25 Ноември, 2024
0.0290

Интервју Корубин: Новите пратеници да знаат дека им служат на граѓаните, а не на партиите

Објавено во: Македонија 20 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Наскоро новите народни избраници ќе седнат во пратеничките клупи и во конститутивната седница ќе треба да создадат владејачко мнозинство кое на мандатарот ќе му ја изгласа новата влада. Претстојат многу тешки и важни одлуки за иднината на државата, а не само за тоа кој ќе владее. За да ви ја претставиме „внатрешноста“ на Собранието разговаравме со поранешната пратеничка Никица Корубин. Таа беше предложена од ЛДП, но дел од мандатот го помина и како независна пратеничка поради судирот со партиското раковдство. Како дел од владејачкото мнозинство застана зад уставните измени кои произлегоа од Договорот од Преспа, како и контроверзниот Закон за употреба на јазиците. Со Корубин полемизираме за нивото на политичка култура и дебата во македонскиот дом на демократијата, што треба да научат новите пратеници од претходните искуства. Корубин смета дека возможни се и трансфери на пратеници за формирање на мнозинство, но најповолно сценарио е со поголема вклученост на повеќе партии и коалиции за постабилна и инклузивна влада. Отворено говори и за нејзините успеси, но и неуспеси како пратеник, односно за прашањата кои не беа реализирани во претходниот мандат.

Како е да се биде пратеник во владејачко мнозинство од помал коалиционен партнер во Собранието, колку еден народен избраник има слобода да делува или мора да ги следи насоките од централата?

Корубин: Всушност прашањето е како е да се биде пратеник воопшто, ако тргнеме од премисата дека Собранието е највисокиот орган во хиерархијата на трите уставни власти: законодавна, извршна и судска. Но, дали е така во реалноста? Јас би рекла, за жал не. И тоа според мене е еден од клучните проблеми за нефункционалноста на институциите. Пратениците се всушност самите граѓани и без разлика што се тие номинирани од страна на партија или независна листа, функцијата пратеник е индивидуална. Се плашам дека ретко кој вистински ја разбра пораката на експертската група на ЕУ, предводена од Рајнхард Прибе и феноменот на „заробена држава“. Таа, иако во дадениот момент се реферираше на конкретна партија/партии, во основа се однесува за односот на партииите кон државата. А, тој е се уште крајно спорен.

Оттаму, директно да одговорам, секој пратеник има слобода да делува толку колку што тој самиот на себе си дава слобода. Но, за жал, за повеќето припадноста кон партијата е побитна од припадноста кон државата, и речиси и да нема разлика која функција ја обавуваат, кога секако партиската функција ја диктира нивната „моќ“. Иако, верувам дека повеќето би сакале да го следат својот личен интегритет, ригидниот партиски однос, ги спречува во тоа. Зборувам за големите партии. Помалите коалициони партии, поради стравот од реалната (не)моќ што ја имаат кај граѓаните, најчесто се поставуваат прилично клиентелистички кон поголемите партнери. За да тргнеме напред, потребна е итна демократизација на партиите.

Како ќе го оцените новиот парламентарен состав, има многу нови имиња и една нова партија како Левица кои за прв пат ќе седнат во пратеничките клупи, но и десетина ветерани. Од друга страна неколку препознатливи имиња од претходниот состав или воопшто не се најдоа на листите или не успеаја да станат пратеници. Што може да очекуваат граѓаните?

Корубин: Јас верувам дека граѓаните треба што повеќе да се вклучат директно во политика. Затоа, што политиката не е однапред дефинирана, таа е таква, какви што се луѓето што се занимаваат со неа. На тој начин ќе се развива и самата демократија, кога партиите ќе бидат под притисок од вистински квалитет и толку потребната идеологија. Бидејќи, постоечкиот изборен модел се уште им дава комоција на раководствата на партиите, да ги диктираат листите според сопствените афинитети и интереси, новиот парламентарен состав ќе биде слика на залагањата на самите партии. Да видиме дали нивните формални заложби во многу области, вистински се рефлектираат преку избраните пратеници. Искуството ме научи дека не треба кон никого да се има предрасуди, и дека на секого треба да му се даде шанса да се покаже како вистински претставник на граѓаните. На нив самите е да одлучат кого сакаат да претставуваат, само партијата или интересите на граѓаните?

Што се однесува до Левица, таа е после подолго време, прва партија од условно кажано „македонскиот блок“ која самостојно влегува во парламентот, што е исклучително тешко, со ваков изборен модел. Мислам, дека првичните реакции се површни во однос на причините, и јас сметам дека поддршката што ја доби е комбинација на неколку фактори, во кои голема улога одигра и големата разочараност кон двете големи партии СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ, недостатокот на други помали партии, медиумската блокада со која се соочија некои нови политички субјекти, и на крајот апатијата на граѓаните од ист начин на практикување политика, но и отпорот кон класичниот естаблишмент, главно од помладата генерација. Да сум на местото на големите партии, сериозно би ме загрижила големата неизлезност на граѓаните на овие избори. А, да сум на место на помалите партии сериозно би ги преиспитала премисите на кои се темелат. Во политиката, како и во културата, клучно е да се разбере „духот на времето“.


Колку ќе биде тешко да се формира новата влада бидејќи ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат доволен коалиционен потенцијал без ДУИ. Дел од аналитичарите велат дека можни се и трансфери на пратеници по изборите како и многу скриени потези за постигнување на парламентарно мнозинство. Што мислите вие?

Корубин: Овие избори, беа избори без преседан. Не само поради светската криза со пандемијата, туку и политичката криза во која се најдовме со предвремените избори, кои и не беа најсреќно решение. Тие се производ на правен преседан, со одбивањето да се врати постоечкиот (самораспуштен) парламент во функција, преку кој, според мене, но пред се според многу експерти кај нас, можеше подобро да се менаџира целата политичка, здравствена, па и економска ситуација. Но, тоа е што е.

Доколку, и официјално, после сите приговори и евентуални прегласувања, се потврдат овие резултати, главното изненадување е секако ДУИ. Барем, за пошироката јавност. Соодносот на силите на СДСМ и ВМРО е очекуван, барем според анкетите кои ги гледавме. Сега практично имаме обратна ситуација во однос на 2016 година, кога ВМРО имаше предност од два пратеника. Но, имаме значително помала поддршка и за двете партии. Бидејќи, јас бев дел од владеачкото мнозинство, ќе го коментирам само тој дел. Сметам, дека е крајно време, ако веќе не е и поминато, да се направи сериозна анализа, во однос на драстично намалената поддршка. Алармот беа претседателските избори. Се чини дека никој сериозно не ја разбра пораката на граѓаните тогаш, која сега само кулминираше. Анализата е потребна, поради главниот предизвик кој не чека како држава, отпочнување на преговори со ЕУ, за кои секогаш имало консензус кај граѓаните. Но, некој треба тие преговори да ги спроведе.

Во однос на фомрирањето на идната влада има повеќе можни сценарија, но ниту едно не смее да ги исклучи, условно кажано „албанските партии“ кои добија голема поддршка од граѓаните, тука мислам и на ДУИ и на Алијансата на Албанците и Алтернатива, ДПА. Беса е секако во коалиција со СДСМ. Доколку се случат трансфери на пратеници, значи дека има обид за т.н. „позајмување на пратеници“ од македонскиот блок, за да се дојде до 61 пратеник, а да се избегне партнерот кој се наметнува според гласовите на граѓаните.

За мене идеално сценарио е комбинација на експертска влада/широка коалиција од сите партии, со една цел, справување со оваа криза без преседан и отпочнување на преговорите со ЕУ. Второ пожелно сценарио, доколку СДСМ со коалицијата, успее во тоа, кои освоија највеќе мандати, е стабилна влада со сите албански партии во неа. Иако, не ја исклучувам можноста и ВМРО, поради малата разлика во мандати да се обиде да формира влада со албанските партнери.

Вие дел од мандатот го поминавте како независен пратеник, и како фракција во ЛДП која се спротистави на Горан Милевски. Сепак, останавте дел од мнозинството. Што значи да се делува како независен пратеник во Собранието и каков е односот кон гласачите кои ви ја дале довербата?

Корубин: Јас бев предложена од страна на ЛДП, која во 2016 беше дел од големата коалиција на граѓаните со партиите, предводена од СДСМ како најголем политички субјект. Мислам дека е интересно да напоменам, дека во 2016 се случи мал демократски преседан во ЛДП, од кој за жал многумина се уплашија во самата партија. А, тоа е начинот на кој тогаш за прв и мислам за последен пат, беа избрани пратенците во оваа партија. Јас, како и мојата колешка Јулијана Николова, бевме избрани со директно тајно  гласање, преку соочување со нашите против-кандидати на највисокото партиско тело, меѓу два конгреса, Централниот Одбор. Јас ја добив довербата од страна на членовите на Централниот Одбор во директно соочување со тогашниот генерален секретар на партијата. За жал, претседателот на партијата, одби да учествува во директно соочување и беше избран по автоматизам, и според мене ја пропушти шансата да ја зголеми довербата во самата партија. Но, тој би го нарекла „демократски инцидент“ до кој стигнавме тешко, набрзо се претвори во речиси целосно суспендирање на демократските пракси во партијата, и ЛДП која има долго искуство на политичката сцена, за жал се претвори во прилично маргинална партија, која се повеќе се потпира на појавноста, отколку на суштината.

Мислам дека беше пропуштена огромна шанса тогаш, со сериозна реформа, и со пратеничите места кои тогаш ги добивме, денес ЛДП да биде релевентен фактор, кој сам ќе можеше да освои пратенички места. За жал победи духот на клиентелизмот, наместо духот на вистинскиот либерализам. Верувам дека во самата партија се уште има исклучително квалитетни луѓе, но ќе мораат самите да се изборат за демократија, на сметка на конформизмот и клиентелизмот. Уште еднаш сакам да изразам благодарност до оние кои ми ја дадоа поддршката, и верувам дека успешно ги претставував либерално-демократските вредности, кои не беа приоритет за дел од раководството. Како може некој да се претставува како либерал, а да се однесува недемократски во самата партија?

Се разбира дека останав дел од владеачкото мноинство, бидејки верував во идеите на решавање на тешките проблеми и евро-атлантската интеграција, која денес е реалност. Мислам дека слободата да се биде независен пратеник е прашање на избор и однос кон политиката, а не прашање на членство во партија. Барем, мојот пример е таков.

Во вашиот мандат се случија огромни турбуленции во Собранието. Преку амнестија како политичка одлука и тежок компромис со правдата се стигна до двотретинското мнозинство за уставните измени по Договорот од Преспа. Како овие премрежја изгледаа од внатре, во Собранието?

Корубин:Мислам дека нема да згрешам ако кажам дека ова беше можеби најтешкиот пратенички мандат, на еден состав на пратеници. Она што требало да се реши многу одамна, не било решено, и тоа од ниту една политичка партија, без разлика на политичката провиниенција. Како и за се друго, и во овој случај требаше да се поклопат многу нешта, за да се дојде до Договорoт од Преспа, кој имајќи ги предвид сите околности во кои се наоѓа државата, но и целиот капацитет кој го имаме, е исклучително добар документ. Не треба да се заборави, дека обврската за преговарање со Грција пред Обединетите Нации, а последователно на тоа и постигнување на конечен договор е преземена уште со Времената спогодба од 1995 и двете резолуции пред тоа 817 и 825, каде се наведени практично истите одредби, кое беа преточени како амандмани со уставните измени. Зошто властите од тогаш па се до минатата година, дозволиле да се преговара, значи да се биде активен учесник во процесот за промена на името, а притоа јавноста да се доведува во заблуда дека наводно „го браниме идентитетот“, а всушност истовремено да се направи брутално уништување и партизирање на целото општество; е прашање чиј одговор историјата некогаш ќе го даде.

Интересно, но многу поголеми премрежија во самото собрание имаше во носењето и изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, отколку при самите уставни измени. Еднаш кога се отвори постапката за уставните измени, во самата расправа се вклучи и ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека и тие сакаа да се затвори ова прашање. Само што не сакаа тие тоа да го направат. На никој начин не го попречија процесот, на начин на кој тие би можеле тоа да го направат. Законот за амнестија е само мал дел од таа приказна, тој е во основа правно решение, но за мене поголем проблем е дијаметрално спротивниот агол што го имаме во однос на настаните од 27 април. Не може уште долго да живееме како општество во две паралелни реалности. Затоа, отпочнувањето на преговорите со ЕУ ни е приоритет, како единствен начин, преку процесот на преговарање, конечно да дојдеме до нормално општество со независни институции. И како можеби единствената точка на обединување.


ВМРО-ДПМНЕ тогаш формираше десет пратенички групи за да може по потреба да блокира одредени процеси. Очекувате ли поголема одговорност од оваа партија која и натаму има висок број на мандати, вкупно 44 да ја презеде одговорноста како опозиција доколу Мицкоски не успее да формира влада?

Корубин: Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, со некои постапки во Собранието, кои вие ги наведовте, но и некои други (поднесување на неразумен број на амандмани); не е ништо друго туку инзвонредна илустрација на феноменот на „заробена држава“. Што тоа значи во пракса? Тоа е всушност користење на државата со сите свои механизми, во случајот Собранието и неговиот деловник, како обична алатка и параван за остварување на замислени партиски цели. Значи, не е државата суштината, туку партијата. Државата тука служи како „пречка“ која треба да се прескокне, со формално запазување на законите. Тоа е таа свест дека партијата е над државата, и токму затоа и пратениците чувствуваат дека треба да одговараат само пред партијата, и не ја прават разликата дека кога ќе влезат во парламентот, тие се власт на сите граѓани, а не само на своите гласачи.

Да не биде дека ова се однесува ексклузивно на ВМРО-ДПМНЕ, иако тие тоа крајно вешто го користеа, треба да се спомене, дека токму ВМРО, почесто отколку што ќе помислите, беа тие што го правеа потребното мнозинство за многу закони. Значи не станува збор дека ВМРО-ДПМНЕ не може поинаку, туку не сака.  Затоа е неопходна реформата во самите партии и нивното поставување во нормалната улога кои би требало да ја имаат во општеството, механизам за да се дојде на власт во силни и независни институции, а не да се биде супститут на државата.

Почнувајќи од себе како ја оценувате политичката култура и нивото на демократска дебата во Собранието. Оценките на многу мерења се дека граѓаните се помалку имаа доверба во оваа институција иако таа е од највисок ранг според Уставот. Сведоци бевме и на многу скандали, „шверцерско“ и силеџиско носење на закони, злоупотреба на европското знаменце за Законот за јазиците, прегрупирање на пратеници и итн. Што треба да научат новите пратеници за Собранието да го заслужи епитетот дом на демократијата?

Корубин: Политичката култура е диктирана од општата култура, што ја поседуваме како индивидуалци или цивилизациското ниво што го поседува самото општество. Ако не разбираме што е демократија, ако не разбираме зошто Уставот предвидува три власти и зошто „главната“ власт е Собранието, а не Владата, и зошто покрај законодавната, главна улога на Собранието е надзорот над Владата; не може да очекувате добри пратеници кои ќе работат согласно уставот и законите. Партиската припадност во суштина треба да означува идеолошка и програмска разлика, а не замена за реалната државна функција. Скандалите, како што ги нарекувате, се резултат на „заробеноста“ на државата и последователно на тоа власта да биде резултат на потреба од контрола, а не потреба од знаење и умешност.

Со власта треба да се знае што да се прави, затоа што власт поради власт знаеме до што води. Новите пратеници треба да знаат дека од моментот кога ќе им бидат верификувани мандатите, тие веќе не и служат на партијата, туку на државата и на граѓаните, а само идејно и идеолошки ја претставуваат партијата. Дека стануваат власт и над своето раководство во партијата, доколку тоа замине во извршната власт. Кое меѓу другото е репер, како партиите го доживуваат и третираат Собранието, што де факто означува суштинско „рушење“ на идејата на уставниот поредок. Доколку успеат да ја преминат оваа ментална блокада, ќе речам дека се вистински пратеници и претставнци на граѓаните.


Дали ќе продолжите да се занимавате со политика, што ви кажува досегашното искуство за заложбите кои ги имавте и што како пратеник сте горди дека сте постигнале, а каде можеби сте згрешиле?

КорубинИмав среќа да бидам дел од пратенички состав кој ги донесе најтешките и најголемите одлуки, кои се резултат на триесетгодишното тежнеење на граѓаните да станеме нормална европска држава. Сметав и сметам дека улогата на пратениците е да носат одлуки, за кои знаат дека во перспектива се од интерес на сите, иако во моментот предизвиците се огромни. Во овој мандат успеаввме и да демонстрираме што значи надзор, со организирањето на две Надзорни расправи од областа на културата, која е во суштина мое поле, и таа заложба беше потврдена и во извештајот на ЕУ како напредок во работењето на Собранието. За жал истовремено со непостапувањето на извршната и локалната власт по заклучоците од Надзорната расправа за статусот на Охрид и охридскиот регион во УНЕСКО, покажавме на дело како држава, што значат формално функционални, а суштински нефункционални власти. Одговорен политичар секогаш треба евентуалните грешки да ги бара прво во себе, секако имајќи го предвид целиот контекст.

Од оваа перспектива сметам дека многу подобро требаше да се објасни суштината на Договорот од Преспа, и долгорочните придобивки од него, кој е страшно деликатна тема за граѓаните, и кој е резултат на нашата реална позиција како држава, а не замислената што важи само во нашите граници. Јас дадов придонес колку што можев, но секогаш може подобро. Исто така, иако неколкумина пратеници се залагавме со сите механизми кои ни стоеа на располагање, не успеавме да ја направиме законската реформа во делот на културата, не се донесе новиот Закон за култура, не се донесе новиот Закон за заштитата на културното наследство, не се направи реформата во секторот култура. И тоа е голем удар. Тогаш кога образованието и културата ќе ни станат еднакво важни како економијата и социјалната политика, тогаш сме отишле напред како општество и знаеме што сакаме на долг, а не само на краток рок. Ако сум успеала да ја обавувам функцијата пратеник/ка суштински и барем малку сум придонела за нормализација на општеството, јас сум среќна дека на прав начин сум била во функција на државата. За поголеми промени, требаат повеќе индивидуалци со став и интегритет. На сите следни пратеници е потегот. Од самите нив зависи.

Што се однесува до занимавањето со политика ... политиката не е само државата и фунцкиите што таа ги носи, политиката е и граѓанскиот активизам, невладиниот сектор, медумите. Политиката е одговорноста што секој од нас ја има за општеството. На тој начин јас сум се занимавала и пред ова, а ќе се занимавам и понатаму со политика. Формата ќе се менува, суштината останува иста. 

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик