25 Ноември, 2024
0.0359

Драган Димитров, претседател на УО на ИОРРМ

Интервју Димитров: Ревизорите се прва порта за странските инвеститори

Објавено во: Македонија 10 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Ревизорите се прва порта на која се обраќаат странските инвеститори кога сакаат да инвестираат во змејата. Тие ја промовираат македонската економија на многуте меѓународни конференции на кои се присутни, вели Драган Димитров, претседател на Управниот одбор на Институтот за овластени ревизори на Р.Македонија (ИОРРМ).

Постојаните промени во условите на современите пазари често повикуваат на редефинирање и прилагодување на ревизорската професија, која како формален информационен систем е многу важна за работењето на бизнисите, дециден е Димитров. Постојат бројни расправии за адекватноста и недостатоците на одредени концепти во самите системи на сметководство и ревизија, но сепак тие и понатаму остануваат најдобро решение за документирање, вреднување, известување и контрола над финансиските операции на едно физичко или правно лице.

Институтот за овластени ревизори е формиран 2006 година. Тоа е професионално тело на ревизорите и овластените ревизори формирано согласно Законот за ревизија.

Димитров: Институтот има бројни активности, од кои како најзначајни би ги издвоил следните: контролата на квалитет над работата на ревизорите, организирање на испитот за стекнување звање ревизор и издавање уверение за ревизори, и водење на дисциплински постапки. Освен наведените, Институтот организира обуки за континуирано професионално усовршување, води регистри, ги преведува и објавува Меѓународните стандарди за ревизија и Кодексот на Етика, ја промовира ревизорската професија во земјата и во странство, обавува меѓународна соработка и т.н. Значајно е да се спомене дека почнувајќи од 2013 година, ИОРРМ е членка на престижната меѓународна организација на сметководители и ревизори – ИФАК (International Federation of Accountants).

Морам да истакнам дека од голема важност за развојот на ИОРРМ беше соработката со Францускиот Институт на овластени ревизори, кој во рамките на РЕПАРИС програмата на Светска банка, беше наш патрон Институт и со чија помош многу побргу и полесно ги пребродивме т.н. детски болести од почетокот на нашето постоење. Денес, на разни меѓународните настани и конференции не ретко ИОРРМ се споменува како пример во регионот за тоа како треба да функционира едно професионално тело на ревизорите. 

Сведоци сме на бројни промени во начинот на работење на бизнисите од година во година, со голема динамика, најчесто предизвикана од развојот на технологијата и дигитализацијата на процесите. Дали ваквите промени имаат ефект над ревизорската професија? Колку таа се промени во последната деценија, откако постои ИОРРМ?

Димитров: Според самата природа, ревизорската професија е прва која треба да се промени или поточно кажано, прва која треба да биде во тек со промените. Ние работиме во опкружување кое постојано се менува, со клиенти кои постојано се унапредуваат, така што ние треба да ги знаеме однапред промените, за да можеме адекватно да излеземе во пресрет на ревизорските барања, но и да укажеме на соодветноста на тие промени или да ги иницираме истите. Морам да нагласам дека ревизорите не се само ревизори на финансиските извештаи. Нивното акумулирано знаење во делот на сметководството, даноците и финансиите е причина тие да бидат барани партнери во делот на преговорите со странски инвеститори со совети во делот на даноците, сметководството, финансиите и т.н.   

Како младите генерации ја прифаќаат ревизорската професија? Дали има доволен интерес за неа или тоа е поле на кое е потребна дополнителна мотивација за да се поттикне интересот на помладата популација?

Димитров: Во рамките на Економскиот Факултет при УКИМ, со задоволство можам да кажам дека Катедрата за сметководство и ревизија се профилира како најатрактивна за младите студенти, кои својата кариера ја започнуваат токму на универзитетите. Напори прават и другите Универзитети во таа насока: Универзитет Гоце Делчев од Штип, Американ Колеџ Скопје, Економскиот факултет од Прилеп, Универзитетот на Југоисточна Европа  од Тетово, и други. Во рамките на Институтот, правиме се што е во наша моќ да ги мотивираме студентите да се запишуваат на смерот сметководство и ревизија. Неодамна ИОРРМ по повод јубилејот 70 години од постоењето на Економскиот Факултет - Скопје, спонзорираше награден конкурс за студентите од Катедрата за сметководство и ревизија, на кој одзивот беше изненадувачки солиден, и наградите беа соодветно доделени. Ние сме постојано присутни, не само како Институт, туку и инвидуално, така што бројни наши членови гостуваат на различни предавања на факултетите, а дел од нашите членови се визитинг професори на истите. Ние остануваме отворени за соработка со академската заедница и сметаме дека тоа е од взаемен интерес, како за Факултетите, така и за Институтот, како столб на ревизорската професија во РМ.

Како се станува ревизор? Постојат ли посебни квалификации кои треба да се стекнат за да се оствари влез во оваа професија?

Димитров: Ако може со една проста компарација да укажам на тежината на ревизорскиот испит - во најмала рака тој е еднаков на магистерски испит! Значи станува збор за осум професионални испити, каде дискрецијата е загарантирана и начинот на полагањето е стриктно утврден, за да се оневозможи било каква пристрасност или интервенција од трети страни. Поголем дел од испитите се по теркот на меѓународната цертификација АЦЦА. Со АЦЦА имаме договор за соработка, и со задоволство можам да кажам дека откако кандидатот ќе ги положи испитите при ИОРРМ, се стекнува со максимално ослободување за понатамошно полагање за звањето АЦЦА.

Влезот во професијата не е само стекнувањето на Уверението за ревизор. После тоа претстои лиценцирање, кое треба да го одобри Советот за унапредување и надзор на ревизијата на РСМ (СУНРРСМ), кое врз основа на стекнатото уверение и доказот за предвидениот минимален стаж на работа во ревизорска фирма, добива лиценца за овластен ревизор. Понатаму, вратите на младите луѓе се отворени - тие се стекнуваат со многубројни можности за работа во најразлични институции - банки, осигурителни друштва, големи компании и т.н. Можеби за нас ревизорите, губењето на овој кадар во кој толку сме вложиле, претставува загуба, но сепак ние се гордееме со нашите кадри кои почнувајќи во ревизорките фирми, денес ќе ги најдете на одговорни функции во големите македонски и интернационални компании, банките, друштвата за осигурување и т.н.

Воедно значајно е да се спомене дека со стекнувањето на звањето овластен ревизор, лицето автоматски се стекнува со звањето овластен сметководител, согласно Законот за вршење сметководствени работи.

Скоро 15 години постоење на ИОРРМ сигурно резултира во значајно и богато искуство на следење на работата на ревизорите и нивните активности во нашата земја. Како ИОРРМ придонесува за ревизорската професија? Колкаво е значењето на вашата организација за професијата?

Димитров: Дозволете да одговорам на Вашето прашање со бројки: Институтот има 210 членови - овластени ревизори. Постојат 29 друштва за ревизија и 15 овластени ревизори – трговци поединци.

Од 2013 година па до сега издадени се 78 Уверенија за ревизор, а пред 2013 година, кога лиценцирањето беше во рамките на Министерството за финансии, испитот го положиле уште 15 лица. Значи вкупно 93 лица го поминале цертификациониот процес во ИОРРМ и се стекнале со звањето овластен ревизор.

Во изминатите 14 години организирани се бројни семинари, конференции и работилници. Согласно Законот за ревизија, секој ревизор е должен да посетува минимум 120 часа за период од 3 години, односно, најмалку 30 часа годишно, обука во рамките на задолжителното континуирано професионално усовршување (КПУ).

Да спомнам и нешто за дисциплинските постапки. Од 2008 година па до денес изречени се најразлични дисциплински мерки и тоа вкупно 18 опомени и 5 времени исклучувања од членство на друштва за ревизија, 26 трајно исклучување од членство, 4 времени исклучувања  и 6 јавни опомени за овластените ревизори.

Со измените во Законот за ревизија, во 2012 година формиран е Советот за унапредување и надзор на ревизијата (СУНР) како самостојно и независно регулаторно тело. Мисијата на Советот е да врши независен јавен надзор на ревизијата, да работи во насока на нејзино унапредување, поттикнување и придржување кон високите професионални стандарди. Дел од ингеренциите кои дотогаш беа во Институтот преминаа во Советот, со што уште повеќе се зголеми одговорноста на ревизорската професија.

Што значи ревизорската професија од аспект на привлекувањето на странските инвеститори?

Димитров: Прва порта на која се обраќаат странските инвеститори се најчесто ревизорите. Ние ја промовираме македонската економија на многуте меѓународни конференции на кои сме присутни, било во рамките на интернационалите фирми во кои нашите ревизори се составен дел, било преку меѓународните конференции на кои ИОРРМ е присутен. На сите тие меѓународни настани ние ја промовираме македонската економија и полезностите за странските инвеститори што Македонија ги нуди. На сите тие средби, најчесто ние немаме директен контакт со инвеститорите, но имаме контакт со нивните ревизори, сметководители, даночни советници и т.н. така што ефектот од нашата промоција е мултиплициран преку нив. Најпосле, не треба да заборавиме дека привлекувањето на странски инвеститори не е наше неприкосновено право – тоа го прават сите држави во опкружувањето, но на нас е да ги убедиме инвеститорите во компаративната предност од инвестирањето во Македонија, без разлика дали се работи за грин филд инвестиција или превземање на постоечка компанија.


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик