Добивај вести на Viber
За Македонија најголема придобивка од грчиот референдум (можеби и единствена) е заминувањето на Самарас како човек кој всушност го креираше спорот со името пред повеќе од 20 години. На многупати во минатите неколку години го повторував мојот став дека се додека премиер на Грција (или лидер на опозиција) е Андонис Самарас, спорот за името нема да мрдне од мртва точка во која се наоѓа. Сепак сметам дека за посериозен исчекор во однос на ова прашање потребно е Грција прво да го реши проблемот со кредиторите во однос на постигнување на некаков договор за спас на земјата од должничката криза во која се наоѓа, вели во интервју за Фактор аналитичарот Зоран Божиновски.
ФАКТОР: Колку грчкото “охи“ на референдумот може да ја наруши политичката и економската унитарност на Европската Унија? Кредиторите како ММФ но и европското лидерство ја отвори вратата за идни и итни преговори, се прави ли обид по секоја цена да задржи Грција во ЕУ?
Божиновски: Референдумот во Грција беше политички преседан со оглед дека тој не беше распишан за некакво политичко или економско прашање кое ги тангира само внатрешните односи во земјата, туку ги доведува под знак прашање должничко-доверителските обврски кои ги презема Грција кон странските кредитори. Со други зборови, грците решаваа дали да ги вратат парите кои ги позајмиле од некој друг, односно од ЕУ. Затоа и членките на еврозоната, особено Германија беа бесни и на самата одлука да се распише референдум, иако Ципрас со успехот на референдумот ги зајакна своите преговарачки позиции со дополнителен легитимитет од страна на своите граѓани.
Сепак, мислам дека во ниеден момент не се поставува прашањето околу можен излез на Грција од ЕУ, туку само за можен евентуален излез од еврозоната, односно од групата земји членки кои ја прифатија заедничката валута, иако мислам дека и ова е малку веројатна опција. Во решавање на грчката криза ЕУ вложи сериозни напори и големи финансиски средства и затоа сметам дека некаков договор мора да биде постигнат. Во изминатите пет години, на создавањето и имплементацијата на планот за спас на Грција најмногу се посвети токму Германија, како најмоќна држава членка во еврозоната и особено канцеларката Ангела Меркел која го вложи својот личен кредибилитет за решавање на оваа криза. Неуспехот на овој план ќе значи и неуспех на Германија и Меркел, што може да произведе и сериозни политички консеквенци во однос на кредибилитетот, како на Германија, така и на Ангела Меркел.
ФАКТОР: Во должничка позиција се и Хрватска, Италија, Португалија и други земји кои соочени со длабоки проблеми, прифатија реформи. Каква порака се праќа до овие земји, можни ли се реакции и од нивна страна?
Божиновски: Иако не можеме да ја исклучиме опцијата дека и други држави можат да го следат грчкиот пример, сметам дека тоа е малку веројатно, со оглед дека во целиот овој процес, Грција претрпува неповратна штета во однос на својот углед, како на политички, така и на економски план, особено во однос на своето кредитно портфолио.
ФАКТОР: Референдумот во Грција имаше и политичка цена, освен оставката на министерот за финасии, од политичката сцена се повлече и опозиционерот Самарас, кој пак е атрибут за проблемите околу спорот со името. Дали, колку и како финансиската криза, банкрото и реформите во Грција можат да бидат шанса за политички исчекор на Македонија во спорот околу името?
Божиновски: Секако дека за Македонија најголема придобивка од грчиот референдум (можеби и единствена) е заминувањето на Самарас како човек кој всушност го креираше спорот со името пред повеќе од 20 години. На многупати во минатите неколку години го повторував мојот став дека се додека премиер на Грција (или лидер на опозиција) е Андонис Самарас, спорот за името нема да мрдне од мртва точка во која се наоѓа. Сепак сметам дека за посериозен исчекор во однос на ова прашање потребно е Грција прво да го реши проблемот со кредиторите во однос на постигнување на некаков договор за спас на земјата од должничката криза во која се наоѓа.
ФАКТОР: Кој е начинот, односно дали има капацитет, Македонија, сега заглавена во сопствена политичка криза, да поведе иницијатива или пак да направи политички потег за актуелизирање на проблемот со иметот?
Божиновски: Актуелизација на проблемот со името е малку веројатна опција се додека Грција не ги реши своите економски проблеми, како што впрочем напоменав погоре. Без разлика дали Македонија е во состојба на политичка криза или не, помрднување во однос на преговорите за името во овој момент, малку, односно воопшто не зависат од нас. Едноставно во моментот, поради кризата во Грција, немаме партнер од другата страна кој би се нафатил на решавање на овој спор.
Она што Македонија треба и може да го направи е во рамките на нејзините можности да поведе иницијатива помеѓу членките на ЕУ, каде би се изложило нашето видување и нашиот став во однос на спорот за името, затоа што со актуелната перцепција на ЕУ кон Грција, како едно разгалено дете кое треба да биде дисциплинирано, сега реално постои поголема можност да добиеме одредена наклоност по ова прашање од страна на моќните членки на ЕУ, пред се од Германија и со тоа да ги засилиме нашите идни преговарачки позиции до одредена мера.