07 Октомври, 2024
0.0347

Интервју МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Државата мора да гарантира еднакви можности во водењето бизнис!

Објавено во: Економија 03 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Неодамна Македонија2025 го организираше осмото издание на ЛИДЕР Проектот, кое се реализираше под мотото „Предводиме со образование и развој“. На десетдневната интензивна обука за пренесување деловни и аналитички вештини учествуваа четириесет претставници на мали и средни компании како и млади претприемачи од Македонија и Србија. Целта на инструкторите од бизнис школото Ричард Ајви од Канада беше да им пренесат специфични знаења и искуства на учесниците кои веќе имаат или целат кон основање на сопствен бизнис.

Почесен гостин и предавач на ЛИДЕР Проектот 2015 беше коосновачот на „Македонија2025“ г-дин Мајк Зафировски.

Мајк Зафировски  е познат светски бизнисмен, роден во Скопје во 1954- та година. Високото образование го стекнална универзитетот „Единборо“ во Пенсилванија каде и докторирал. Кариерата ја започнал во американската компанија „Џенерал Електрик“. Извршувал високи менаџерски функции во повеќе големи светски компании како „Боинг“, „Моторола“, „Нортел“, а едно време бил  советник на американскиот претседател Џорџ Буш за безбедност во телекомуникациите и технологијата. Сега е висок советник во „Блекстоун Груп“.

Зафировски заедно со повеќе други бизнисмени од дијаспората е основач на организацијата „Македонија 2025“, која има за цел да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето на странските инвеститори во Макеоднија. Целта на оваа мисија е Македонија во 2025 та година да биде многу блиску со својот БДП до развиените земји во Европа. Организацијата „Македонија 2025“ е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана, а канцеларија во Скопје е отворена во 2011 година.

Разговараше Ирена Ристовска

Господине Зафировски, вие сте еден од основачите на Мк2025. Дали сметате дека организацијата ги исполни целите за кои беше основана?

ЗафировскиОсновниот мандат на Македонија2025 е да придонесеме во градењето на посилна Македонија, а тоа го постигнуваме така што помагаме во поврзувањето на компании и поединци, влијаеме на начинот на размислување и постапување, и меѓу другото, генерираме напредни идеи. Неколку години по ред Македонија2025 организира инвестициски самити и форуми кадешто луѓето се поврзуваат, потоа неформални настани за вмрежување каде разговараме за идеи и решенија, влијателни образовни програми и многу други активности.

Проактивни сме во визуализирањето на динамична, агилна бизнис екосфера, но имаме предвид дека се работи за огромни цели чие остварување е долг и трансформативен процес.

Кои се активностите на организацијата во последниов период?

ЗафировскиВо средината на месец мај заврши десетдневна, интензивна програма за развој на лидерски, деловни и аналитички вештини во бизнисот наречена ЛИДЕР проект. Програмата ја посетија четириесет учесници кои ни дадоа одличен фидбек, со многу позитивни коментари.

На 26 Јуни организираме бизнис форум во Париз, каде ќе се обидеме да донесеме на едно место многу успешни македонски професионалци и нивните пријатели од Европа.  Во септември организираме Гала вечера Охајо на која ќе присуствува поранешниот претседател на САД Џорџ Буш. Целта на галата е да ја анимираме Дијаспората во САД да донира средства што ќе бидат наменети за нашите образовни програми. Ги поканувам вашите читатели да ја посетуваат веб страната на Македонија2025 и да се информираат за сите настани и активности.

Зошто е сега добро време да се инвестира во Македонија?

ЗафировскиЗемјата има позитивни глобални рангирања за водење бизнис, а економијата има солиднен раст и развој. Во Македонија живеат посветени луѓе кои работат на привлекување на директни инвестиции од странство, а резултатите се очигледни. Македонија2025 исто така помага во процесот на привлекување странски инвестиции со голема посветеност, бидејќи гледаме дека од нашата работа има видливи резултати. Организацијата располага со контакти на кои влијаеме во корист на зголемување на интересот за потенцијално инвестирање. Благодарение на тоа што го работиме, досега ни биле отворени вратите во значајни компании како HP, Honeywell, Kemet Electronics, GE, Motorola, Nokia, Delphi, Johnson Controls, Cognizant, Teletech, TRW, DJO, Blackstone и многу други. Поттикнуваме и учествуваме во тековни дискусии со потенцијални инвеститори од дијаспората за кои се надеваме дека ќе одлучат позитивно за влез во Македонија. Забележавме дека професионалците со потекло од нашата земја се интересираат да ги пренесат нивните деловни процеси овде, а ние ги поддржуваме во тие обиди.

Во Македонија запознав многу способни, иновативни и образовани млади луѓе кои се добар поттик за странските инвеститори. Македонија е извор на таленти со кои се гордееме. Во секој случај, потенцијалните инвеститори ги земаат предвид добрите карактеристики само доколку Македонија покаже капацитет за долгорочна стабилност. Ние ги следиме последните збиднувања и веруваме дека свеста и мудроста на луѓето ќе се издигнат над сите останати предизвици со кои се соочува земјата.

ДИЈАСПОРАТА И ИНВЕСТИЦИИТЕ

Колку е инволвирана дијаспората во инвестирањето во Македонија? Дали функционира капиталниот фонд што МК2025 го најави пред три години?

ЗафировскиДијаспората во Македонија праќа значителен износ на финансиски средства. Луѓето ги користат овие пари за да ги плаќаат секојдневните трошоци или за да заштедат.  Но според истражувањата на одредени финансиски институции, само мал дел од овие пари е наменет за инвестиции. Ова ни покажува дека парите од дијаспората ја поддржуваат економијата на Македонија и дека, од друга страна, има потенцијал за тие пари да бидат инвестирани. Во Македонија не постои традиција на големи капитални инвестиции што доаѓаат од дијаспората, како што е случај со други земји. Инвестирањето бара време, финансиска експертиза, инфраструктура и други важни предуслови. Повеќето претставници од дијаспората кои не контактираат се заинтересирани да инвестираат во отварање на мали и средни компании во Македонија. Затоа земјата треба да изгради стратегија на привлекување и поттикнување на инвестиции од мали и средни компании. Тие се мошне значајни за долгорочен развој.

majk 1

Македонија2025 нема свој инвестициски фонд бидејќи тоа не е дел од работата на организацијата. Но, во тој поглед, ние го инициравме, го промовираме и на индивидуална база учествуваме со инвестции во фондот СЕАФ Мак 2. Во моментов има 8 успешни бизнисмени со македонско потекло кои инвестираа. Фондот ќе реазлира инвестции во средни компании кои имаат стратегија за развој на бизнисот и план за извоз на странски пазари. Дополнително, ја поддржуваме и платформата Homestrings.org која овозможува да се инвестира со помали износи како и следење на состојбата на фондот. Знаеме дека неколку Македонци од Дијаспората веќе инвестирале преку интернет. Ова е прв ваков фонд во светот, каде УСАИД дава гаранција за инвестираните средства. Македонците од дијаспората треба да ја разгледаат оваа опција и да инвестираат во портфолиото со неколку надежни мали и средни компании во Македонија.

ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ МОРА ДА КОМУНИЦИРААТ

Што мислите за моменталната политичка ситуација? Дали ова влијае на расположението на инвеститорите?

Зафировски: МК2025 е независна, непартиска и невладина организација што се грижи за доброто на Македонците и на Република Македонија. Тоа што можам  да го кажам за тековните настани е дека политичките партии мораат да најдат начин да комуницираат и да изнајдат решение што е конструктивно за земјата. На прво место мораат да ја стават државата и добробитот на сите луѓе. Сите медиумски гласила ја сносат одговорноста да не задржуваат информации од јавноста и да дозволат слободно изјаснување на експерти и аналитичари, за да можат луѓето сами да одлучат што и носи напредок на Македонија. Напредокот е поврзан со инвестициите, а инвеститорите нема да инвестираат во нестабилна земја.

Ние сметаме дека транспарентните владини институции, функционалното судство и слободните медиуми се едни од главните предуслови за економски развој. Ги следиме случувањата и сме соочени со нивниот впечаток дека земјата е во опасност од дестабилизација. Важно е сите партии да учествуваат во законодавниот процес. Исто така сите тврдења за лошото раководство, да бидат истражени од независни и доверливи лица или органи. Исто така ги осудуваме сите закани и чинови на тероризам, како и употребата на насилство за остварување политички цели. На семејствата на луѓето кои ги дадоа своите животи за безбедноста на нашата земја и нејзините жители, им изразуваме најдлабоко сочувство за загубата.

Меѓу другото, ја повикуваме меѓународната заедница да ја поддржи интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, за луѓето во земјата да не се чувствуваат изолирани во Европа. Нашата порака до народот е да бидеме обединети за развој, мир и стабилност во Македонија и регионот.

Како според Вас, Македонија може да оствари повеќе богатство, работни места и подобар животен стандард за луѓето?

Зафировски:Во Македонија фокусот треба да биде на развојни политики и инвестиции, што ќе им овозможат на разните сектори да го зголемат производот и ефикасноста. Треба да се помогне во развојот на паметни индустрии што ќе ги задржат младите иноватори, односно луѓето што размислуваат во поглед на решавање на проблемите. Да се развие добра стратегија за неколку сектори како Инфо-технолошкиот, BPO аутсорсинг и агри секторот односно производството на здраво и органско овошје и зеленчук.

Треба да се привлечат повеќе туристи во Македонија на кои ќе им се даде извонредна понуда. Кон таа цел треба да се поврзат неколку сектори, што ќе бидат на исто рамниште во поглед на понуда на услуги на високо ниво. Македонија има возбудлива географија. Многу луѓе низ светот уживаат во природата, а во оваа земја природата е на дофат. Треба ова да се искористи за рурален туризам, но тоа подразбира развивање на професионална деловна средина што ќе се грижи за сите аспекти, така што луѓето ќе си одат дома задоволни и со желба да се вратат во Македонија.

Државата мора да гарантира еднакви можности во водењето бизнис и во конкурентноста. Новите претприемачи не треба да се плашат да се замислат како водат бизнис, а бариерите како бирократија и недоследности во системот треба да се отстранат. Кога луѓето се натпреваруваат во средина каде важат правила, доаѓа до иновација, агилност и оние што се натпреваруваат добро и паметно, ќе заземат поголем дел од пазарот. Последно и многу важно е тоа дека владата треба да продолжи да ги поедноставува и намалува нормите, како и да ги намалува процентуално трошоците од вкупниот БДП. На приватната економија и треба побрз раст.

Зборувавте на Лидер Проектот во Скопје кој беше организиран од страна на Македонија2025. Што сакавте да слушнат учесниците за да станат подобри лидери?

ЗафировскиОд секогаш сум сакал да читам и да учам за познати водачи, независно од тоа дали се работи за некој од бизнис сферата, спорт, академија, наука или историја. Суштината на лидерството е човекот да учи, да се труди да спознае како да стане подобар менаџер, подобар политичар, подобар фудбалер, подобар ракоментен тренер и така натаму. За жал секогаш постои таа тенденција за потценување на други компании или други земји или други лидери. Тоа е фокусирање на вниманието и трошење на енергијата на погрешни работи, наместо нивно насочување на подобрување на себе си и на компанијата. Не знам дали се работи за дар од моите родители или некаков среќен ген, но јас секогаш се огледувам на некој што прави нешто подобро, попаметно, поинспиративно. И потоа се обидувам да го применам тоа.  Тоа е добар начин според кој треба да се живее животот.

majk2

Лидерството подразбира лични вредности и интегритет. Во септември 1986 ме известија дека за 30 дена ќе станам Извршен директор на една од компаниите на Џенерал Електрик. За да се мотивирам, да се поттикнам на размислување за тоа што претстои, направив едно резиме каде што ги напишав моите принципи за лидерство. Тоа ме охрабри да дадам приоритет во размислувањето на оние работи што се најважни во работата. Кога станав тоа утро, си помислив што очекуваат вработените од мене? На што треба да бидам посветен? Им реков на луѓето во компанијата, ако некогаш се занесам или си вообразам дека сум многу важен, јавете ми се или пратете ми е-маил и кажете ми: Мајк, ни вети едно нешто, но не го исполни! Така, ги посоветував учесниците на Лидер проектот да направат своја лична страница на ветувања и на задолжувања.

Кои се Вашите принципи за лидерство?

Зафировски:Накратко ќе наведам шест:

  1. На прво место е Задоволството на клиентите. Треба да знаете кои се нивните вистински потреби за да можете да им го пружите најдоброто од тоа што тие го бараат од вас.
  2. Мотивација на вработените и градење на позитивна работна атмосфера. Ова е јасно само по себе, но и најважно.
  3. Остварете силни финансиски резултати. Не е лесна задача да ги поттикнете вработените едноставно да го зголемат профитот на компанијата. Вработените нема да бидат инспирирани да го дадат својот најдобар учинок ако едноставно им кажете „ајде да го зголемиме профитот“. Но во секој случај, остварувањето добри финансиски резултати е литмусов тест за секој успешен бизнис. Но, исто така сум убеден дека ако компаниите ги „Прават задоволни своите клиенти“ и „Ги мотивираат своите вработени“, тие ќе имаат финансиски резултати. Тоа е исто што и 1+2=3 (задоволни клиенти+ мотивирани врабоетни=силни резултати).
  4. Возвратете му на општеството. Ова е многу важен дел за успешните организации и луѓе- да се возврати на нивното општество и на посиромашните. Мк2025 е една од тие мои активности. Секогаш е убаво чувството кога давате и исто така, ме зачудува тоа како луѓето што се во постојан ангажман, што постојано работат нешто, успеваат да постигнат многу.
  5. Натпреварувајте се и победете. Особено ако работите во голема компанија или организација. Ако не сакаш да си во чекор со нас, нема за долго да бидеш успешен. Добро дефинирајте кои се очекувањата и која е наградата што води до правилно вршење на работата.
  6. Покажете ги очекуваните лидерски вредности. На пример петте водечки насоки на Моторола (Motorola 5 E’s: Envision, Energy, Edge, Execute and Ethics):  Изум, Енергија, Предност, Одлучност и Етика

Кој е Вашиот извор на инспирација?

ЗафировскиНкоси Џонсон, младо момче од Јужна Африка кое почина од сида, го кажа она што според мене е совршен исказ според кој треба да го живееме животот: „Создавај со она што го имаш пред себе, во миговите што ти се на располагање, онаму кадешто живееш.“ Може да проектираш којзнае си каков карактер пред другите. Најважниот човек кого треба да го убедиш дека создаваш со она што го имаш пред себе, во миговите што ти се на располагање, онаму кадешто живееш, е самиот себе. Има 168 часа во неделата. Прашањето „што правиме во ова време“ е дел од себе-рефлексијата. Се навраќам на оваа мисла неколку пати дневно- тоа е добар начин да се биде приземјен и фокусиран!

Имате многу години искуство како Извршен директор. Како ги мотивиравте луѓето да дадат се од себе?

Зафировски:Ова е процес, но би рекол дека има 4 клучни елементи:

  • Поставете инспиративни и остварливи цели.
  • Искомуницирајте ги и практикувајте ги Вашите лидерски вредности.
  • Постојано давајте им фидбек на менаџерите и на луѓето со висок потенцијал за развој
  • Воспоставете „Меритократија“ – т.е. само луѓето со вистинските вредности и учиноци да бидат признати, наградени, унапредни.

Можеби ќе ве интересира

ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ОЧЕКУВААТ СО ВЕШТАШКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ ПРОДУКТИВНОСТА: Еве во кои сектори најмногу ќе ја користат

ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ОЧЕКУВААТ СО ВЕШТАШКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ДА ЈА ЗГОЛЕМАТ ПРОДУКТИВНОСТА: Еве во кои сектори најмногу ќе ја користат

БОГАТИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА GOLDEN VISA: Три европски земји имаат најатрактивни програми

БОГАТИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА GOLDEN VISA: Три европски земји имаат најатрактивни програми

ТРЕСКАТА „НОЌ НА ВЕШТЕРКИТЕ“ ЌЕ ДОНЕСЕ СКОРО 12 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ НА АМЕРИКАНСКАТА ЕКОНОМИЈА Приходите може да бидат поголеми одбожиќната продажба

ТРЕСКАТА „НОЌ НА ВЕШТЕРКИТЕ“ ЌЕ ДОНЕСЕ СКОРО 12 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ НА АМЕРИКАНСКАТА ЕКОНОМИЈА Приходите може да бидат поголеми одбожиќната продажба

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип