29 Септември, 2024
0.0301

ИНТЕРВЈУ КАЛИНИКОВ: Преку МИФ вложуваме во компании со визија за брз раст

Објавено во: Економија 15 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Тој е на чело на друштвото СПМГ кое управува практично со единствениот активен приватен инвестициски фонд во Македонија. Дејан Калиников управител на СПМГ, друштво кое управува со единствениот приватен фонд во Македонија  - МИФ во интервју за Фактор вели дека отсуството на алтернативни начини на финансирање, односно отсуство на приватни инвестициски фондови во земјава се должи на неколку фактори кои ја „карактеризираат“ Македонија во економски односно деловен смисол. По својот карактер, МИФ е нетипичен фонд кој има развојна компонента. Идејата е да се инвестира во мали претпријатија кои имаат потенцијал за брз раст, со цел компаниите да пораснат и да се креираат повеќе работни места. МИФ е финансиран со средства од УСАИД и инвестира средства во максимален износ од 85.000 евра по проект што повеќе личи на инвестиција од VC (Venture Capital) фонд, при што превзема малцински удел во сопственоста на компанијата во која инвестира. 

Калиников, Македонија подолго е во една анемична економска ситуација, а кризата која ја предизвика и пандемијата предизвика дополнително забавување на економскиот раст, значеше и дополнителен удар за компаниите, намален беше пристапот до финансии. Кој е импактот врз малите и средни компании, според вас, во актуелната ситуација?

Калиников: Може слободно да се каже дека пандемијата и забавувањето на економскиот раст имаше поразително дејство на голем број мали и средни компании, бидејќи истите ниту имаа „резерви“ кои можат да ги трошат во услови на криза, ниту пак се соодветни за ново или дополнителнобанкарско финансирање, кое е доминантен тип на финансирање во Македонија. Некои индустрии како на пример угостителството, туризмот, текстилот, практично се соочија со пад во бездна, други имаа значително намален промет и генерираа загуби. Релативно е мал бројот на мали и средни претпријатија кои успешно се справија со кризата – претежно тоа се компании кои работат во доменот на информатичката и телекомуникациската технологија, е-commerce, прехрана, фармација, здравствени услуги, лаборатории...

Од друга страна во земјава компаниите многу слабо се финансираат со алтернативни начини, доминантно е банкарското финансирање преку кредити. Колку е генерално проблем тоа и дали така имаат сериозен пристап до свеж капитал?

Калиников: Факт е дека банкарското финансирање е доминантно во Македонија и дека алтернативен начин на финансирање на бизнисите речиси и да не постои. Бројот на приватни инвестициски фондови кои директно инвестираат во компании е многу мал, а дури и факторинг услугите, како можен начин на финансирање на бизнисите, се само ограничено присутни во Македонија. Кога си сопственик или менаџер на мала или средна компанија, тоа е голем проблем, бидејќи пристапот до свеж капитал е важен катализатор за развој на еден мал економски субјект. 

На што според вас се должи овој подолготраен тренд на отсуство на можности за помош и финансирање на компаниите особено на помалите?

Калиников: Отсуството на алтернативни начини на финансирање, односно отсуство на приватни инвестициски фондови се должи на неколку фактори кои ја „карактеризираат“ Македонија во економски односно деловен смисол. Поважни се следниве - малиот пазар и недоволно развиената економија, со релативно мала „апсорпоциона" моќ за големи, доволно конкурентни и интересни проекти кои би се финансирале, недоволна волја кај македонските претприемачи за добивање „партнер“, односно содружник во бизнисот; ограничени менаџерски вештини кај претприемачите односно отстуство на желба за учење на нови вештини; правна несигурност; ограничени можности за „излез“од инвестициите  или неможност за продажба на компанија или дел од компанија, но и други причини.


Концептот на финансирање и развој на стартапите и помалите компании преку приватни фондови, па и бизнис ангели во светот на времето направи пресврт и изнедри бројни успешни компании чиј капитал се мереше во милијарди. Зошто е значаен овој концепт? Каков квалитет носи финансирањето преку приватен фонд?

Калиников: Приватните инвестициски фондови се многу важни за поттикнување на развојот на претприемништвото и за младите бизниси. Тие инвестираат таканаречен ризичен капитал, односно прифаќаат многу повисоко ниво на ризик во однос на банкарското финансирање. Тоа значи дека финансирањето најчесто се реализира без некаква форма на обезбедување односно без хипотека или залог на пример и дека инвеститорот е изложен на истиот ризик на кој е изложен и претприемачот. За возврат, пропорционално на превземениот ризик, се очекува и соодветен повисок поврат на инвестираните средства, кој се остварува преку раст на компанијата и зголемување на нејзината пазарна вредност. Освен финансиските средства, приватните инвестициски фондови обично додаваат и дополнителна вредност во компаниите во кои инвестираат односно или отворање на нови пазари, помош во менаџирањето на компаниите, пронаоѓање нови партнери и дополнителни можности за финансирање. Затоа често овие финансии знаат да бидат окарактеризирани и како „паметни пари“ (smart money).

А во Македонија вие сте на чело на друштвото СПМГ кое управува практично со единствениот активен приватен фонд. Зошто да има само еден? Нема ли потенцијал за повеќе или ризикот кај нашите компании е толку голем?

Калиников: Дел од прашањето зошто е само еден е практично одговорено погоре. Потенцијал за присуство на повеќе приватни инвестициски фондови секако дека има, но само доколку истите се регионални фондови, кои имаат „мандат“ да инвестираат и во Македонија. Концептот на т.н. „country“ фондови е напуштен, особено за мали економии како што е нашата. Регионалните фондови ги адресираат потребите за инвестиции во поширок регион - на фондовите им се отвора пристап до повеќе потенцијални инвестициони проекти, им се диверзифицира ризикот, им се намалуваат трошоците на работењето, и им се зголемуваат шансите за остварување повисок поврат на инвестициите. Во однос на ризикот кај нашите компании, тие секако треба да размислуваат на сличен начин како фондовите – регионалното присуство го намалува ризикот од работа на мал, турбулентен пазар и ги зголемува шансите за успех и шансите да привлечат инвеститори.

Како всушност вие функционирате? Како финансира Микро инвестицискиот фонд - МИФ?

Калиников: По својот карактер, МИФ е нетипичен PE (Private Equity) фонд кој има развојна компонента. Идејата е да се инвестира во мали претпријатија кои имаат потенцијал за брз раст, со цел компаниите да пораснат и да се креираат повеќе работни места. МИФ е финансиран со средства од УСАИД. МИФ инвестира средства во максимален износ од ЕУР 85.000 по проект што повеќе личи на инвестиција од VC (Venture Capital) фонд кој инвестира во некоја ceed фаза. При тоа превзема малцински удел во сопственоста на компанијата во која инвестира. Самите инвестиции имаат таканаречени мезанин структури, што значи дека се комбинација од инвестирање во сопственички капитал  односно докапитализација преку equity вложување и заем, за кој не се бара „тврд“колатерал (заем со придружен ризик).

MIF e т.н. industry§or agnostic, што значи дека не преферира одредени индустрии и сектори, туку е отворен за сите компании од сите индустрии и сектори кои ги исполнуваат критериумите за инвестирање наведени подолу. Компаниите кои се предмет од интерес за инвестиција од фондот, обично ги имаат следниве карактеристики: реален потенцијал за брз раст и развој, потенцијал/атрактивност на индустријата во која е активна компанијата, конкурентска предност и профитабилност на производот или услугата, добар менаџерски тим, со интегритет и успешна историја.


Вие сте практично фонд менаџер на друштвото. Главен за остварување на повратот на средствата? Какви се искуствата во земјава, а каква е статистиката? Колку од малите и средни компании имаат можност да успеат и да се развијат со ваков тип финансирање? Од друга страна кои севашите очекувања и како гледате на потенцијалот во реалниот сектор во земјава?

Калиников: Нашето искуство доаѓа од работењето на приватните инвестициски фондови (Private Equity) во Македонија со кои управувал СЕАФ и/или СПМГ Капитал. Во портфолиото на еден PE фонд, односот на успешноста на инвестициите е типично 20:60:20  односно 20 отсто од инвестициите ќе пропаднат, 60 отсто ќе бидат со позитивни резултати, во рамките на очекувањата, а 20 проценти ќе бидат многу успешни, далеку над очекуваното. Тоа се преслика и на работењето на фондовите на СЕАФ и на СПМГ Капитал во Македонија: дел од инвестициите беа многу успешни, дел од инвестициите потфрлија, додека добар дел од инвестициите беа во рамките на очекувањата. Можност да се развијат практично имаат сите мали и средни компании кои ги исполнуваат критериумите наведени погоре, но само доколку дисциплинирано и посветено го развиваат бизнисот, употребувајќи при тоа модерни вештини за менаџирање. Во спротивно, успехот ќе изостане и тоа и праксата го потврдува.

Во поглед на очекувањата, јас сум оптимист, бидејќи гледам сè повеќе млади луѓе кои имаат желба да развиваат сопствен бизнис, кој по својата природа може да ги надмине границите на Македонија. Тука ја гледам и иднината на нашата економија  - во бизниси кои можат да прераснат во регионални и кои по својот концепт не се ограничени само на Македонија. Без таков пристап, нема да ги достигнеме долгоочекуваните повисоки нивоа на економски развој.

СПМГ Капитал практично е формиран уште во 2006 година, а во тимот се главно дел од претставниците на познатиот СЕАФ. Тие имаа доста успешни инвестиции...

Калиников: Да, така е. Тимот на СПМГ Капитал е составен од професионалци со долгогодишно искуство во доменот на финансиски инвестиции, а кои всушност се и дел од тимот кој управуваше со фондовите на СЕАФ во Македонија. Тимот на СПМГ Капитал заеднички има повеќе од 30 години активно искуство во правењето на инвестиции во Македонија. Такво инвестициско искуство во Македонија нема ниту еден друг тим.

Какво е Вашето портфолио досега и во сума, но и за колку компании станува збор? Во какви компании сте влегле и кој е резултатот?

Калиников: Ако се собере бројот на инвестиции кои ги реализирале СЕАФ и СПМГ Капитал во Македонија, таа бројка е над 30 инвестиции, што е солидна бројка за мал пазар како што е Македонија. Тоа што е исто така важно, е да се потенцира и големиот број на реализирани излези од овие инвестиции, бидејќи за приватните инвестициски фондови, колку што е важно да се направи добра инвестиција (добар влез во компанија), толку е важно да се направи и добар излез од инвестициите (да се продаде уделот на фондот во компаниите каде инвестирал), бидејќи целта на фондовите не е трајно да останат ко-сопственици во компаниите каде се инвестирало. Доколку се исклучат компаниите кои доживеаја неуспех на пазарот и згаснаа, и неколкуте сè уште активни инвестиции, бројот на реализирани излези е над 20.

Во поглед на профилот на компаниите и индустриите во кои беа реализирани инвестициите, тука постои голема разноликост, бидејќи сите досегашни фондови од СЕАФи СПМГ Капитал во Македонија се т.н. industry§or agnostic, што значи дека не преферираa одредени индустрии и сектори. Така, реализирани се инвестиции во ИТ и телекомуникации, дистрибуција и малопродажба на стоки за широка потрошувачка (вклучувајќи и on-line продажба), издаваштво, печатење, производство на храна (вклучувајќи и органска, здрава храна), рециклирање на пластика и стакло, климатизација, и други.



Кои индустрии се најпогодни за ваков тип инвестирање?

Калиников: Генерално, најпогодни за инвестирање се индустрии каде може да се оствари брз пораст во некој рок од 3-7 години. Типични индустрии се ИТ, телекомуникации, е-commerce, и сите нови индустрии од типот deeptech, agritech, healthtech ... Но, практично во секоја индустрија постои можност за иновација која ќе направи тектонско пореметување на истата па видете ги само примерите на Tесла и Римац во автоиндустријата. Така што, скоро во секоја индустрија постои можност за инвестирање од овој тип.

И државата преку Фондот за иновации и технолошки развој најавува Хибриден фонд за ваков тип финансирање на компании. Колку оваа идеја ќе биде од корист?

Калиников: За поздравување е проектот на владата, преку ФИТР, да се креира Хибриден инвестициски фонд. Целта на вложувањето на јавни средства во еден ваков инвестициски фонд е да се намали ризикот на останатите инвеститори, како и да се покријат дел од трошоците за управување со самиот фонд, и на тој начин да се стимулираат и инвеститорите и фонд менаџерите да учествуваат во ваков фонд. Бидејќи Македонија сама по себе, не е доволно „атрактивен“пазар, природно е да се направи напор од државата да се стимулира формирањето на фонд кој ќе инвестира во ММСП и да се овозможи развој на Venture Capital (VC) и Private Equity (PE) секторот во државата. Само прашањето е дали е тоа доволно? Клучот на успехот на еден ваков фонд, поддржан од државата, е во доброто поставување и системот за управување со фондот, кој ќе му овозможи на фонд менаџерот независно, професионално и етички коректно да управува со фондот, без притоа да биде изложен на притисоци од владата за тоа каде и какви инвестиции треба да се прават. Постојат и други услови кои треба да бидат исполнети за еден ваков фонд да биде целисходен, но за тоа повеќе во некоја друга прилика.

Генерално кои се вашите планови за развој и со каква стратегија влегувате за следниот период?

Калиников: СПМГ Капитал продолжува активно да инвестира на македонскиот пазар преку средствата достапни од МИФ. Воедно, тимот е посветен и на активно пронаоѓање на нови извори за финансирање кои ќе овозможат креирање на еден поголем регионален фонд, кој ќе ја покрива и Македонија. Ние сме веќе дел од една таква регионална иницијатива и се надеваме дека во наредниот период ќе имаме добри вести за малите и средни претпријатија во регионот кои се во потрага по алтернативен начин на финансирање.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Шефот на Nvidia гледа „спас“ во нуклеарната енергија

Шефот на Nvidia гледа „спас“ во нуклеарната енергија

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи

ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Холандија произведе повеќе од 50 проценти од електричната енергија од обновливи извори

ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Холандија произведе повеќе од 50 проценти од електричната енергија од обновливи извори

ДАЛИ АМАЗОН ЌЕ ГИ ИЗГУБИ РАБОТНИЦИТЕ - по најавата за враќање во канцеларија, 73 отсто од вработените најавуваат откази

ДАЛИ АМАЗОН ЌЕ ГИ ИЗГУБИ РАБОТНИЦИТЕ - по најавата за враќање во канцеларија, 73 отсто од вработените најавуваат откази

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА: За колку се зголеми?

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА: За колку се зголеми?

ЕВРОСТАТ: Цените на житарките во Европската Унија се намалија за 14 отсто

ЕВРОСТАТ: Цените на житарките во Европската Унија се намалија за 14 отсто

АРГЕНТИНА: Државата тоне во сиромаштија

АРГЕНТИНА: Државата тоне во сиромаштија