22 Ноември, 2024
0.1034

Сашо Димитријоски, директор на Агенција за електронски комуникации

Интервју Димитријоски: Ќе бидеме прва земја која го усогласила своето законодавство за сајбер-безбедноста со препораките на НАТО и Европската комисија

Објавено во: Економија, Интервјуа 12 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) наскоро ќе распише тендер за избор на компанија која ќе изработи физибилити студија за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на луѓето. 5Г мрежата, освен што низ социјалните медиуми се „промовира“ како штетна за граѓаните е и лајтмотив на најразлични теории на заговор за контрола на населението. За целите на студијата, за 5Г мрежата и што таа ќе донесе зборуваме со Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Од АЕК најавивте дека ќе распишете меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи физибилити студија за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на луѓето? Зошто е потребна ваква студија кога, на пример, Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ICNIRP) која, како најмеродавна ја признава и Светската здравствена организација, има направено студии кои покажуваат дека петтата генерација мобилни мрежи не е штетна. Дали ова можеби го правите за да се разуверат сите оние кои веруваат во теории на заговор каде најчест лајтмотив е 5Г мрежата?

Димитријоски: Од една страна добиваме сé повеќе поплаки од граѓани кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои тие сметаа дека се од новата генерација. На социјалните мрежи има многу лажни информации на кои луѓето им веруваат. На You Tube имате видеа од „познати експерти и научници“, а кога ќе проверите ќе видите дека такви лица не само што не се експерти и научници туку и воопшто не постојат.

Од друга страна и мобилните оператори имаат проблеми во поставувањето на антени за 4Г мрежа кои се инсталираат за подобра покриеност и подобри услуги. Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури имавме ситуација каде два антени без запалени,  веројатно од оние кои веруваат во опасноста од 5Г мрежата, а кои сметале дека станува збор за такви антени.

Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа во секое време ќе има документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата.  

Во денешно време масовна е употреба на мобилниот интернет. Без него не можеме да го замислиме животот. Четвртата генерација широкопојасни мобилни мрежи (4Г) донесе многу нови можности кои не беа достапни со 3Г - IP телефонија, услуга на игри, мобилна телевизија со висока резолуција, видео конференција и 3Д-телевизија. Зошто тогаш толку страв од 5Г мрежата? Која е според вас причината што токму 5Г мрежата е дел од теориите на заговори – за чипирање на населението, за тоа дека е причина за Ковид-19 и многу слични?

Димитријоски: Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто е сега во функција. Новата мрежа има многу повеќе значење за компаниите кои преку неа многу полесно ќе можат да ја организираат работата. Видете, големите автомобилски индустрии веќе имаат закупено свој спектар на фреквенции и си градат свои 5Г мрежи сé со цел да си го олеснат процесот на производство. Новата генерација се и „попаметни“ мрежи, што значи дека помалку зрачат кога е корисникот поблиску, односно апаратот кој е приклучен на мрежата.

Од каде тогаш 5Г да се смета за дел од завера? Можеби причина е и целата рекламна кампања која се водеше за 5Г, а којашто ја наметнаа проиводителите на опрема и операторите сакајќи да покажат дека ќе биде чудо. Можеби со ова предизвика страв кај луѓето дека ова е нешто сосема ново и дека со тоа ќе се смени нивниот животот. Дефинитивно, животот ќе се менува, исто како што во се менуваше со секоја технолошка промена и со секоја нова генерација мобилни мрежи - 2Г, 3Г и сегашната 4Г. Но, таа промена ќе оди полека и постапно како што ќе еволуира и таа технологија.

Иако на ниво на ЕУ постои консензус за развој на новата мрежа, сепак факт е дека и во други земји кои се далеку поразвиени од нас, постои дилема околу влијанието на 5Г мрежата. Имаше и информации дека во некои има и одлуки да се запре изградбата или да се почека со активностите за развој на мрежата. Зошто е тоа така?

Димитријоски: Ова се информации кои најчесто ги користат и пласираат активистите кои се против изградбата на новите 5Г мрежи. И се типичен пример за лажни вести. Кај нас, на пример, скоро во медиумите беше објавена информација дека Словенија ја запира изградбата на 5Г мрежата поради загриженост за влијанието врз здравјето на луѓето.

Лично ја контактирав колешката од Словенија и истовремено испратив официјален меил со кој побарав сите членки на Европското регулаторно тело за електронски комуникации – БЕРЕК, каде сме и ние членка, да добијат официјална информација затоа што вакви и слични пласирани информации прават проблем не само кај нас туку и во другите земји членки кои се на прагот на објавување тендери за доделување фреквенции за развој на 5Г мрежа. Добивме официјален одговор, а и јас лично добив од словенечката колешка, дека причината за одложувањето е политичка и нема никаква врска со тоа дека изградбата е стопирана заради негативното влијанија на 5Г мрежата по здравјето, како што кај нас беше пласирано во медиумите. Имаше информации и дека во Швајцарија е запрена изградбата на 5Г мрежата што е сосема неточно бидејќи таму во моментов се гради мрежата. Сите тие информации се апсолутно непроверени и се лажни пласирани од активисти против 5Г.

Затоа и во студијата која кај нас ќе се изработува ќе побараме сите ове инфомации да бидат ставени во таа анализа со официјални документи за тоа дали некоја земја членка на ЕУ ја стопирала изградбата на 5Г мрежата поради несигурноста за здравјето на граѓаните.

Македонски телеком и А1 веќе имаат поставено по една антена од 5G мрежата. АЕК изврши прелиминарни мерења на нејонизирачкото зрачење. Какви резултати добивте?

Димитријоски: Ние извршивме сериозни мерења со најсофистицирани мерни инструменти на нејонизирачкото зрачење на антени кои беа поставени во тест фаза во центарот на Скопје. Сите тие мерења се објавени. При крајот на минатата година организиравме и јавен состанок на кој беа презентирани овие мерења и од таму може да се види кое е нивото на зрачење на 5Г предавателите кои ги имавме во моментот. Односно, од нив може да се констатира дека зрачењата се далеку пониски од дозволените. Па дури и дека се под нивото на она кое доаѓа од 4Г предавателите.

Ние како регулаторно тело за електронски комуникации ја мериме силата на зрачењето. Има релевантни здравствени организации кои имаат научни трудови кои што покажуваат  која е границата на зрачење кое не е штетно за здравјето. Од таквите утврдени граници за нештетни зрачења, дополнително со регулатива се утврдени дозволени зрачења кои се 100 - 200 пати пониски од утврдените нештетни граници.

При самата презентација, инаку, додека беа присутни и гостите, направивме и мерење на зрачењата на еден мобилен телефон. Она што ние како порака сакаме да го испратиме до сите „борци“ против зрачења од 5Г мрежи е дека треба прво да видат какви зрачења имаат околу себе. Нема семејство кое нема најмалу еден безжичен рутер кој зрачи на истите фреквенции. Сите имаме по неколку мобилни телефони. Имате родители кои се загрижени за здравјето на своите деца од 5Г мрежата, а истовремено ништо не направиле да ги оддалечат телефоните од децата, кои реално се „попроблематични“ од предавателите, бидејќи се до нас.


Реално обичниот граѓанин многу малку знае за можностите кои ќе ги донесе петтата генерација мобилни мрежи. Освен она дека сигурно интернетот ќе биде многу побрз од сега. Сепак 5Г не е само тоа. Каква иднина не очекува со оваа мрежа?

Димитријоски: Од анализите кои ги имаме во моментов постоечката 4Г мрежа ги задоволува во целост потребите на обичниот корисник. Со овие брзини кои ги имаме од 120 мегабита во секунда вие како корисник можете да направите сé – на пример без поблем да симнете видеа со највисок квалитет којшто бара најголем проток на интернет. Затоа за обичниот корисник самата 5Г мрежа како таква и брзината која ќе ја дава нема да значи никаква револуција. Револуција за корисникот ќе биде неговата технолошка примена која ќе овозможи да имате паметен дом, затоа што 5Г мрежата овозможува многу повеќе уреди да бидат поврзани на мрежата. Или пат кон паметни градови што дава огромни можности – од далечинско читање броила во домовите, до организирање на работата на семафорите според проценката за обемот на сообраќајот и многу други. Тоа е бенефитот кој сигурно кај нас и нема толку брзо да биде достапен, бидејќи примената на ваквата технологија секако зависи од развојот на земјата.

Европската Комисија има донесено акциски план за 5G според кој до 2020 година барем во еден поголем град во секоја земја членка на ЕУ треба да бидат воведени 5Г комерцијални мрежи, а до 2025 година овие мрежи треба да бидат достапни до сите урбани подрачја и поголеми транспортни линии. Северна Македонија сé уште не е членка на ЕУ, но ги следи евопските директиви. Дали кај нас постои простор за развој на 5Г во скоро време? Кои чекори се потребни да се направат?

Димитријоски: Првиот чекор е очигледно распишување тендер на којшто очекуваме да се јават заинтересирани опаратори и да добијат одобрение за користење на спектарот на 5Г. Но за тоа да се случи, потребна е многу поголема соработка со операторите. Економската исплатливост од новата мрежа во моментов е песимистичка за нашите оператори. Можеме да распишеме тендер и операторите да кажат дека сега во овој момент не им треба, дека ќе почекаат една до две години. За да го избегнеме тоа, ние разговараме со операторите. Пред да го објавиме тендерот сакаме да имаме услови кои ќе гарантираат дека и тие ќе бидат заинтересирани да се пријават на тендерот. Тоа значи разговараме за цените кои треба да бидат еднократни за да се земат тие спектри, преговараме можеби и за некаков грејс период додека реално економски не почнат да заработуваат од 5Г спектри. Практично, соработуваме со нив за да изнајдеме решение и да имаме навистина успешен тендер.

Ние не можеме да очекуваме дека ќе дојдат некои светски компании и дека ќе биде грабеж за тие фреквенции. Иако, пред 3-4 години во вропските држави 5Г фреквенциите без распродадени за милијарди евра, а со дозвола за работа од 2020 година. Овде не очекуваме таков бум на заинтересирани. Секако, ние како држава сме заинтересирани да не заостанеме зад светот и во нашата стратегија за развој на 5Г мрежа стои дека во 2023 година еден голем град во земјава треба да биде покриен со 5Г мрежа.

Се најавува дека наскоро ќе се менува и Законот за електронски комуникации во делот на сајбер-безбедноста. За какви измени станува збор и зошто се потребни?

Димитријоски: Потребата за измена произлегува и од препораката на Европската комисија која минатата година спроведе проценкаа на ризиците од инплементацијата на 5Г мрежата. Од таа процена произлезе еден комплетен документ изготвен врз база на анализа на одговори и документите добиени од сите земји членки. Овој документ содржи препораки од каде произлегуваат обврска, на сите земји членки и земји аспиратори за влез во ЕУ, да ги усогласат своите законодавства согласно препораките на ЕК. Практично цела Европа сега ќе пристапи кон измени на законодавствата да се усогласат со овој документ. Затоа и сите законски измени во нашиот закон практично се влечат од овие препораки. Втората обврска произлегува од членството во НАТО бидејќи како земја членка имаме обврска што побрзо да ги имплементираме тие законски измени кои ќе се однесуваат на сигурноста во 5Г мрежите.

Измените на Законот за електронски комуникации кај нас ќе се однесуваат на мобилните мрежи воопшто. Овој Закон наскоро ќе се најде во собраниска процедура и мислам дека ќе бидеме прва земја кој го усгласила своето законодавство во делот на сајбер-безбедноста со препораките на Европската комисија.


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) За една недела започнува со работа метрото во Солун, ќе функционира без возачи

(ВИДЕО) За една недела започнува со работа метрото во Солун, ќе функционира без возачи

ЛОШИ ВЕСТИ ПРИСТИГНАА И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО БОШ: Еве каква информација добија

ЛОШИ ВЕСТИ ПРИСТИГНАА И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО БОШ: Еве каква информација добија

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria

Бизнисот за финансирање има уште само 15 милиони евра пари од странство додека се чека унгарскиот кредит

Бизнисот за финансирање има уште само 15 милиони евра пари од странство додека се чека унгарскиот кредит

СТОКАТА СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА СО КАМИОНИ МЕСТО СО ВАГОНИ – тројно намален превозот по пругите

СТОКАТА СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА СО КАМИОНИ МЕСТО СО ВАГОНИ – тројно намален превозот по пругите

ДАЛИ ЕТИАС ГАРАНТИРА ВЛЕЗ ВО ЕВРОПА? Ќе се „чешлаат“ апликантите, еве дали ќе добијат дозвола да влезат

ДАЛИ ЕТИАС ГАРАНТИРА ВЛЕЗ ВО ЕВРОПА? Ќе се „чешлаат“ апликантите, еве дали ќе добијат дозвола да влезат

„БАЛОНОТ ЌЕ ПУКНЕ“: Познат инвеститор предупредува дека претстои голем колапс на берзата

„БАЛОНОТ ЌЕ ПУКНЕ“: Познат инвеститор предупредува дека претстои голем колапс на берзата

ОВОЈ ЈУГОСЛОВЕНСКИ МОДЕН ГИГАНТ СЕ СРАМНУВА СО ЗЕМЈА: И Јованка Броз им ги носеше чантите, а имаа 1.300 вработени

ОВОЈ ЈУГОСЛОВЕНСКИ МОДЕН ГИГАНТ СЕ СРАМНУВА СО ЗЕМЈА: И Јованка Броз им ги носеше чантите, а имаа 1.300 вработени