Интервју Костова: Незадоволството ќе ги стигне Мицкоски и ДПМНЕ, на изборите ќе настапи борбено и консолидирано СДСМ
Објавено во: Македонија, Интервјуа 15 Септември, 2025 08:38
Пред локалните избори кои ќе се одржат за еден месец веќе се создава атмосфера дека се е познато и дека нема потреба ни од кампањи ни од дебати бидејќи опозициската СДСМ ја очекува нов тежок пораз, по кој ќе биде доведено во прашање нејзиното опстојување како партија. Но, секогаш во државата најголемите „глупости“ се случувале кога сме имале апсолутна власт, а слаба опозиција.
За перспективата на опозициската партија, но и за „комотноста“ на власта, разговаравме со Кристина Костова потретседателка на СДСМ, која доаѓа од градската штипска организација, била дел од Отпорот, Шарената револуција и многу други протестни движења и теренски активности на СДСМ.
Ни претстојат локални избори каде иако фокусот е на проблеми како загадување на животната средина, комунални прашања и локална инфраструктура, сепак кај нас како вообичаено и дневната политика влијае на „температурата“ во оваа преткампања. Во каква кондиција е сега партијата по историски најлошиот резултат на последните избори во 2024 година и какви се перспективите за настап на изборите во октомври?
Костова:На локалните избори во октомври настапуваме со квалитетни решенија за градоначалници и членови на Советите во Општините ширум земјава и Град Скопје. Нашите кандидати за градоначалници се внимателно бирани и во секоја Општина тие се луѓето кои се со поквалитетни бројни тимови професионалци, постручни, покомпетентни и поспособни за работа од опонентите. Граѓаните го препознаваат силниот кадровски и професионален потенцијал, но исто така и човечкиот пристап и искрена комуникација. Нашите кандидати за градоначалници и советници имаат силно развиен слух за потребите на граѓаните, но и одлучност и волја да преземат конкретни чекори за решавање на проблемите и подобрување на условите за живот во средината во која живеат.
Кандидатите за градоначалници од редовите на СДСМ се фаворити во многу Општини, не само во оние во кои веќе се на власт, туку и во Општините кои изминативе 4 години катастрофално ги водат градоначалници од редовите на ДПМНЕ.
Скопје се гуши во смог и никој од актуелната власт ништо не презема, иако 4 години најголем дел од скопските Општини, како и Градот Скопје, се под водство на ДПМНЕ. Секојдневно укажуваме на неодговорното и расипничко владеење на градоначалниците од редовите на ДПМНЕ. За потсетување, во изминативе четири години се случуваа кражби на нафта наменета за греење на училиштата, дивоградби градени од највисоките раководни лица во Општината и блиски луѓе на градоначалниците. Цената на комуналните услуги пораснаа, иако нивниот квалитет значително опадна во Општините водени од ДПМНЕ.
Нема никакви капитални инвестиции, до толку не се подготвени да работат што најголем дел од нив не беа подготвени ниту да аплицираат за проекти од милијардерскиот кредит на Мицкоски. Општинските имоти се раскрчмуваат, се продаваат по багателни суми на лица блиски до ДПМНЕ.
Ниту еден градоначалник од ДПМНЕ нема ниту еден капитален проект којшто решава повеќедецениски проблем или реализира визија за идните децении.
Градоначалниците од редовите на ДПМНЕ не ги реализираа програмите и ветувањата со кои се расфрлаа во 2021 година. Дпмневските градоначалници можат слободно да си ги препишат програмите од пред четири години, ете до толку не сработиле!
Во ваква атмосфера, е важно ние граѓаните силно и одлучно да го спречиме понатамошното тонење на Општините под неодговорното, расипничко водство на ДПМНЕ. Јасно е дека само СДСМ може соодветно да се спротивстави на хаосот кој го предизвикува ДПМНЕ. Партиската машина е ставена во погон. На изборите во октомври настапуваме консолидирани, сплотени и борбени.
Кога ги споменаме дневнополитичките теми, СДСМ како повторно да се враќа на старата плоча „Уставни измени“. Си давате ли автогол уште на почеток на натпреварот, како да не умеете да ги избегнете тие теми кои ви донесоа голем пораз претходно и уште поважно не се гледа јасна цел - како сакате да се поставите во однос на меѓународната заедница наспроти домашните гласачи?
Костова:Отсекогаш сум била горда на мојата партија, затоа што е државничка и интересот на Македонија и реализирањето на главните стратегиски цели на државава биле и останале неприкосновен приоритет на СДСМ во сите децении од неговото постоење. Партијата не смее да биде пред државата и јас се надевам дека и кај нашите политички опоненти конечно ќе проработи таков одговорен и рационален патриотски однос кон државните прашања. Доста ги ставаа партиските интереси пред егзистенцијата на државата. Доста собираат политички поени со евтина пропаганда и манипулација на граѓанството.
Граѓаните со години се изложени на пропаганда и ширење паника и суптилен евроскептицизам од структурите кои се сега на власт. Тој анти-ЕУ сентимент го создадоа и го негуваат поединци и нивни мегафони, ноторни и озлогласени чинители во општеството, кои им даваат директна поддршка на ДПМНЕ. Таа подмолна пропаганда на поделби и креирање лажна слика за патриоти наспроти предавници повеќепати им беше главен механизам за доаѓање на власт. И гледаме ништо од ветувањата не исполнуваат.
Не смееме да дозволиме оваа бледа реприза на изолаторскиот филм на Груевски да продолжи. Немаме време за чекање, сакаме функционална држава, со квалитетно правосудство, ефикасни институции, здрава животна средина и висок животен стандард. Членство во ЕУ е единствен начин да го постигнеме тоа.
За разлика од ДПМНЕ и Мицкоски, кои цимолат и креваат раменици во немоќ додека активно ја вадат Македонија од европскиот колосек, ние преземаме конкретни чекори во корист на сите граѓани.
Резолуцијата која ја подготвуваме е вин-вин решение за државата и за граѓаните. Со неа нудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите, ако тие на кој било начин излегуваат од Преговарачката Рамка.
За разлика од ДПМНЕ и Мицкоски, ние сме проактивни и наоѓаме конкретни решенија, соработуваме со нашите европски партнери, зашто ѝ мислиме добро на Македонија.
Македонија е над партиските интереси, политичките рејтинзи и изборни резултати.
Време е и редно е и другите политички субјекти, а особено ДПМНЕ конечно да покажат политичка зрелост и заедничка одговорност. Да престанат со цимолење и патетики и да се фокусираат на тоа Македонија да продолжи по европскиот пат, кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина за македонските граѓани.
Власта најави голем скандал со злоупотреба на тајната полиција во мандат на СДСМ со наводи дека биле следени тогашниот опозициски лидер, а сегашен премиер, како и други политичари, функционери, новинари, бизнисмени. СДСМ во текот на Шарената револуција, по објавата на „бомбите“ ветуваше целосна реформа на овие критични институции. Дали не успеавте целосно да го реформирате системот, освен како што ве критикуваат со козметички промени од УБК во АНБ, каде ги гледате главните слабости и можеше ли подобро?
Костова:Деновиве исплива на површина вистинската причина зошто ДПМНЕ и Мицкоски настојуваа по секоја цена да му ја подарат директорската функција во АНБ на Бојан Христовски. Христовски, поради кој ја корумпираа Антикорупциска, за да го премолчи неговото неисполнување на основните образовни критериуми за подарената функција, се обиде да направи предизборен спектакл. Но, многу брзо се заглавија во сопствената кал. Впрочем, самиот Христовски го демантираше Мицкоски дека бил прислушуван. Христовски образложи дека станувало збор за „оперативна обработка на таргетирани лица“. При тоа воопшто не споменува дека премиерот бил цел. Ова се сосема спротивни, контрадикторни изјави. Кој лаже тука, Бојан Христовски или Христијан Мицкоски? Сега се обидуваат да ја држат темата со празни зборови и непоткрепени обвинувања, но не можат да го оттргнат од себе впечатокот на јавноста дека ја злоупотребуваат власта за вештачко креирање безбедносна криза.
АНБ е столб на националната безбедност. Таа е клучна институција за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина окупација и злоупотреба, бидејќи тоа е ризик и закана за безбедноста на земјата и рушење на столбовите на државноста. Институциите се реформирани и законите се добри, но сето тоа е залудно кога владејачката структура ги запоседнала преку незаслужни, непрофесионални кадри, кога актуелната власт не ги почитува и работи спротивно на законите и прописите. За ова зборуваме со месеци наназад, предупредувавме дека АНБ не е играчка и дека треба одговорен и професионален пристап, но тие не слушаат.
Што се однесува до „скандалот“ кој сакаа да го создадат, но и контрадикторностите кои сами си ги наметнаа, Мицкоски и ДПМНЕ можат да ги решат сите недоумици.
Но, Владата на Мицкоски бега од декласификација на материјалите, а со тоа бега од јавноста, сака да ја сокрие вистината.
Законот е јасен – „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Затоа нека не бегаат од одговорноста. Ако навистина ДПМНЕ и Мицкоски немаат што да кријат, нека дозволат јавноста да ја дознае целата вистина.
Нека види јавноста кој бил следен, дали Мицкоски комуницирал со лица под надзор, дали имало злоупотреба и кој ја нарачал.
Доколку АНБ тоа не го направи, ќе стане јасно дека станува збор за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злоупотреба. Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со некакви дронови, со обиди за поткуп од странски компании на премиерот и низа други измислени приказни кои завршија без никакви докази и без разрешница.
Да има декласификација, ќе се види дека нема злоупотреба и дека се следени лица за кои имало основа да бидат следени. Нивна цел е да ги спојат АР и АНБ, да се поништат реформи и да се растури безбедносниот систем.
Од катастрофалните економски политики на власта, од ниските плати кои не растат, од неисполнетите ветувања, од скандалите кои секој ден ја тресат владата. Растечко незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски.
ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика исто како што тоа го прави со сите други сериозни национални прашања. Ова е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, чиј единствен интерес е како да го оттргнат вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Врз СДСМ има еден голем тег наречен „ЗНАМ“. Ова движење кое го почна кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски со „премолчена“ поддршка од некогашни првенци на СДСМ успеа да ви одземе значаен контингент на гласови. Имате ли стратегија како да се справите со некогашните ваши сопартијци и идеолошки истомисленици?
Костова:Разочарувањата од ЗНАМ се големи. На изборите во 2024 година тие настапија со големи ветувања, од кои ништо не остварија. Тие се безгласна буква во владината коалиција, третирани се како несериозен партнер во Владата. Шемите со станови и неговиот кум, продажбата на земјиште на ЛИДЛ, како и повлекувањето на обвинението за него, покажуваат дека Максим Димитриевски ја користи ЗНАМ за неговите лични бизнис интереси.
Велеа ќе бидат коректор на Владата, ќе излегле од Влада ако албанскиот партнер во нивната коалиција ги пречекорува овластувањата. Во пракса гледаме дека се прават наудрени, како да се паднати од Марс кога вицепремиерот Фетаи одбива да даде одговор на македонски јазик, кога се зборува за дивоградбите во Чаир, како и ред други злоупотреби на власта и службената положба од страна на нивните коалициски партнери.
Таму нема идеологија, сѐ што нудат е гол клиентелизам како покритие за реализацијата на личните интереси на неколкумина од нивната врхушка. Голем дел од оние што еднаш им ја дале поддршката ги препознаваат нивните лаги и се длабоко разочарани во нив.
Во поглед на идеологијата на секој ваш прес за паднатиот животен стандард и влошени услови за работниците и маргинализираните граѓани веднаш вашите политички противници одговараат со „јахти, бизниси во странство и елитни дестинации“ на актуелното и претходното партиско раководство. Дали таа ваша изворна матрица за социјалдемократија и солидарност се разводнува со наводите за „богаташите“ во врвот на партијата?
Костова:Не постои поголема иронија од тоа најбогатата и најимотната партија која доаѓа од една од најсиромашните земји во Европа да напаѓа кого било за луксузирање. ДПМНЕ е партија со имот во вредност од околу 100 милиони евра, што е речиси дупло повеќе од втората најбогата партија во Европа – Партијата на Центарот во Шведска. Партијата на Меркел во Германија, Лабуристичката и Ториевата партијата во Британија, сите заедно немаат толку имот како ДПМНЕ.
Мицкоски, што цел живот е ранет со златна лажичка, што носи саати од 60 илјади евра на рака и живее во скапи куќи нашол да зборува за раководството на СДСМ?
Најголем дел од СДСМ биле и останале припадници на работничката класа, вклучително и јас. Потекнувам од работничко семејство, мојата мајка сиот свој работен век го помина како текстилна работничка. За разлика од Мицкоски, сум немала привилегиран статус, туку со работа, труд и многу учење сум се борела и сѐ уште се борам за подобар живот.
За разлика од Мицкоски, кој станал асистент на тато, академските постигнувања на луѓето од раководството на СДСМ се чесни, остварени преку макотрпна и посветена работа, со објавени трудови во меѓународни списанија, а не со нерелевантни Power Point презентации, како неговите.
Година и пол се на власт, а ДПМНЕ и Мицкоски со прст не мрднаа за да му помогнат на обичниот човек да ја преброди тешката економска ситуација која тие премолчано ја одобруваат. ДПМНЕ и Мицкоски им прогледуваат низ прсти на сопствениците на големите трговски ланци маркети кога неосновано и неконтролирано ги покачуваат цените на основните производи.
Инфлацијата дивее и целосно ги сроза платите. Додека просечната инфлација во ЕУ е 2.1%, кај нас во август е 4.4%, односно двојно повисока.
Синдикалната кошничка изнесува 65.000 денари, а се потребни речиси 3 минимални плати за да се покријат основните трошоци.
Македонија е последна земја во Европа по куповна моќ, а претпоследна по минимална плата.
Цените на зеленчук се покачени до 46% во споредба со лани. Граѓаните не можат да си ги подмират основните трошоци за живот.
Се затвораат фабрички погони, работници остануваат на улица. Има значителен пад на директни странски инвестиции: од 573,6 милиони евра лани, сега паднале на 221,2 милиони евра.
Мицкоски и ДПМНЕ одбиваат да ги покачат платите, одбиваат да ги почитуваат дури и претходно постигнатите колективни договори, ги оставаат граѓаните на цедило и отворено кажуваат дека немаат намера на каков било начин да интервенираат.
Токму во односот кон животниот стандард е највидлив контрастот помеѓу СДСМ и ДПМНЕ и колку тоа ние сме суштински различни. Во време на СДСМ значително пораснаа минималната и просечната, како и платите во здравство, култура, образование... Претходната власт предводена од СДСМ носеше и конкретни мерки и пакети во износ од стотици милиони евра за директна помош на граѓаните за пребродување на последиците од пандемијата и светската економска криза. Во ек на глобална криза, не ги оставивме граѓаните, а Мицкоски и ДПМНЕ во мирнодопски услови одбиваат да преземат каква било мерка за да им помогнат на граѓаните.
Ние не се откажуваме и, водени од нашите социјалдемократски принципи, нудиме конкретни решенија за економската криза. За жал, гледаме како ДПМНЕ и Мицкоски ги одбиваат сите конструктивни предлози за подобрување на животниот стандард на мнозинството.
Нашите прес конференции се со конкретни и суштински предлози. Одговорите на ДПМНЕ се беден обид за дефокус од нивното неработење, неспособност и комплетен недостаток на волја да се помогне на обичниот човек.
Понекогаш за добро опозициско делување е потребен и бран, не толку од актуелните економски и општествени показатели, туку повеќе од самата атмосфера во општеството, наративите кои се шират меѓу обичните луѓе. Впечатокот е дека барем засега таков бран нема, а и да имаше брзо беше стишен, ако гледаме какви беа реакциите по обидите да се организираат протести по катастрофалниот и трагичен пожар во Кочани. На што ќе се фокусирате сега за да го разбудите опозициското движење?
Костова:Воопшто не можам да се согласам дека не постои бран на незадоволство. Напротив! Ова е единствена Влада во историјата на самостојна Македонија на која во првата година од владеењето, граѓаните ѝ излегоа на улица за многу проблеми кои таа не сака да ги решава. Ќе ве потсетам на протестите за сообраќајна безбедност, на масовните протести по 16 март. Впрочем, деновиве скопјани излегуваат на протести поради неспособноста и немањето волја на власта да се справи со труењето на воздухот во Скопје.
За многу краток период се напласти големо незадоволство од Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Незадоволството е големо затоа што тие одбиваат што било да преземат. Освен партизација на институциите и испумпување државни пари на приватни сметки на поединци и фирми блиски до ДПМНЕ, граѓаните апсолутно ништо не видоа на ниту едно поле. Во периодот пред изборите во 2024 година, од ДПМНЕ настапуваа со големи напади и ветувања дека ќе биле подобри. Сега гледаме дека работите се драстично влошени.
Е препознаен неискрениот пристап на ДПМНЕ, а сите ветувања кои ги даваа се разобличени како дрски и безобразни лаги. Граѓаните знаат да проценат. Незадоволството расте, ќе расте и ќе ги стигне ДПМНЕ и Мицкоски.
Х.С* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Одбраната на поранешните градоначалници Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“
CNN ЗА МАКЕДОНИЈА: Постои една прекрасна јужноевропска земја со вкусна храна и одлично вино
Телото на Миле Тодоров било пронајдено пред половина месец
УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?
ТАЖЕН КРАЈ: Исчезнатот Миле Тодоров од Неготино е најден починат
Костадинов ги отфрла наводите во кривичната пријава: „Стојам на располагање на надлежните“
Град Скопје со препораки: Затоплувајте се само со суво и чисто дрво
Одбраната на поранешните градоначалници на Кочани, Папазов и Илијев тврди дека немале никаква надлежност и одговорност за „Пулс“





