27 Ноември, 2024
0.0331

ИНТЕРВЈУ ЛИЛИЌ: Стела ме научи дека љубовта не трпи план Б

Објавено во: Стил 11 Март, 2020

Добивај вести на Viber

После подолго време во Македонија се реализираше семеен детски филм. „Стела“ е во продукција на македонската продукциска куќа Дрим фектори, а во соработка со продукцијата Мона од Германија и Акција Продукција од Србија,  и поддржан од Агенција за филм Филмски фонд на Баден Вуртемберг од Штутгард, Германија. Еден од главните ликови во филмот го толкува актерот Дејан Лилиќ, познат на македонската јавност по повеќе актерски остварувања и дома и во светот. Очекувајќи ја премиерата, со Лилиќ зборувавме за неговата улога во филмот, за тоа колку е инспиративно да се сработи макар и еден ваков проект годишно, проект кој на актерот му помага да се нахрани со позитивно чувство и убавина, место, како што вели Лилиќ, човек да чмае во исфрустрирана околина и да се прашува зошто е овде.

Кој е Александар, ликот што го глумите во филмот „Стела“?

Лилиќ: Александар е татко кој своето време го има подарено. Борбата со брачна другарка, која од лични кариеристички причини станала сурова и ладна, ја води на два фронта - едниот за себе, за својата иднина и своето достоинство, а вториот за својот син единец, кој никако не треба да го почувствува проблемот во семејството. Според Александар, од семејството не можеш ништо да скриеш, најмалку чувствата и недостатокот на радост и љубов. А токму тоа се проблемите од кои самиот Александар избегал - недостаток на топлина, поддршка, на татко, цврста рака која ќе се најде кога си нејак.

И што порачува тој? Какви родители треба да бидеме?

Лилиќ: Тоа е вечно прашање на кое веројатно никогаш нема да добиеме најпрецизен одговор. Одговорот зависи од времето во кое живееме, од моменталните проблеми на општеството, географската положба, а особено каков ген носиме со генерации... Низ улогата сфатив дека родителството значи, меѓу другото, дека треба да си згазнеш на егото, на своето битие и личните потреби, дека твоето време не е веќе само твое, поделено е помеѓу тебе и другите. И тоа е убаво, зашто она што го добиваш за твојата жртва е навистина непроценливо.


„Стела“ се најавува како филм кој треба да не потсети на семејните вредности. Која вредност ја прикажува ликот кој Вие го толкувате?

Лилиќ: Александар е подготвен на љубов без план Б, поточно без страв што ќе го снајде. Подготвен е да гине, да гладува, да се помижи, па дури и да се сретне со минатото. Со неубавото минато од кое побегнал, со цел да ја спаси иднината.

Не сум сигурен како е да си странец, меѓу туѓинци, веројатно е тешко. Но, ми се чини пострашно да си дома, во својата родна грутка земја, а пак да се чувствуваш како да си странец. Александар собира храброст за таа средба, најтешката во неговиот живот.

Како се подготвувавте за филмот? Во голем дел требаше да зборувате на германски јазик

Лилиќ: Процесот беше тежок. Заради јазикот најмногу. Непознат јазик, убав јазик , но различен и по форма и по начин на изразување на внатрешниот свет. Процесот на снимање беше полесен, но повторно со мисла за изразното средство - јазикот. Гледано во целина, од првиот миг на осознавање на сценариото,, преку разговорите со екипата, па се до реализацијата , филмот е спакуван како семејна, убава , нежна и радосна мисија. Мисија од која научив многу, од која зацврстија некои пријателства, се изградија нови, а се случија и планови за во иднина.


Задоволни ли сте од соработката со Дрим Фектори, куќата која го продуцираше филмот?

Лилиќ: Со нив сум некако поврзан последните четири години. Навидум само со работа. Но има тука и многу повеќе. Тоа е продукција на која бескрајно и верувам, за која не прашувам што и колку, туку за кога и како. Работата на начин на кој што мислам дека треба да се прават нештата. За среќа или несреќа, повеќе сум работел филмови надвор од Македонија, со странци кои не биле воопшто така ладни какви што ние имаме обичај да ги замислуваме, и токму во Дрим фектори го има силниот, ако не истиот принцип на работа. „Профи, френдли, со респект“.

Стојан Вујичиќ како режисер беше откровение за мене. За неговата биографија, со она што го поминал во животот, со сите свои борби и премрежија, далеку од некој миленик на општеството. Режисер на кој можеш да се потпреш и да му веруваш. Знаеш дека заедно ќе одите кон најдоброто што може во дадениот момент. Другар. Нема лицемерие, нема лажни тапкања по рамо, има искрен, чесен однос.


Огнен Антов, како продуцент, исто беше откровение за мене. Знаете што, луѓето се многу мали, небитни наспроти прирoдата, наспроти мајката Земја. Но има нешто што не вознесува и мислиме дека сме богови. Зборувано е, и пишувано за тоа многу пати, но пак памет не доаѓа. Имаме многу такви приказни во нашата фела. До вчера сте правеле муабет, па и си му помогнал, а денес на сет шета со крената глава, рацете во џеб и не те забележува... Притоа е цело време лут и нервозен, строг, чиниш те создал. Е тоа е, за жал, некоја вообичаена слика за нашите продуценти. Оги е нешто спротивно од тоа.


*


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.