовен систем.
Доколку новата Влада нема капацитет тоа да го направи, да биде фер и да го соопшти тоа на јавноста, со барање за итно распуштање на Парламентот како јасен знак дека не е во состојба да го направи тоа што мора да го направи.
Како ние ќе партиципираме во тој процес? Ние се обрзавме дека на овие заеднички цели нема да одговараме само со наши барања туку и ќе партиципираме со своите капацитети во нивна имплементација. Спортски кажано - каде што е ризично да подметнеме нога, но, да подметнеме и глава. Треба и да се создаде силно лоби кое ќе дава силна поддршка на реформиските прроцеси особено при интеграцијата во ЕУ.
Мора да се оди кон промени. Цени ќе има и цената мора да ја платиме.
ШТЕТА ВО МИЛИЈАРДИ
Колкава ќе биде цената од економски аспект?
Азески: Ќе биде мерена во милијарди. Мислам дека е најважно да се зачуваат најмногу животи и да се задржи костурот на македонската економија во чија структура значаен дел моментално имаат странските инвестиции којшто не само што се однесуваат коректно туку како членки на комората и најавуваат и неколку нови инвестиции. Тоа мора да се согласите во оваа време е добро, па и ние сме запрепастени како носат одлуки за проширување на капацитетите.
Сепак што е клучно сега прво да се стори. Кои се главните потреби на домашните компании во моментов?
Азески: Прво, ако не беше здравствената криза клучниот проблем што го имаат нашите компании ќе беше кадарот и тука бараме енергична акција на Владата со која целосно ќе се ревидира системот на создавање на кадар за потребите на стопанството и тоа без никаква милост и тактизирање, затоа што готово е сигурно дека кадарот што излегуваа од образованието не му е потребен никому, а посебно не на стопанството. Бизнисот ќе каже кои се неговите потреби, а не програмите да се прават за да се зачуваат работните места на професорите.
Втор сет мерки се околу ликвидноста. Клучен проблем е член 218 од Законот за извршување со кој им се дозволува на локалните власти да определат нужен минимум за функционирање на локалната самоуправа. Нормално, во изминатите години тој минимум секогаш стануваше максимум, па компаниите од приватниот сектор не можеа да наплатат ниту по 15 години. Владата пред две години направи сериозен исчекор, задолжувајќи се и помагајќи и на локалната самоуправа да се ослободи од долговите. И тоа беше добар потез. Меѓутоа принципот остана и тој понатака се злоупотребува. Практично кажано, државата толерира една „заштитена мечка“ - локални самоуправи, јавни претпријатија, разни сектори кој работат неефикасно и трупаат долгови, а на компаниите им вика, „можете да пукате но со гумени куршуми“. Тоа значи, тужете и чекајте 10 години да наплатите. Конечно, нашиот генерален став е дека по прашањето на ликвидноста и јавниот и приватниот сектор треба да бидат исти, да нема привилегирани, и да се води натпревар. Државните интереси нека се заштитат на друг начин.
Третиот корпус е правната државa без чие профункционирање нема раст на економијата и тој став е поддржан од сите.
Владата е потполно свесна за се ова што зборувам и нејзе и треба поддршка од секоја институција, на секое ниво. Ако таа подршка застане и не се направи потребниот чекор нема да пропаднеме, само ќе се најдеме во канџите на Валутниот борд и фискалниот совет чие функционирање значи пораз на сопствените способности.
ЗОШТО НЕМА ЧОВЕК НА МЕСТОТО НА АНЃУШЕВ
Барате предвидливост во политиките, но и формирање на Економски совет. Каква ќе биде неговата улога и зошто е важен. Во минатиот период Владата донесе измени на даночењето кај данокот на личен доход за кој тврдевте дека е измена без поголеми консултации. Дали договоривте преку овој Совет да се дебатира за вакви мерки?
Азески: Ние од Владата не бараме и ќе се обидеме што помалку да бараме. Ќе договараме бидејќи сме партнери да имаме предвидливост на неколку нивоа, па макар била и негативна. Тогаш ќе знаеме што ќе правиме. Може нема да инвестираме, може ќе забавиме или ќе вршиме ремонти, ама да се знае што ќе следува. Тоа не мора да биде 100 отсто предвидувањата точни. До крајот на годината барем, до откривањето на вакцината на пример или евентуално што ќе се случи ако излезе некоја нова криза. Значи да знаеме кои се плановите и што ќе следува. Државата мора да има, ние сме на тесен простор, немаме многу капацитети надвор, било каков удар во Македонија ќе ја почувствуваме.
Совет „да“, но не за сликање туку за артикулирање на мислењата на сите засегнати субјекти.
Формирањето на ваквиот Совет подразбира дека Премиерот како најодговорна личност нема суета и јавно бара совети од стручните и професионалните личности. Тоа ние го поздравуваме. Тоа е голема доблест за да се дојде до надојдоброто решение. Преку ваквиот Совет ќе се дебатира за сите мерки.
Во претходниот владин состав Комората делегираше свој вицепремиер за економски прашања па Кочо Анѓушев ги застапуваше вашите интереси. Зошто сега се напушти таа практика?
Азески: Тоа се прашања во надлежност на мандатарот и ние не се мешаме во тоа. Сакаме да кажеме дека Кочо Анѓушев не ги застапуваше интересите само на Стопанската комора, туку на сета бизнис заедница и беше поддржан од премиерот Зоран Заев. Тоа го покажа на дело. При неговото номинирање ние укажавме дека таквото решение може да биде меч со две острици затоа што веќе имавме проблематични искуства со премиерувањето на Хари Костов и заменик премиерот Минчо Јорданов. Секогаш на тие релации кога луѓето доаѓаат од реалниот сектор, тие партиски врски прават проблеми при функционирањето
Тешко е да си малцинство, а особено партиско. Тоа е како да се чувствуваш во такво друштво како болен од COVID 19, кој постојано кашла.
Сепак луѓето кои ги водат економските ресори во Владата се наши стари познаници. Јас не велам дека ќе цветаат ружи и ќе гледаме со розеви наочари, но нема да се троши време за запознавање.
Читајте и вкрстеното интервју Азески - Анѓушев за Фактор
ПОМОШ ЗА РАНЛИВИТЕ, АМА И ЗА ДОБРИТЕ КОМПАНИИ
Владата носеше мерки за поддршка во три сета и додека беше техничка и во вонредна состојба. Помогнаа ли досега трите сета мерки и каков треба да биде четвртиот пакет?
Азески: Во секој случај секоја помош е добредојдена и тие мерки секој пат дадоа свој резултат. Но ние од новата Влада која има полн политички легимитет ја охрабруваме да се осмели и да ги отвори сите прашања што може да значат подршка за економијата. А тоа сепопис, децентрализација, корективните институции на власта, јавноста, медимите, невладиниот сектор, и се што е потребно да ги стават на располагање своите капацитети.
Македонија мора после влезот во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ да повлече потези кои ќе ја сместат во организирани држави па макар тие биле и од непопуларна природа.
Ние како најголема и најбројна бизнис асоцијација сме свесни дека Владата ја сочинуваат кадри со социјалдемократска ориентација. Ние со нив сме имале секогаш отворен разговор и сме успевале да најдеме заеднички јазик и онаму каде програмски сме на различна страна. Нормално е дека една социјалдемократска Влада, ќе дава приоритет на прашањата на ранливите категории, на делот од населението кој што се бори за својата егзистенција и ние не сме против тие принципи. Напротив, ги подржуваме затоа што квалитетна работна сила е клучниот мотор на нашето работење. Но исто така, сите добро знаеме дека економијата ја влечат добростоечките фирми, извозно ориентирани во носечките индустриски дејности. Токму затоа ние сакаме во четвртиот пакет мерки да има поддршка за секого, водејќи сметка да тој баланс го даде најдобриот резултат.
Интервјуто е реализирано во судницата на Арбитражата при Стопанската комора на Македонија
Велите
дека пописот е нужен, но барате и помало влијание
на политиката во мерките? Зошто пописот и како политиката е навлезена во
бизнисот сега?
Азески: Пописот е важен бидејќи е подлога за секаков вид економска проекција. Од кога го немаме, прашање е дали тие проекции имаат реална основа.
Што се однесува до политиката, таа е навлезена во бизнисот затоа што излегува од својата матрица да биде регулатор и едноставно не знае што да прави со себе. Ако знае да биде регулатор, совршено ќе и е јасно да стои настрана од бизнисот. И обратно, бизнисот ако знае да си ја брка работата, политиката ќе му треба се помалку. Но, има нешто што ги меша тие компетенции, а тоа се определени структури во општеството кои нон стоп имаат потреба од политикатата како што е докторската и професорската фела.
Често може да се слушне поговорката дека „Еден професор во Владата е катастрофа, двајца катаклизма“. А ние во секоја Влада имаме по пет, во Парламентот и по дваесет лекари а кај Градоначалниците не можеме ниту да ги изброиме. Крајно време е да се запрашаме зошто е тоа така. Сегашниот парламентарен состав има деветнаесет лекари.
БАНКИТЕ ДА ГО ПОДЕЛАТ РИЗИКОТ СО КОМПАНИИТЕ
Вие баравте намалување на парафискалните давачки, а такви реформи Владата сега најавува. Кои се вашите сугестии, колку овие давачки се спорни и што очекувате?
Азески: Очекуваме она што го започнавме пред 7 години, во 2013 година, конечно да финишира и со цел зголемување на конкурентноста на македонските компании, овие давачки да се стават под целосен надзор на Владата и целосна наша контрола, затоа што тие се вистинската пречка за зголемување на извозот на домашните производи надвор од границите на државта.
Овие давачки се тешка метастаза која врши притисок на највиталната функција на економијата а тоа е нејзината конкурентност. Тешка е околу 400 милиони евра, а зациментирана локално партиски. Она што можеби за многумина е чудно е долгиот процес што е потребен за да се реализираат барањата на бизнисот. Но, ние сме навикнати дека јавниот сектор реагира со задоцнување.
Стопанството очекува поддршка и од банките. Тие се вклучија со одложување на кредитните рати, сепак се смета дека нивната улога во заздравувањето треба да е клучна. Во меѓувреме имаше и некои турбуленции во банкарскиот сектор. Каков е вашиот впечаток и дали очекувате поголема поддршка од банките во следниот период?
Азески: Едно е сигурно, економијата не може да функционира без стабилен и здрав банкарски сектор. И моите очекувања се дека треба да направиме се` за да ја зачуваме неговата стабилност.
Имаме добар регулатор, ова е најрегуларан сектор и тоа е од корист на сите. Очекувам подобрување на комуникацијата во две насоки. Банките и компаниите да влегуваат во партнерски односи којашто ќе го зголеми степенот на ризик.
Очекувам конечно банките да станат партнер на бизнисот, но на принципиелна основа. Тоа значи дека мора да се подели ризикот, мора да станат партнери во бизнисот и мора компаниите да веруваат дека банкарските анализи ја отсликуваат нивната реална состојба, што значи кога ќе бидат одбиени за кредит да сватат дека тоа не е намерно туку да ги преиспитаат своите слабости и нормално да се обидат да ги отстранат, а не вината да ја префлаат кај банките.
ДА СЕ ВНИМАВА НА БУЏЕТОТ ЗА НОВИТЕ ПЕНЗИСКИ РЕФОРМИ
Владата најавува повеќе пензиски реформи, меѓу кои и задолжително пензионирање со навршување на годините за пензија. Се планира и давање можност за докуп на стаж, а многу од мерките се прават за намалување на бројната јавна администрација. Дали евентуално ако ова важи и за приватниот сектор ќе биде поволно или на штета на фирмите?
Азески: Јас сум иницијатор на еден сличен закон донесен 1986 година на иницијатива на тогашната младинска организација. Тој закон предизвика сериозни турбуленции во општеството, меѓутоа неговото донесување отвори перспектива за илјадници млади луѓе. Сегашното решение не сум го видел, но во принцип треба да се води сметка за финансиските импликации врз буџетот чии дотации во пензискиот фонд достигнуваат нелогични економски размери. Со една реченица кажано, не е проблем законот, проблемот е повторно нашиот менталитет и болеста наречена „суета“, луѓето кој се пензионираат веднаш ги бришеме од меморијата на својата глава и својот телефон без разлика колкав капацитет знаење и стручност носат со себе.
Во таа смисла се очекува дел од административците да се префрлат во приватниот сектор. Има ли таква можност?
Азески: Конечно треба да сфатиме дека живееме во пазарно стопанство, а тоа значи пазарно функционирање и на потребата од работна сила. Ако во администрацијата имало такво кадар ние досега ќе сме го земеле. Но, ние не сме против таа мерка и сакаме да помогнеме и тоа ќе го направиме на начин кој што ќе биде доброволен а не задолжителен.
АЗЕСКИ НАСКОРО ЌЕ ЈА ОБЈАВИ СВОЈАТА КНИГА „ЕДНА СЛИКА ИЛЈАДА ЗБОРОВИ“ СО СПЕЦИЈАЛЕН ЕКОНОМСКИ ПРИЛОГ „ЕДНА БРОЈКА-ОСТАНУВАШ БЕЗ ЗБОРОВИ“
Вие ја најавувате вашата нова книга која ќе излезе од печат веќе следниот месец.
Азески: Сакав да се одложам на некаков начин кон моите родители. Делото е напишано за нив и е насловено „Една слика илјада зборови“. Се работи за дело кое има три целини. Едната целина е специјален прилог во кој се зборува за економскиот дел. Овој прилог е насловен „Една бројка- остануваш без зборови“. Знаете секогаш кога зборуваме за бројки тоа е факт без коментар, таа е фиксен податок. Во овој дел ги споделувам моите искуства од економските проблеми кои одведоа до распад на СФРЈ. Ја прикажав денешната состојба, како е кај нас, можните разрешници, последици. Има еден дел во кој се нотирани апсурдите на македонското општество. Книгата изобилува со многу необјавени фотографии и мои коментари, со многу констатации и иницијативи, анегдоти и апсурди, кои се наше секојдневие
Инаку во еден дел од книгата се зборува за мојот развоен пат, како изградив една мрежа на соработници и пријатели низ Балканот. Како стасав до период во кој ме нарекуваат Балкански коморски лидер. Да те нарекуваат духовен татко и да ги респектираат твоите мислења е макотрпен процес и треба да се прави полека. Во другиот дел има се што се случува околу нас, фотографии кои не се објавени, настани кои не се коментирале а од кои сум бил дел. Јас цел живот сум на позиција, но сум бил ограничен да го кажам својот личен став затоа што сум имал зад себе некоја институција. Сега прв пат зборувам во свое име. Има околу 420 страници и да ќе еобјави во првата половина на октомври. Во книгата никој не е напданат, не барам виновници, само раскажувам.
Во делото предупредувам на една многу поопасна болест од короната, а тоа е суетата, која како канцер го разорува балканското тело, а особено бизнисот. Таа болест нема лек и не се очекува да се пронајде вакцина, па затоа ќе требаат кожни гаќи за да се направи неможното во услови на нефункционирање на правни држави исполнети со сива економија, со корупција за да се обезбеди напредокот кој ќе ги задржи генерациите тука на Балканот.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.