Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија
ИНТЕРВЈУ ЕРСОЈ: На аеродромите ќе дезинфицираме четири пати дневно, пасошите ќе се поминуваат на фиксни читачи
Објавено во: Економија, Интервјуа 25 Јуни, 2020
Хигиена, дистанца и задолжителна маска, сите патници кои ќе полетуваат и ќе слетуваат на двата македонски аеродроми од први јули од кога почнува редовниот сообраќај ќе мора да почитуваат нови правила на однесување. Пандемијата на Ковид-19 промени доста во животите на луѓето. Патувањето можеби никогаш нема да биде исто, сепак почитувањето на правилата ќе значи и безбедност и сигурност. За новото нормално на Меѓународниот аеродром во Скопје и на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, во интервју за Фактор зборува првиот човек на ТАВ, Алпер Ерсој. Веќе е јасно дека според протокол, патниците ќе треба да доаѓаат на аеродромот три часа пред полетување, ќе бидат скенирани на термална камера и сами ќе ги покажат пасошите на фиксниот читач. Во аеродормот влегува само тој што патува, односно што слетува, не и роднините и блиските. Кризата ги погоди компаниите, па и ТАВ. Во месеците што поминаа воопшто немаше патници, но генералниот директор на ТАВ вели дека успеале да не го намалат бројот на вработени. До крајот на годината влегуваат со нова стартегија и во специфични услови. Го прашав прво што ќе се промени во работењето на аеродромите по повторното отворање.
Ерсој: Авиоиндустријата е најнегативно погодена од пандемијата со Ковид-19. Многу аеродроми ширум светот се затворени како нашите. Државите ги затворија своите граници, применија сериозни ограничувања за да избегнат ширење на вирусот. Од почетокот на пандемијата, националните и меѓународните власти објавуваат мерки кои треба да бидат преземени во сите сегменти од нашите животи. Како резултат на тоа, аеродромите кои беа отворени за работа во изминатиот период веќе применуваа заштитни мерки, а мерки ќе бидат преземени и на другите аеродроми откако и тие ќе продолжат со работа. Постојано сме во комуникација со другите аеродроми од целиот свет и ги следиме препораките на националните и меѓународните институции, како што се Министерството за здравство, Светската здравствена организација (WHO), Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија (EASA), Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (IATA), со цел патувањата да ги направиме здравствено безбедни.
За патниците имаме 3 основни правила – постојано да ја носат заштитната маска, да внимаваат на препорачаното физичко растојание во затворени места и да одржуваат високо ниво на лична хигиена.
Патниците мора да стават заштитна маска пред да влезат на аеродромот и да ја носат постојано додека се наоѓаат во аеродромската зграда. На самиот влез од зградата на терминалот, поставивме средство за дезинфекција на чевли и диспанзер за дезинфекција на раце кој функционира без допирање на машината. Откако патниците ќе ги дезинфицираат чевлите и рацете, ќе им биде измерена телесната температура, преку термалната камера што ТАВ Македонија специјално ја набави за контрола на патниците кои треба да ја напуштат државата, со цел да се спречи ширење на вирусот во зградата на аеродромот. Откако ќе бидат скенирани со термалната камера и доколку немаат зголемена телесна температура, патниците ќе можат да се пријават на шалтерите за регистрација или саморегистрација. Само оние лица кои патуваат односно имаат авионски билет, испечатен или на телефон ќе можат да влезат во зградата на аеродромот, но не и нивните семејства и пријатели кои ги поздравуваат и испраќаат.
Во чекалниците на аеродромот, кај „Пристигнувања“, „Заминувања“ или „Излезите“, не е дозволено седење еден до друг. Седиштата се соодветно обележани, за патниците да седат на препорачаното физичко растојание едни од други.
Со цел патниците да се чувствуваат безбедно, ТАВ Македонија ги интензивира процесите за чистење и дезинфекција на сите површини на аеродромот, зголемена е вентилацијата во аеродромската зграда, а системот за климатизација користи F9 нано-хемиски филтри. Местата кои се најподложни на допир, како што се шалтерите за регистрација, рачките на вратите, ескалаторите, екраните, копчиња во лифтови, пунктовите за саморегистрација и за багаж, количките за багаж како и сите други предмети и површини, ќе бидат темелно дезинфицирани 4 пати во текот на денот. Пластичните корпи во кои патниците го ставаат својот багаж ќе бидат дезинфицирани по секоја употреба.
Со оглед на новите правила, некои од аеродромските процедури може да бидат побавни од обично. Затоа, апелираме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред времето на поаѓање, бидејќи најмалку 1 час пред поаѓањето тие веќе треба да бидат во зоната за излез односно пред излезните порти.
Што се однесува до процесот за пријавување - чекирање и излез, нашата цел е да избегнеме физички контакт меѓу персоналот и патниците. Токму затоа, патниците ќе треба да ги покажат своите авионски карти на нашите агенти преку транспарентната бариера и лично да го поминат својот пасош преку фиксниот читач на шалтерите. На почетокот ова може да биде збунувачки за патниците, но нашиот љубезен персонал ќе биде таму за да им помогне.
Најавивте засилени санитарни мерки на аеродромите, но и воведување на некои технологии без допир. Какви забрани ќе бидат донесени, кои ќе бидат препораките во врска со облеката, заштитата на патниците, оддалеченоста, однесувањето? Како ќе ги вклучите барањата на секоја авиокомпанија одделно во вашите регулативи?
Ерсој: Дезинфекцијата, која дури и пред избувнување на пандемијата редовно ја практикувавме на нашите аеродроми, а ја интензивиравме по појавата на коронавирусот во земјава, генерално ќе стане неизбежна активност во воздушниот сообраќај, не само на скопскиот и охридскиот аеродром. Носењето маска постојано, почнувајќи од влегувањето во аеродромската зградата па се до излезот од аеродромската зградата до крајната дестинација од патувањето и почитувањето на физичкото растојание колку што е можно, ќе бидат „новото нормално“ штом ги обновиме нашите активности.
Целата индустрија ќе работи во согласност со правилата и прописите за поинтензивна грижа за здравјето и безбедноста на патниците и вработените.
Сигурно, новите технологии кои обезбедуваат бесконтактни услуги ќе бидат приоритетни во целата индустријата, но примената на овие технологии ќе зависи од обновувањето на авиосообраќајот и надоместувањето на загубите.
Дали сте ги завршиле сите протоколи за новиот начин на работа и дали тоа значи дека аеродромите сега ќе функционираат поспоро? Дали ова значи дека ќе треба да ангажирате повеќе луѓе?
Ерсој: Глобалните авио институции и светските организации прават анализи за тоа како воздушниот сообраќај најлесно би можел да се прилагоди на новата реалност, бидејќи пандемијата негативно влијаеше на авиоиндустријата, како ќе функционира сето тоа во иднина, во голема мерка ќе зависи од решенијата на секоја земја поединечно. Ние ги подготвивме нашите упатства и процедури според „новото нормално“. Како и досега, нашата цел и во иднина ќе биде да функционираме што е можно поефикасно, без оглед дали упатствата што ќе ги добиеме од надлежните институции ќе наметнат процедури за кои ќе треба повеќе време за да се завршат. Секој чинител на воздушниот сообраќај, од владини и меѓународни институции, преку аеродромски оператори и авиокомпании, до самите патници, се соочува со предизвици што досега не постоеле. Затоа, ќе биде важно сите да работиме заедно во создавањето на оптимални решенија, но и за нивно прифаќање и примена.
Како функционираше ТАВ Македонија за време на намалениот интензитет на работа, всушност за време на целосната забрана за летови? Кои се финансиските показатели за овој период?
Ерсој: Глобалната авијација, не само во земјава, во изминатиот период поминува низ криза што не се памети, и според сите проценки, ќе бидат потребни барем неколку години за да се опорави. Ние дефинитивно сме погодени од она што се случува, но во последните недели и месеци работевме и опслужувавме карго-летови, како и хуманитарни летови за враќање на граѓаните во нивната земја. Вработените со административни задачи, додека трае забраната за патнички летови, работат од дома. Оние пак, кои се на оперативни позиции, и кои мора да бидат присутни на скопскиот аеродром, се на своите работни места. Како и сите други, се надеваме дека воздушниот сообраќај ќе се врати во нормала во блиска иднина и дека секој од нас ќе се врати во својата канцеларија во компанијата.
Како ќе го компензирате овој период? Дали ваквата состојба значеше отпуштања од работа и како ги организиравте вработените?
Ерсој: Глобалната пандемија го погоди секое општество, вклучително и македонското, и значително влијаеше врз работењето на аеродромите. Потпирајќи се на искуството на ТАВ Аеродроми, групацијата која управува со 14 аеродроми и која во 2019 година опслужи 89 милиони патници, следиме што се случува низ целиот свет, но и ги усогласуваме нашите активности со државните закони и регулативи. Кога аеродромите се затворени - не постои можност за генерирање приходи. И покрај оваа исклучително тешка состојба, ние вложуваме максимални напори да ги задржиме сите работни места и да ги исполниме финансиските обврски кон добавувачите и сите други засегнати страни.
Во април имаше рекордно намалување на бројот на патници, а исто така и кумулативниот процент од почетокот на годината до сега повеќе не е двоцифрен. Што значи ова во бројки и дали имате план како тоа ќе се компензира? Дали е воопшто можно?
Ерсој: Поголемиот дел од светските аеродроми во март имаа драстичен пад на бројот на патници и опслужените летови, а во април за речиси сите тој пад беше 90 проценти и повеќе. На аеродромите во Скопје и во Охрид, во првите 5 месеци од 2020 година, имало 432.963 патници, што е намалување за 53 отсто во однос на 914.759 во 2019 година. Во моментов сме во летната сезона на летање, која започнува во март и завршува во октомври, период за кој авиокомпаниите ги дефинираа фреквенциите на летот и дестинациите, но како што почна кризата со коронавирус, така почна и нивното намалување. На кое ниво ќе бидат во наредниот период ќе зависи од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие се значително погодени од оваа криза. Со оглед на тоа што нашата работа како аеродромски оператор е тесно поврзана со авиокомпаниите, како и со фрекфенцијата на патувања на граѓаните, нашите идни резултати ќе зависат од тоа како ќе се развиваат работите во оваа област.
Општо гледано, сите треба да се навикнеме да живееме со вирусот. Се додека ги почитуваме правилата кои ги нарекуваме „новото нормално“ ќе може да продолжиме со нашите животи без ограничувања.
Од таа гледна точка, каква ќе биде годинава финансиски за вашата компанија?
Ерсој: Во услови на затворени граници, препораки до граѓаните да не патуваат, освен во ситуации кога тоа е потребно, нивото на воздушниот сообраќај на глобално ниво е сведено на минимум. Сите сегменти на економијата се под голем шок, а ефектите од сето ова ќе се почувствуваат во наредните месеци, ако не и години. Имајќи го предвид сето ова, аеродромските оператори исто така ќе претрпат загуби, но колкав ќе биде нивниот обем во моментов е тешко да се процени. Во голема мерка, тоа ќе зависи од одлуките на меѓународните и националните институции за повторно нормализирање на воздушниот сообраќај и секако дека тоа ќе биде тесно поврзано со постепеното враќање на довербата на патниците во безбедноста на авио сообраќајот.
Која е вашата стратегија за раст за наредниот период? Условите се сега целосно променети.
Ерсој: Како дел од глобалниот оператор ТАВ Аеродроми, имаме голема база на искуство на која ќе можеме да се потпреме кога станува збор за развојни стратегии и планови. Нормално, како и досега, ќе ги прилагодиме сите чекори кон спецификите на македонскиот пазар, кои несомнено ќе функционираат поинаку од порано и ќе зависат од упатствата дефинирани од надлежните институции, заради пандемијата на коронавирус. На краток и долг рок, ќе следиме како се развива ситуацијата не само во земјата, туку и во светот, и соодветно ќе се прилагодиме за да обезбедиме најдобри можни услуги за авиокомпаниите и патниците.
Владата понуди пакет економски мерки за помош на економијата во пандемија и предвидена рецесија. Дали очекувате помош и вие?
Ерсој: Македонската влада во изминатата деценија, откако ТАВ е концесионер на двата аеродрома, во кои има инвестирано повеќе од 100 милиони евра, е наш партнер со кој отсекогаш имавме одлична соработка за остварување на заедничката цел - проширување на авиосообраќајот и зголемување на бројот на авиокомпании, патници и дестинации. Верувам дека во иднина ќе продолжиме во иста насока и со иста цел, но секако прилагодени на новите услови и околности што ќе ги наметне пандемијата на коронавирус, не само локално, туку и на глобално ниво.
Што всушност може да ви помогне во оваа ситуација и какви се решенијата во други земји? Дали сте во комуникација со Владата?
Ерсој: Влијанието на воведените мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот, предизвика драматични промени и драстични ефекти во секој дел од авиосообраќајот. На светскиот пазар се разгледуваат и применуваат различни модели и пристапи за решавање на проблемите, но не може да се каже дека постои унифицирана формула која може да се примени подеднакво во секоја земја. Нашата комуникација со владата е редовна и интензивна во текот на овој период, за време на пандемијата со цел поефикасно да се применат мерките и препораките. Ова секако ќе продолжи и во наредниот период, со повторното воспоставување на патничкиот воздушен сообраќај.
Имавте планови за инвестиции, дали ќе бидат одложени поради новите услови?
Ерсој: Благодарение на досегашните инвестиции, македонскиот авиопазар пред кризата со коронавирусот достигна стабилно и одржливо ниво на функционирање. Во последната деценија, за четири пати го зголемивме патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид, го поврзавме Скопје со 44 дестинации, а четири пати бевме прогласени за најдобар аеродром во Европа во нашата категорија. Со сите овие активности, придонесовме за развој на македонската економија, а тоа ќе биде нашата цел во иднина. Околностите што ќе ги наметне пандемијата дефинитивно ќе бараат секоја засегната страна во авиосообраќајот да се прилагодува, но нашиот фокус ќе продолжи да биде на обезбедување највисок квалитет и најефикасни услуги за авиокомпаниите и патниците.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.