ИНТЕРВЈУ КУЗМАНОВСКИ: ПроКредит банка кредитира компании и во криза, милионска поддршка за локалната економија
Објавено во: Економија, Интервјуа 23 Јуни, 2020
Само во последните 2 месеци исплативме кредити во износ од 30 милиони евра за поддршка на бизнисите и со тоа покажавме дека ние сме тука за нашите клиенти без разлика на промените во опкружувањето, вели Стевче Кузмановски, Член на Управен Одбор на ПроКредит Банка во интервјуто за Фактор. Од почетокот на годината оваа банка ја поддржала локалната економија со 76 милиони евра. Банките исто како и економијата се во сериозен предизвик предизвикан од пандемијата на Ковид-19, но Кузмановски вели дека банкарскиот сектор е ликвиден и банките, секако и ПроКредит банка во следниот период ќе имаат клучна улога во заздравувањето на економијата. Не ја отфрла можноста од влошување на квалитетот на банкарското портфолио кај кредитите издадени на граѓаните, но не гледа некоја посериозна закана.
Во првиот квартал БДП порасна за 0,4 проценти, а Владата и меѓународните институции очекуваат пад на економијата со стапка од над три отсто годинава. Кои се вашите очекувања за домашната економија?
Кузмановски: Годината стартуваше многу позитивно, имаше убава енергија за работа, голем број од компаниите со кои што соработуваме имаа најави за нови инвестиции, еден дел и ги поддржавме во првите два месеца, но никој не очекуваше дека за кратко време сè ќе се пресече. Како цел свет да застана со крајот на месец март. Многу компании или воопшто не работеа или работеа со многу мал капацитет, голем дел од луѓето беа во карантин што влијаеше на генерално намалување на потрошувачката. Овие промени ќе се одразат на пад на БДП за цела година, НБРСМ проектира пад на БДП од -3,5% за 2020 година. Првите ефекти од COVID-19 кризата беа забележани во март со пад на активноста во индустријата и трговијата, а следствено беше ревидирана и стапката на инфлација за 2020 година од 1,5% на 0%.
Следејќи ја работата на домашните компании и индивидуален разговор со секој бизнис клиент на банката, може да забележиме дека импактот од COVID-19 кризата е различен кај секоја компанија. Покрај секторот во кој што работи, големо влијание имаше и финансиската кондиција која ја имала фирмата пред овој неекономски шок. Компаниите со солидна финансиска кондиција, без разлика на секторот во кој работат, имаа резервна ликвидност за да ги покријат загубите од неработењето. Генерално најголемите предизвици за компаниите во овој период се намаленото ниво на продажба, отежната наплата на побарувања и потребата за дополнителни ликвидни средства.
Сектори кои беа први на удар и засега се најдиректно погодени се туризам, угостителство и транспорт. Ова се должи пред се на ограниченото движење на населението и сите останати мерки кои беа преземени за да се спречи ширењето на вирусот. Компаниите од секторите туризам и угостителство се соочија со ситуација во која не се во можност да генерираат било какви приходи, а од друга страна обврските кон вработените и добавувачите останаа. Кај овој тип на клиенти настапивме проактивно и партнерски, им понудивме можност за пролонгирање на отплатата на ратите за кредити, како и кредити за да ги покријат оперативните трошоци.
Градежништвото, производството и трговијата со останати добра, како и останати услужни дејности ги оценуваме со средно ниво на погоденост и се очекува дека последиците од оваа вонредна ситуација ќе ја чувствуваат пократок временски период. Кај овој тип на компании инвестициите продолжија, така да банката активно ги поддржува како за обртни средства така и за реализација на инвестиционите планови.
Земјоделието, производство и трговија со храна и пијалоци се сектори за кои влијанието од пандемијата е на најниско ниво и за нив побараувачката остана на релативно стабилно ниво во изминатиот период и очекуваме да продолжи понатака. Интересен факт е дека во текот на месец мај, и покрај кризната ситуација, реализиравме рекордни исплати на кредити за инвестиции во земјоделска механизација што претставува доказ дека постои ентузијазам и активност во земјоделието.
Јас сум по природа оптимист и тој оптимизам преку нашите вработени и практики на работа на банката го пренесуваме на бизнисите.Позитивно е тоа што и покрај забавувањето на светската и локалната економија во услови на криза, дел од клиентите не се откажаа од планираните инвестиции. Овие позитивни индикатори се рефлектираат и преку проекциите за раст на кредитното портфолио и депозитната база на ПроКредит Банка за 2020 година. Очекувам дека третиот квартал од годината ќе донесе одредени забрзувања на економската активност на земјата, а целосното заживување на економијата би го очекувале во текот на 2021 година.
Каков во оваа смисла очекувате да биде кредитниот раст? До сега има солиден раст, но очигледно е извесно забавување...
Кузмановски: Очекувањата од НБРСМ се дека ќе има привремена воздржаност од задолжување, со што кредитната активност на банките до крајот на годината привремено ќе забави. Имајќи ги предвид мерките преземени од Народната банка за одржување на кредитниот циклус на деловните банки и поддршката на погодените сектори преку поволните кредити од Развојната банка, нејзините очекувања се дека годишниот раст на кредитите ќе се задржи на околу 3 проценти. Од друга страна пак, НБРСМ очекува дека вкупните депозити ќе растат и во 2020 година, со стапка од околу 2,3 отсто.
Заклучно со Април 2020 година, кредитното портфолио на банкарскиот сектор бележи раст за 0.9 проценти за првите 4 месеци во годината или 50,7 милиони евра. Растот на портфолиото во банкарскиот сектор се должипред се на кредитирање на домаќинства или 78 проценти учество во растот наспроти многу мало учество на кредитирање на правни лица. Споредбено со истиот период од претходната година, вкупниот раст во банкарскиот сектор оваа година е намален за 0.4 отсто.
Наспроти трендот на ниво на банкарски сектор во поголемо кредитирање на физички лица, фокусот на ПроКредит Банка е во поддршка на развојот на економијата преку кредитирање на мали и средни претпријатија. Заклучно со месец април, во текот на 2020 година беа исплатени вкупно 43 милиони ЕУР кредити за поддршка на локалната економија. Остварен е раст од 6,3 милиони евра што означува повеќе од 50 отсто учество во растот на банкарскиот сектор за кредитирање на бизниси.
Од вкупно исплатените средства 39 проценти се краткорочни кредити, додека пак 61 процент се долгорочни кредити. Новонастанатата ситуација со вирусот COVID-19 влијаеше компаниите да имаат потреба од средства за ликвидност, но сепак имаше и клиенти кои се одлучија за долгорочни инвестиции. Продолжуваме и понатаму да ја поддржуваме македонската економија со поволни кредити за компаниите, како и кредити за домаќинствата за долгорочни инвестиции во нов дом, енергетско ефикасно реновирање на домот или нови автомобили.
Бизнис и политичкото опкружување во нашата земја секогаш било неизвесно и непредвидливо. Банките имаат ликвидност и добар потенцијал за зголемување на кредитирањето. Банките кои што имаат компетентен и обучен кадар за разбирање на бизнис моделот на компаниите и добра проценка на кредитен ризик може да пристапат проактивно во кредитирање и истовремено да имаат квалитетен кредитен раст. Ние се вбројуваме во тој тип на банки, и планираме активно да продолжиме да ги кредитираме компаниите во следните месеци и покрај сите предизвици со кои се соочуваат.
Кои се клучните предизвици со кои се соочуваат или ќе се соочат банките во овој период? Дел од експертската па и банкарската јавност смета дека секторот ќе остане стабилен и ликвиден, но дека е можно извесно влошување на квалитетот на кредитното портфолио наесен? Можно ли е некако кризата да се прелее делумно и на банките и на каков начин односно преку кој канал?
Кузмановски: Банкарскиот систем во земјата е стабилен, на здрави основи и ликвиден. Тоа впрочем беше потврдено и од двете меѓународни рејтинг агенции “Стандард и Пурс” и “Фич”.
Историски земено, неповолниот развој на економијата во услови на криза секогаш се одразува и на квалитетот на кредитните пласмани. На пример, кризата во 2008 резултираше во пораст на нефункционалните кредити на ниво на банкарски сектор за приближно 50 отсто за периодот во следните 2 години. Поголемо влошување на нефункционални кредити секогаш има во кредитното портфолио на физички лица, особено кај класичните потрошувачки кредити. Кога луѓето ќе изгубат работа или имаат намалени примања, нормално е да се очекува да бидат најмалку мотивирани да ги враќаат кредитите каде немаат дадено обезбедување. Врз база на ова искуство можно е да се очекува банките коишто имаа поголемо кредитно портфолио на физички лица, пред се пласирани во потрошувачки кредити, да имаат поголеми кредитни загуби. Кај кредитно портфолио на правни лица за очекување е да има помало влошување, бидеќи бизнисот, за разлика од физичко лице примател на плата, има повисоко ниво на капитал и полесно може да се адаптира на промените. Секако дека и тука има ислучоци, кај секторите кои веќе ги споменав дека се повеќе погодени од кризата, т.е угостителство, туризам, транспорт, кредитно портфолио во овие сектори за очекување е да има одредени кредитни загуби.
Сепак, банките кај нас се високо капитализирани. Нефункционалните кредити се историски на најниско ниво досега во рамки на банкарскиот сектор. Дури и да има одредени кредитни загуби тоа нема да ја намали стабилноста на системот. Можно е да се очекува генерално намалување на профитабилноста на банките за 2020 година заради поголеми резервации за кредитни загуби.
ПроКредит банка АД Скопје има кредитно порфолио кое доминантно над 90 отсто е пласирано во мали и средни компании и истото има исклучителен високо квалитет, нивото на нефункционални кредити е до 1,5 процент веќе подолг временски период. Позади секој финансиран клиент стои квалитетна финансиска анализа која вклучува анализа на финансиски показатели, како и квалитативна проценка на бизнисот моделот. Со секоја компанија заеднички ги проектираме плановите на развој на бизнисот врз база на очекуваните претпоставки за промени и нивното влијание на финансиските показатели. На тој начин успеваме да бидеме проактивни во утврдувањето на потребите на секој бизнис, дефинирање на кредитен лимит за задолжување и навремена реакција од страна на банката. Така го демонстрираме на дело нашиот партнерски однос кон клиентите и било какви изненадување или ризик од загуба го сведуваме на минимум.
Какви според вас се мерките кои ги носеше Народната банка во смисла на олабавување на монетраната политика, но и апелите кон банките да се воздржувате од поделба на дивиденда? Дали релаксирањето ќе значи и повеќе и поевтини кредити?
Кузмановски: Уште со почетокот на кризата Народната Банка донесе сет на мeрки за олабавување на монетарната политика и истите влијаеа позитивно да Банките помотивирано ги финансираат компаниите .
Голема поддршка за локалната економија беше овозможена и преку субвенционираните кредитни линииза нови инвестиции со фиксна каматна стапка од 1.6% за крајните корисници, поддржани од Развојна Банка на Република С.Македонија и Европската Инвестициона Банка. ПроКредит Банка активно учествува во пласирање на оваа кредитна линија и целта ни е поголем број на компании да го искористат бенефитот од повластената каматна стапка. Овозможивме 62 мали и средни компании да аплицираат за користење на оваа кредитна линија за нови инвестиции и истите ќе ги добијат средствата во текот на месец јуни и јули.
Генерално каматните стапки за кредити се на историско најниско ниво и сметам дека не го одразуваат реално кредитниот ризик кој што го превземаат банките. Главна причина за ниското ниво на каматните стапки е големата конкуренција на банките во услови на висока ликвидност а непостоење на доволно инвестициони проекти. Во таа насока не очекувам понатамошно намалување на каматни стапки на кредити тука напротив нивна стабилизација.
ПроКредит Банка ги испочитува и насоките на Народна банка за задржување на добивката од 2019 година, односно да не се исплаќаат дивиденди. Со почитување на оваа мерка придонесуваме банките во земјата да имаат поголем капитал за финансирање на барањата за кредитирање и поддршка на локалната економија. Се приклучивме и кон иницијативата од неколку банки и го плативме авансно данок на добивка за цела година.
Дали и какви промени во резервациите направи централната банка и како ви влијаат на работата?
Кузмановски: Морам да потенцирам дека Народна банка многу брзо реагираше и донесе измени во регулативата со цел да ја задржи стабилноста во банкарскиот сектор и да го намали ефектот од кризата врз економијата. Донесените измени им овозможија на банките да ги поддржат клиентите со олеснување во условите за отплата на кредити во овој период., преку одобрување на грејс период или мораториум за отплата на обврските, при што за истото Банките да не издвојуваат дополнителни резервации при одобрување, што во нормални услови би бил зголемен трошок.
Ова е важно од перспектива како на банките, така и на клиентите, бидејки не се менува кредитниот рејтинг на клиентот иако се прави промена на договорните услови на кредитот, со што се остава простор клиентот да има полесен пристап до финансирање и во иднина.
Во услови на криза најголем проблем е ликвидноста на компаниите. Како банките и конкретно вие ќе придонесете? Планирате ли зголемување на обемот на кредитирање, со какви кредити, за кои клиенти?
Само во последните 2 месеци исплативме кредити во износ од 30 милиони евра за поддршка на бизнисите и со тоа покажавме дека ние сме тука за нашите клиенти без разлика на промените во опкружувањето. Да се биде вистински партнер на клиентот значи да бидеш блиску до нив во добро, но и во лошовреме. Партнерството и одговорното кредитирање кое го градиме заедно со компаниите е основа, како во нормални околности, така и во време на криза да ги поддржиме нивните потреби за инвестициони или кредити за обртни средства.
Покрај стандардната понуда, нудиме можност и за кредитирање со флексибилно обезбедување, каде како обезбедување се земаат осигурани побарувања од компаниите. Со ова компаниите имаат двоен бенефит, се осигурува наплатата од побарувањата, а средствата може да се користат веднаш. Дополнително, во соработка со меѓународни финансиски институции, како ЕИФ (Европски Инвестиционен Фонд) и УСАИД, користиме гарантни шеми преку кои на клиентите им нудиме големи олеснувања во поглед на потребното обезбедување за користење на кредити.
Како до сега им олеснивте на клиентите?
Кузмановски: Уште во текот на месец март, кога беа првите сигнали за можни поголеми негативни ефекти од COVID-19, дефиниравме систем за брза и ефектна акција со цел за поддршка на сите клиенти на банката за надминување на сите предизвици кои ги очекуваат. Не одевме со генерална стандардна понуда како останатите банки туку секој клиент на банката, и правно и физичко лице, беше индивидуално контактиран од одговорниот вработен. Целата база на клиенти, вклучително и некредитни клиенти ја исконтактиравме во рок од 5 работни дена. Со индивидуалниот пристап успеавме детално да ги разбереме условите во кои клиентите работат во моментот и нивните очекувања за развој на бизнисот во следниот период. Секаде каде што имаше потреба обезбедивме соодветно индивидуално прилагодено решение за олеснување на отплатата на кредитите или пак одобривме дополнително средства за надминување на предизвикувачкиот период.
Задоволството на клиентите од овој индивидуален пристап и покажување на иницијатива од банката за поддршка беше еден од најголемите достигнувања за нас.
Сите барања на клиентите за олеснувања во отплатата на кредитите беа спроведени со крај на месец март. Тоа ни овозможи веќе од месец април да продолжиме активно да работиме со нашите клиенти и да ги поддржуваме во нивните потреби за реализација на проекти или за обртни средства.
Банката направи промена на план на отплата на кредити за 646 клиенти или 16 проценти од вкупната клиентска база. Само 12 отсто од нашите клиенти физички лица побараа олеснувања со одложена отплата на ратите.
Како ја организиравте работата во вакви услови?
Кузмановски: Бизнис моделот на дигитална банка ни даде максимален позитивен ефект во корона кризата. Тоа што сите наши клиенти се веќе поодамна екипирани со пристап до нашите дигитални канали, електронско банкарство и имаат електронски картички се покажа како наша голема предност. Клиентите на ПроКредит Банка не чекаа во редици пред експозитурите за да извршат стандардни рутински банкарски операции. Вонредната ситуација не предизвика промени во секојдневното работење на банката. ПроКредит Банка е првата банка на пазарот која уште од 2015 година започна со комплетна дигитализација и автоматизација на своите услуги. Експозитурите на банката се претворија во Зони 24/7 за автоматизирани готовински трансакции, а нашите клиенти добија дигитални платформи за плаќања, штедење, менувачко работење и електронско потпишување договори директно од нивниот дом.
Користејќи ги дигиталните канали, клиентите немаа потреба воопшто да доаѓаат во просториите на банката а со тоа го намалија ризикот од изложување на COVID-19. Каналите работеа беспрекорно и со високо ниво на услуга. Тоа ни овозможи од друга страна да клиентите кои сепак имаа потреба да дојдат во нашите експозитури или да не добијат преку контакт центарот, да бидат услужени од нашите советници за клиенти без чекање во редови, во позитивна атмосфера и максимално посветено внимание на секој клиент поединечно.
Дополнително, превентивно ПроКредит Банка презема и останати мерки за заштита на здравјето на клиентите и вработените. Околу 70 отсто од вработените беа технички опремени и работеа од дома, вработените кои продолжија да доаѓаат на работно место добија на располагање службени возила со цел да не користат јавен транспорт.
Какви се показателите од работата на ПроКредит Банка во првиот квартал, како кризата влијае на вашата работа досега?
Кузмановски: И покрај предизвиците со кои се соочивме сите како дел од глобалниот свет во кој функционираме, ние како банка без скромност може да кажеме дека се гордееме со остварените резултати за првите 5 месеци. Заклучно со месец мај, во текот на 2020 година беа исплатени вкупно 76 милиони ЕУР кредити за поддршка на локалната економија и потрошувачка и реализиравме пораст на кредитно портфолио од 13,5 милиони евра. Притоа депозитната база на банката е стабилна и последните два месеци бележи и пораст.
Уште повеќе се гордееме со начинот на кој ги остваривме резултатите, а тоа се високо компетентни и максимално посветени вработени и развиени дигитални услуги.
Преку услугите кои ги нудиме клиентите може онлајн да отворат нови сметки, да штедат во денари и евра директно преку мобилен телефон, да процесираат налози 24/7 и да ги завршат сите банкарски трансакции без посета на филијала.
Дигитаталните канали ни овозможија навистина да се посветиме квалитетно и индивидуално на потребите на нашите клиенти. Ни овозможија активно да работиме и во поддршка на нашите клиенти во своите инвестиции, раст на депозитната база и кај правните лица и кај населението, но исто така рекордно ниво на нови придобиени клиенти, физички лица кои ги препознаа нашите вредности и посветеност и различниот, индивидуален пристап кон населението.
Начинот на кој ги остваривме го креираше најзначајниот резултат кој една институција може да го реализира, а тоа е задоволството на нашите клиенти. За да клиентите се потпрат на банката како на свој партнер, ние бевме подготвени на сите полиња.
Банката и оваа година доби потврда на на долгорочниот кредитен рејтинг на “БББ-“ со стабилен изглед од Меѓународната рејтинг агенција “Fitch Ratings”. Ова секако е резултат на позитивните бизнис резултати од работењето на банката, меѓу кои едно од позначајните е високо квалитетно кредитно портфолио сo стапка на нефункционални кредити за неколку пати подобра од нивото на банкарски сектор во земјата, стабилното депозитно портфолио, стабилната стапка на кредити во однос на депозити и високата ликвидност, но да не ја заборавиме и поддршката која банката ја добива од акционерите.
Со каква стратегија ќе настапите во втората половина од годината и кои се очекувањата?
Кузмановски: Постигнати се исклучителни позитивни резултати на раст на бизнис кредитно портфолио и број на нови клиенти во првите пет месеци од почетокот на оваа година. Истовремено бележиме силен и континуиран раст на кредитно и депозитно портфолио во минатите години, што се должи на позитивното искуство од страна на клиентите во работење со банката.
Стратегијата која носеше резултати до сега и не прави препознатливи на пазарот, продолжуваме да ја применуваме. ПроКредит Банка е секогаш чекор пред другите и тоа мото ќе биде наш двигател понатаму. Со фокус на одговорно, соодветно и навремено финансирање, дигитални канали на комуникација, но и специјализрани и посветен кадар кој знае да ги препознае и да ги разбере потребите на компаниите но и на физичките лица, сме и остануваме партнери на бизнисот.
Важиме на пазарот како банка со најквалитетни вработени и тоа не е случајно. Имаме развиено посебен систем за обука на вработените, секој поминува низ голем број на интерни обуки за аналитички и комуникациски вештини. Се води сметка да секој вработен исполнува високи стандарди на професионалност и компетентост со цел да понудиме најквалитетна услуга на секој клиент поединечно.
Во поглед на физички лица, она што е наша цел е да клиентите не видат како партнер за секојдневно работење, располагање со своите средства 24/7, неограничени трансакции и индивидуален пристап од нашите советници за клиенти. Ова значи очекуваме значително да ја зголемиме мрежата на клиенти - физички лица, кои истовремено сме спремни да ги поддржиме во нивните инвестиции и управување со заштедите.
Со зголемен ентузијазам, на кој придонесе задоволството на нашите клиенти, очекуваме исто како и претходните години така и оваа година Прокредит банка да има двоцифрен раст во кредитното портфолио и депозитната база.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.