Интервју Георгиевска: Не потклекнавме на притисоците во Карпош, независните имаат доследност во заложбите
Објавено во: Македонија 03 Септември, 2025 09:26
Независните кандидати се повеќе се охрабруваат да настапат не само на советничките листи на претстојните локални избори, туку и во трката за градоначалник, што ја прави оваа кампања поразлична од претходните циклуси. Невена Георгиевска, граѓански активист, која четири години беше независна советничка, сега се кандидира за функцијата градоначалник на општина Карпош. Гледано чисто политички тука изборите ќе бидат неизвесни, актуелниот градоначалник и покрај сите скандали е многу локално популарен, додека пак ВМРО-ДПМНЕ има шанси да си ја „врати“ општината преку коалиција со ЗНАМ. СДСМ кои го сметаа Карпош за свој бастион исто така не може да се отпишат, но прашање е дали имаат јасна стратегија за овие избори.
Секако, независните листи може да ги „поматат“ сметките на големите партии, а двете советнички од „Независни за Карпош“ привлекоа огромно медиумско внимание со нивните настапи и барања кои беа „трн во око“ на етаблираната моќ во Карпош. За шансите на независните кандидатури разговараме со Невена Георгиевска, како во Карпош, така и пошироко во Скопје и останатите градови каде има силно присуство на независните граѓански движења, но и зошто не успеаја да се договарат да настапат преку една обединета платформа.
Фактор: Вашето граѓанско делување во општина Карпош датира пред десетина години кога се водеше битка за укинување на повеќе спорни урбанистички планови кои драстично го сменија ликот на населби како Тафталиџе, каде практично беа изградени мини градови. Исто и во борбата со загадениот воздух, проблем кој никој не покажа јасна политичка волја и акција да го реши, освен со парцијални и ад-хок мерки. Денес сте кандидатка за градоначалник на општина Карпош, со поминат четиригодишен мандат како независна советничка, односно како „дел од системот“. Вака кога ќе погледнете наназад од граѓански активизам, до соочување со партиската машинерија на локално ниво, каква е вашата политичка перспектива за претстојните избори?
Георгиевска: По долгогодишен активизам, влегувањето во Советите, како во општина Карпош, беше само продолжение на сето тоа што го правевме низ годините, фаза во која сметавме дека мора да делуваме внатре во системот за истите цели. Многу работи однадвор делуваат поинаку, се соочив со работи кои не би верувала дека се можни освен ако не ги доживееш.
Партиските машинерии го имаат толку добро разработено системот како да се дојде до власт и како да се опстои што е можно повеќе, при тоа запоседнувајќи ги сите институции и капацитети. Деновиве правевме анализи колку пари се слеваат кај партиите само со учество на изборите и сумите за периодот од 4-5 години се движат од стотици илјади до милиони евра. Не сум слушнала дека некој искористил дел од тие пари да направи нешто за јавно добро, некој проект што го понудиле во програма а е во рамки на тие суми, ако имаш средства не мора да си во некоја институција па да чекаш да го реализираш тоа.
Колку и да звучи остро, гневна сум од тоа што го доживуваме изминативе години, на разнебитување на сѐ што било јавно добро, распродавање на сѐ она што треба да значи важен ресурс во однос климатските промени кои следат, никаква грижа за она малку останато кое наместо да се реобнови се обезвреднува, никаква одговорност или отчетност.
Затоа мислам дека и покрај големата разочараност која владее меѓу граѓаните, огромна улога ќе имаат и ресурсите со кои располагаат, со скапо платени кампањи, ќе се обидат да им ги продадат на граѓаните своите приказни и ветувања за добивање на екстра гласови од нивните стандардни поддржувачи. Од друга страна ние од почеток на овој изборен процес се соочивме со препреки, два месеца се трошевме убедувајќи ги дека треба да се најде решение за нашето излагање на избори, не планираме скапи кампањи, сепак имаме искуство во работата со општината, а и како активисти, ги знеме добро главните проблеми на граѓаните, поголемиот дел од нив се истите за чие решавање се бориме со години и вон системот. Нашата цел е да се претставиме добро, а крајната одлука ја има граѓанинот.
Фактор: Како го оценувате вашиот советнички мандат, сметате ли дека успеавте да донесете промени во процесот на носење одлуки во општината и застапување на интересите на граѓаните. Впрочем, вашите судири со градоначалникот станаа и атрактивни медиумски, ве прогласија за „хистерични“ и за вршење „мобинг“ за инспектор да „си ја врши својата должност“. Но, настрана овој „локален фолклор“, кои се вашите конкретни импути во работењето на општината?
Георгиевска: Овие четири години иако беа исцрпувачки, не бев запознаена колку има работа еден советник, доколку си ја извршува совесно и одговорно својата работа, сепак е огромно искуство, научивме и многу работи во однос на работењето на општината, запознавме дел од тие што стојат зад успешно завршени и реализирани проекти и програми, има одличнни професионалци кои можеби завршуваат работи и за повеќе вработени, но има и такви како нашиот славен градежен инспектор. Има многу работи за кои сум задоволна од нашата улога во Советот, иако бевме само две советнички за многу одлуки успеавме да влијаме, да се донесат правилно.

Успеавме после неколку притисоци и барања да се емитуваат седниците на Совет во живо, успеавме да зголемиме буџет за реализација на ЛЕАП (Локален Акционен Еколошки План), прекин на рестрикциите на улично осветлување, забрана за изградба на асфалтни бази на територија на општината, одвојување средства за технички бунари со последниот ребаланс и др. Она што многу ми е жал што не успеавме да го спречиме е изградбата на зградата во болничкиот комплекс, направивме се што можевме и знам дека ако во државава владе право и закон таа не требаше да се случи.
Фактор: На што го базирате вашиот потенцијал за успешен настап на претстојните локални избори, сепак актуелниот градоначалник е многу популарен меѓу гласачите, а се очекува преструктуирање во десницата, најверојатно со помош на нивните левичарски коалициони партнери. Како во овој пејсаж се гледате себеси, на кои гласави ќе атакувате и која е вашата главна платформа за карпошани?
Георгиевска: Нашиот потенцијал е она што сме го оставиле зад себе изминатиов период, нашето искуство, пристапот кон решавање на проблемите базиран на темелни анализи и аргументи. Нашиот потенцијал е и интегритетот и доследноста на нашите заложби на кои опстоивме без разлика на сите притисоци и убедувања од најразличен тип со кои се сретнавме во овој мандат. Огромната разлика меѓу нас и партиските избрани личности е што секогаш го бираме јавниот интерес пред личниот, нема пазарења и калкулации, не гласаме по директива и сме искрени во тоа што го правиме.
И за време на овие четири години имаше преструктуирање во редовите на советничките групи, неколку советници станаа „независни“, така да нашето влијание не беше спорно. Очекуваме гласови од сите оние луѓе кои ќе ја препознаат нашата вредност и промените кои ги носиме, гласовите за нас не носат пари на наши конта, го правиме она што сме го правеле со години, сега само помоќно, внатре во системот.
Фактор: Независните кандидати на претходните локални избори, севкупно гледано освоија околу 55.000 гласови и ако истите се обединат во една група би прераснале во петта политичка сила во Македонија. Иако и тогаш не настапивте на една платформа, сега некако се добива впечаток дека постои разидување со најавата за формирање на неколку политички партии кои произлегуваат од граѓанските движења. Вие како дел од „Независни за Карпош“ се повлековте од таа идеја. Има ли „раздор“ меѓу независните, или пак планирате поконретна соработка, како во Карпош, така и во трката за град Скопје и пошироко низ државата со останатите независни листи, од Тетово, Битола, Струмица, Валандово, Гевгелија, Кочани, и другите градови каде на изборите во 2021 имаше позитивни резултати?
Георгиевска: Свесни сме дека ќе има шпекулации, но Независните остануваат да соработуваат за заеднички цели. Не ни е прв пат да сме имале различни ставови, сме соработувале и претходно, и добро се познаваме. Идејата за обединување под заедничка платформа постои од поодамна, но недефинираноста на начинот на кој требаше да настапиме и неизвесноста не принуди да размислуваме за основање партија само како можност за учество на избори.
Но, притисокот со времето кое одминуваше, процесот кој требаше да оди природно и кој не е така едноставен ако сакаме да го поставиме на здрави основи, требаше да се направи во нереално кратко време со ограничени ресурси. Затоа кога веќе беше јасно дека постои начин да се кандидираме како независни, го напуштивме тој процес, затоа што тоа не е нашиот начин на делување.
Има ли битки во поглед на урбанизмот, личниот пред јавниот и колективниот интерес и лошото управување со животната средина и зеленилото кои се веќе изгубени, или пак има елан, ентузијазам и решителност да се справите со овие проблеми, но и колку тоа резонира кај населението, се подигна ли свеста кај граѓаните дека сепак, може нешто да се промени, а не само да се следат изборите и институциите низ призма на дневно-партиска пресметка?
Георгиевска: Свесноста за проблемите и посебно тоа што директно не засега во однос на нормалното живеење и здравјето е се поприсутна, поголем проблем е како да ја подигнеме свеста кај тие што носат одлуки, и се во позиција да направат промена. Просто неверојатно е како само наоѓаат начини во зависност од тоа од која страна се, власт или опозиција да го претставуваат проблемот. При тоа никаква одговорност, самокритичност, секогаш некој друг е крив. Да се трошат толку финансии на лична удобност во позицијата на функција, а притоа здравството да се распаѓа, да чекаме дожд да заврне да не спаси од пожарите во лето и повторно да не се инвестира во опрема, да имате граѓани кои не можат да си дозволат еден пристоен дневен оброк, ама за службени автомобили не може да нема. Секогаш решенијата се изнаоѓаат пред избори како убаво спакувани програми. За жал главниот избор се сведува на глас за помалку лошиот.
Не знам дали е елан или непокор, дека не може да не победат и да ни го одземат правото додека сме тука да опстанеме во нашите битки. Зошто полошо е ништо да не се прави, да го прифатиме ненормалното за нормално, да не реагираме на тоа, да затвориме очи кога гледаме депонии каде не им е место, да заборавиме дека секој ден без напор да се смени нешто делува како да свесно одобруваме нашите деца да живеат со загадена околина и да дишат отрови. Свесна сум дека може нема да успеаме да ги видиме резултатите од нашите битки онакви какви што ги поскауваме во поскоро време, ама сите оние кои сме ги мотивирале и кои ни се придружуваат и подржуваат се нашите награди. Доколку многу од оние кои до сега не биле мотивирани да излезат на гласање, со ставот – сите се исти, сега излезат и видат надеж во нас, ние веќе сме победиле.
Х.С.Можеби ќе ве интересира
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот
ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми
УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема
УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето
Обвинение за ексдиректорот на „Комунална хигиена“ Рустеми за ѓубрето во Скопје




