24 Ноември, 2024
0.0276

ИНТЕРВЈУ РЕМЕНСКИ: Нема кривично дело, случајот против мене е искреиран поради моите заложби за реформи на поранешната тајна полиција

Објавено во: Македонија, Интервјуа 02 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Судскиот процес што се води против неа го нарече фатаморгана, со правни небулози и глумење на јавнообвинителско постапување. Фросина Ременски, професорка и поранешна висока партиска, но и државна функционерка, а сега обвинета во случајот Меѓународен сојуз, во интервју за Фактор зборува зошто смета дека во овој случај воопшто не постои кривично дело кај неа, ниту, пак, како што вели, таму има издржано обвинение. Потенцира дека во овој случај целата обвинителска постапка се состои во дејствија на злоупотреба, лажирање и прикривање на факти, кои неможат да се стават во кривичен контекст. Сите познавачи на кривично-правната материја, вели таа во интервјуто, ќе сфатат зошто обвинителството имало потреба да искреира случај против професорката Ременски, а тоа се, според неа, нејзините активни дејствија во процесот на реформирање на поранешната УБК...  За нејзината улога во Меѓународен сојуз вели дека била само во форма на почесно членство, за што никаде во светот не се одговара. Дека имала пријателски односи со Бојан Јовановски, пак, не сака да крие, како што тоа, нагласува, сега го прават многумина....

За судскиот процес за Меѓународен сојуз во кој сте една од обвинетите, преку Вашиот фејсбук профил објавивте дека наликува на фатаморгана, како и дека во него се случуваат правни небулози и глумење на јавнообвинителско постапување. Зошто ова го велите?

Ременски: Сите мои објави ги темелам на факти и докази. Никогаш не сум објавила нешто што не е проверено и секогаш пишувам и условувам со име и презиме. Доказ дека објавите се точни, а документите во прилог веродостојни, е фактот што ниту еден орган, ниту едно прозвано лице до денес не демантирало нешто од објавеното, ниту пак тужело за некаква клевета. Неколку објави на социјална мрежа и дадени изјави за медиумите се однесуваат на причините зошто овој ПР-процес и обвинение го условувам метафорично и фактички како фатаморгана. Фатаморгана е вистинскиот израз за овој судски процес. Според значењето на самиот збор тоа е оптичка мамка кога на заморен патникму се причинува дека гледа предмети што не постојат. Во овој случај на јавноста и на граѓаните им се сервира слика дека Судот постапува по некаково издржано обвинение, за кое јавноста под притисок на пропаганда создала впечаток, а во суштина не само што не постои кривично дело кое ми се става на товар, туку целата обвинителска постапка се состои во дејствија на злоупотреба, лажирање и прикривање на факти кои неможат да се стават во кривичен контекст, зошто таков контекст не постои.

Јавното обвинителство (што се докажа на претходното рочишете) сериозно и недозволено го игнорирало начелото на координација и субординација, во фазата на предистрага и истрага во предметот Меѓународен сојуз, односно не го зело воопшто предвид постапувањето на јавниот обвинител Наум Пановски по сомневања за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од кривично дело“. Тој и други органи во фазата на истражување докажал и донел обвинителска одлука во која ги отстранил сите сомневања за сторено дело за лицата кои тогаш ги истражувал. Таа негова одлука била клучна за тројца судии на кривичниот совет при Судот кои донеле решение да ги ослободат замрзнатите средства во банка што ги примила тогаш осомничената, а денес сведокот на ОЈО - Љиљана Тодоровска на чија сметка „Пелистер“ ги префрлил средствата.

Многу од овие правни аргумени кои јавно ги изнесувам не ме засегаат мене лично во судскиот процес, но факт е дека креирањето на кривично-правен настан на незаконски начин и основи го тангира секој учесник во оваа судска постапка. Оттука, како стручњак во областа, го користам и моето знаење за правилата на постапување на органите, за да покажам дека, „технологијата за производство на обвинение“ мора да содржи „декларација на состојките на производот што некој треба да го конзумира“ за да се знае што се конзумира. Оваа метафора ја правам со цел на јавноста да ѝ доловам дека, доколку обвинителството користи отровни и недозволени состојки во производство на обвинението (тортата), консументот (Судот, обвинетите, јавноста) имаат право и треба да знаат како е дојдено до тој производ (тортата).

Јавноста во овој случај треба да знае дека, моите аргументирани тврдења со факти и докази укажуваат дека, обвинителството и застапникот на обвинението сториле недозволени повреди во постапката на истражување и прибавување на докази за некакво мое кривично-право дејание кое се коси со мојот професионален интегритет и целокупно општествено делување. За тоа зборува фактот дека, обвинителство во технологијата на лажирање на дело, без грам материјални и вербални докази (се покажа дека ОЈО нема и не предлага докази против мене) моето име, поточно мојот углед и авторитет го става во една реченица во обвинителен акт во контекст на некаков субјективен впечаток, кој пак, исто така беше демантиран и побиен на суд. Без било каков опис на некакви дејствија за помагање и докази кон тоа, обвинителството во сопствената технологија за креирање на „отровната торта“, моето име го зема за „состојка“ која на јавноста („конзументот“), ќе ѝ биде привлечна да ја конзумира.

Не случајно и зборувам дека, предоминантната сензационалистичка, навивачка и платена пропаганда во периодот на случајот со Бојан Јовановски и Катица Јанева беше искористена за класичен дефокус на јавноста од вистинските прашања, за кои до денес обвинителството не даде одговори, туку ги поттикна на едно тенденциозно обвинителско постапување заради фокус на јавноста кон тоа што не се факти.

Јавно пред суд и на рочиштето на 28 мај како забелешка кажав дека доколку ова дело е кривично дело (како што застапува ОЈО), тогаш многу други луѓе, а не јас, треба да седнат на обвинителна клупа, затоа што кога истражувале пропуштиле да утврдат елементи на кривично дело, односно сведоците на обвинителството не би можеле да бидат сведоци  и затоа што не јас, туку половина од нив биле дел од тимовите за преговори со бизнисмените и ставиле формален потпис на договорите кои ги вклучиле. Додека пак, дејствијата на други политичари би биле многу посериозни кривични дела, пак ќе кажам, ако ова е кривично дело.

Која е Вашата вистина за овој случај, која била или не била Вашата улога?

Ременски: Ако ја следите логиката и вистината во кажаното претходно, секој човек и сите познавачи на кривично-правната материја ќе сфатат зошто обвинителството имаше потреба да искреира случај против професорката Ременски. Сите мои докази и правни аргументи во овој фатаморгана случај одат во прилог на фактот дека, моето обвинителско „подместување во згодна прилика“ во овој случај следеше по многу мои активни дејствија во процесот на реформирање на поранешната УБК по пријави и документација доставени до мене и до други пратеници кои членуваа во надзорните тела на Собранието. Бидејќи станува збор за сериозни злоупотреби кои до денес никој (од известените) не ги отвара, ми дава потполно право да верувам дека, структурите кои злоупотребувале и „системот“ кои ги штити не сакаат да се зборува, да се дознае и да се постапува по нив.

Кон оваа обвинителско-полициска злоупотреба го додавам и прикривањето на несогледливите прекршувања на полициското постапување при упадот за претрес во мојот дом без грам исполнети услови за спроведување на претрес. Во таков незаконски претрес кој го прикриваат највисоките полициско-обвинителски структури, за што има и кривична пријава во фаза на постапка, надвор од сите правила, од мене како пратеник од надзорно тело на законодавниот дом, неовластено и надвор од судска наредба за претрес ми беа одземени „класифицирани документи“ по пријавите за злоупотреби по кои постапував. Класифицирани документи го ставам во наводници затоа што не може да биде класифициран документот со кој се прикрива злоупотреба или кривично дело. Обвинителството, иако знае за што станува збор, во оваа постапка ги исклучи од листата на докази.

Многу е тешко на „заморениот патник“ (јавноста) во овој стадиум на постапката да му ја понудите вистината и да очекувате таа веднаш да биде прифатена, особено кога ги немате истите пропагандни алатки кога се креираше оваа фатаморгана од случај со инволвирање на моето име. Ова го кажувам и поради фактот што нашето стереотипно и хомофобично општество многу лесно ја даде квалификацијата за „педерот“ кој го срушил СЈО, па сега се што се врзува за неговото име по правило мора да биде лошо и криминално.

Мојата улога во поддршка на активностите на невладиниот сектор и субјектите на цивилното општество (на кое припаѓам) до сега, бил и ќе биде во насока на поддршка на сите проекти и напори за подобрување на општественото живеење и делување на граѓаните. Оттука, ако за грев се зема мојата јавна поддршка на невладината Меѓународен сојуз или пак, учество во хуманитарни акции кои ги организирала, тогаш навистина сите ние како граѓани имаме проблем - активисти и општествени дејци.

Во моите воведни зборови пред Судот кажав дека, ако поддршката што сум ја дала за Меѓународен сојуз е кривично дело, тогаш јас на Судот и на обвинителството можам да им наведам уште најмалку 15 невладини организации кои имале моја јавна поддршка во реализација на своите програмски цели. Ако поддршката на невладина организација е кривично дело, тогаш нема политичар денес кој нема да биде кривично одговорен.

Во фазата на пропаганда и низ неколку известувања за рочишата неправилно ми се даваше формален статус во невладината организација која подразбира и право на одлучување. Фактите се спротивни – почесното членство во невладината одганизација што го имам јас, Стефан Богоев, Костадин Костадинов, Илинка Митрева, Иџет Мемети, Чарлс Гарет ..., не е формално членство и не повлекува права и обврски. Тоа е еден вид на признание за придонесот во хуманитарна сфера на делување. Имам почесно членство и во Независниот полициски синдикат исто така, од неговото формално основање. Но, тоа не значи дека треба и може да се инкриминира моето присуство и говорење на јавни настани организирани од синдикатот.

Кога долго и континуирано негативно и јавно се зборува за некоја личност или организација, очекувано е дека се и сите што биле во допир или контакст со нив се презираат и се осудуваат. Тука се гледа и лицемерието генерално - кога едно време Бојан Јованосвки на сите политичари и јавни личности им беше супер - кога му одеа на гости, на емисии во телевизија, на приватни настани и го примаа по кабинети - за откако беше притворен да биде третиран на ниво на сериски убиец од кого се оградуваат сите.

Оттука, вистината за овој случај е жална, а мојата улога во него измислена за да имаме привид на некаква борба против криминалот, додека истиот им поминува пред нос на институциите.

Кој всушност, според Вас, има направено најмногу пропусти во ова судење и кои сметате дека се мотивите?

Ременски: Пропустите ги лоцирам првенствено во јавното обвинителство кое не смеело да си дозволи да подигне обвинителен акт без елементарни докази во поткрепа на истото против мене и генерално за случајот во целина. Најголемите пропусти и злоупотреби од обвинителството се направени во фаза на предистрага и истрага, односно во фазата кога се создаваше фатаморганата како димна завеса за фактите од случајот Рекет.

Едни пропусти водат кон други. Едни злоупотреби водат кон други. Па така, злоупотребите на обвинителството довеле до незаконито постапување на судијата на претходна постапка Весна Димишкова која недозволено, без елементарни докази и под притисок на ОЈО (инволвирање на нејзиното име во случајот Рекет) дозволила претрес во мојот дом, кој пак надвор од сите полициски правила е извршен на незаконит начин.

За да се прикријат овие полициски пречекорувања и овластувања на кои недозволено кумува обвинителството (Вилма Русковска), МВР и внатрешната контрола, и покрај утврдените факти за незаконит претрес наведени во извештај од 14 страници, прибегнува кон комплетно прикривање на фактите и се претставуваат како ненадлежни, што е смешно. Тоа прикривање оди до степен на фалсификување на службени исправи, пречекорувања на овластувања и класично попречување на докажување на тие злоупотреби кои денес се предмет во кривичен предмет против Вилма Русковска, Гордана Смаќовска, Лазе Велковски, Дејан Андонов и други лица, за што постојат несоборливи и очигледни докази за направените злоупотреби кои ќе бидат изнесени на суд.

Пропустите продолжуваат по подигнување на обвинението пред Кривичниот суд во кој тројца судии, без да ги погледаат фактите во поднесениот приговор на обвинението и без да ги имаат на знаење сите злоупотреби на обвинителството, го прифаќаат обвиниението кое влезе во судска постапка.

Во оваа доказна фаза на постапката јасно се гледаат сите овие пропусти и со право обвинителката Ивана Трајчева става приговори (кои не ѝ се прифаќаат сите) на фактите и доказите кои одат спротивно на тезата на обвинителството дека, зборуваме за кривично дело, а не за класични облигациони договори. Очекувам не само Судот, туку и другите институции кои постапуваат по пријави во врска со горенаведените пропусти да ги согледаат истите и да ги стават во функција на носење на правилни, законити и праведни одлуки. Ќе додадам дека не смее да се дозволи вакви и слични обвинителски пропусти и злоупотреби да останат без јавно забележување и одговорност, затоа што истите создаваат правни преседани и култура на неодговорност помеѓу судиите и јавните обвинители.

Потенцирате дека за последното рочиште што се одржа во петокот имало медиумска незаинтересираност и молк. На што ги темелите овие сомнежи и зошто сметате дека е така?

Ременски: Не само на претходното рочиште, туку и на неколку рочишта претходно кога се изнесуваа докази и факти во прилог на погоре кажаното, што е спротивно на тезите и постапувањата на обвинителството, нема новинари, ниту пак најава дека има рочиште за Меѓународен сојуз. Основано се сомневам (кога ќе го потврдам во целот тоа јавно ќе го обелоденам) дека, постои пропаганден брифинг од обвинителстото и од Судот кон одреден број на медиуми кои однапред знаат што ќе се работи на рочиштата за да знаат колку тоа ѝ одговара на претходната пропагандна матрица која мора да ја исконтролира креираната „вистина“ да не изгуби на тежина.

Ова не го адресирам кон сите медиуми и новинари, затоа што себе си се сметам за пријател на медиумите за чијашто слобода се борев. Но, нема да биде чесно од моја страна ако не кажам дека, се сомневам дека моето свесно медиумско игнорирање во фазата на најсилната пропаганда за креирање на ова ПР обвинение против мене беше намерно и контролирано од „центри на интереси против вистината“. Затоа, денес е тешко во едно вакво интервју, во една изјава или неколку статуси да кажете и да објасните, зошто, кој, како, со што итн.

Чест на исклучоци за сите медиуми и новинари кои се трудат да ги добијат и објават изјавите и ставовите за овој фатаморгански процес. Знам исто дека, многу новинари кои во едно време полагаа веродостојност на одредени обвинителски постапувања, судски рочишта и улоги на одредни лица во истите, денес длабоко се сомневаат во исправноста и вистинитоста на истите.

Сакам објективно медиумско известување, без сензации и пренесување на небитни работи од судница, зошто само така јавноста нема да биде „заморен патник“ и да голта сервирана вистина, туку ќе може да цени и да се воздржи од осудувања. На овој начин и медиумите и јавноста ќе можат да му помогнат и на Судот да носи праведни и законити одлуки без притисок на некаков пропагандно креиран „јавен впечаток или суд“, на што бевме сведоци изминатиот период.

Убедена сум дека, врз основа на доказите со кои располагал Судот, доколку немаше јавни навивања и лицитирања со висината на казните или статусот на обвинети лица во предмети, многу случаи немаше да завршат со драконски казни кои подоцна паѓаат на суд или завршуваат со ослободителни пресуди, а исто така, многу осомничени и обвинети немаше и нема да поминуваат долгогодишни притвори како казна под сомнителна хигиенска и здравствена грижа за што на крајот државата (граѓаните) го плаќаат цехот.

Сепак, останува фактот дека бевте во комуникација со Бојан Јовановски, за што сведочат и фотографии. Сведоци тврдеа дека му верувале на Јовановски токму поради неговата блискост со функционери. Имавте функција и во Меѓународен сојуз. Како ова ќе го објасните?

Ременски: За разлика од многу други политичари и мои партиски другари, јас не сум лицемерна и никогаш не сум негирала дека сум била во пријателски односи со Бојан Јовановски. Ги почитува луѓето без разлика на нивна било каква припадност.

Фотографија од прослава или телевизиско гостување, никаде па ни во овој случај не може да бидат инкриминирачки факт, ниту пак да бидат доказ за некакво кривично дејание.  Ако се суди по фотографиите, тогаш дајте да ги обвиниме сите фотографирани со Бојан Јовановски – од премиерот и неговата сопруга, преку Радмила, Оливер, Мила, Стефан, Костадин и сите други кои имаат фотографии или снимки со Бојан.

Кога кажувате сведоци тврдат, ќе Ве корегирам дека, само еден сведок кажа дека, „сите од власта другаруваа со Бојан Јовановски“, но тоа не значи дека, Фросина е „сите функционери“.

Ако судиме по логиката на фотографии итн., тогаш медиумите и обвинителството треба многу повеќе да ги интересира можеби за снимката „во екот на Рекет“ со Радмила, Катица и Бојан, или пак, тврдењето на Вилма Русковска (кога ги изведуваше ПИМ мерките за Рекет во Суд), дека седенката и фотографиите не значат ништо. Двојните аршини во оценката по што се суди е повторно дел на фатаморгана матрицата и загушување на логиката.

Нема да се повторам во врска со т.н., функција во Меѓународниот сојуз за која одговорив погоре. Вистината е дека, почесно членство секаде и во секаква организација не е функција со формални права и обврски, туку симболично признание за придонес во областа.

Зошто го прозвавте Орце Камчев во овој случај?

Ременски: Од денешна временска дистанка многу работи ми се појасни мене, а верувам дека многу од работите му се уште појасни на Орце Камчев.

Пишав јавен статус дека, ниту имам причина да го сакам Камчев, ниту имам причина да го мразам. Човек/луѓе кои не ги познаваат лично како луѓе и карактери, не можат да се сакаат или да се мразат – можат само да се почитуваат ако имаат причина за тоа.

Кога во деновите на моја семејна жалост Камчев беше приведен и притворен, истата фатаморгана матрица на дезинформации и пропаганда плетеше теории  за некаква инволвираност на мојот сопруг во приведувањето што е комплетно неточно, белешки, АНБ, сведочења (несведочења) во Меѓународен сојуз против Фросина и сл. Сето тоа (според мене) одеше во насока на притисок кон Камчев (претпоставувам) да направи дефокус од вистината (како што делумно направи за Рекет) и под таква „креација на вина на Ременски“ да биде принуден да сведочи лажно. Немам друго објаснување на таа пропагандна хистерија.

Деновите пред сведочењето, посакував само едно – Камчев да ја зборува вистината, а таа е токму онаа која ја повторував повеќе од година и пол дека „Нашето семејство не го познава семејството Камчеви“, што само беше потврдено на рочиштето од негова страна дека, „Ременски ниту ја знам, ниту ја познавам“.

Инаку, точно, Орце Камчев го спомнувам во неколку мои статуси кои не се однесуваат на него директно, туку на луѓе кои години и години гравитирале околу него, работеле во негов интерес, биле на негов платен список, му се нуделе и му се нудат за спасители во време кога бил и е во притвор, а истите тие само си купувале бенефити за себе и своите „професионални“ и партиски позиции.

За разлика од многу други јас без ракавици можам да зборувам за фактите, без да измислувам. Година и пол објавувам факти дека, токму лицата кои и сега му се претставуваат како спасители се лица кои живеат во куќи на негов адвокат и имаат многу други улоги и позиции. Мислам на повеќе луѓе, но тука конкретно мислам на Горан Николовски (поранешен директор на УБК) на кого Камчева во неколку наврати му го пријавувала рекет. Тој како овластено лице не презел ништо да го спречи тоа и да ги заштити пријавителите. Напротив и денес молчи, како што молчи и обвинителството.

За Орце Камчев како и за сите други важи презумцијата на невиност и треба да ги има правата по закон. Тоа не значи дека, моќта на едни или на други треба да биде предуслов да се креира вистина, која не е вистина, зошто природното правило е секогаш посилно од намерата вештачки да се креира факт. Тоа е бумеранг-систем. Му посакувам да си ја докаже својата невиност и да си се преслуша за пријателите.

Како сметате дека сега, во оваа ситуација се однесува кон Вас Вашата партија во која ги имавте највисоките функции?

Ременски: Како-кој се однесува во оваа ситуација зборува за него, а не за тоа како јас мислам. Неколку пати кажав јавно дека моето општествено и професионално делување во сферата на безбедноста во последните 15 години, најмалку зависело или било условено од политички или партиски функции. Така што, ориентација за континуитетот на моето идно делување не го поврзувам со партија, туку нешто повеќе од тоа – придонес кон напредок на државата и политиките за развој и мир.

Добро е што мојата партија сфати дека не треба и не може да прави пропаганда на моето инволвирање во овој креирам процес, зошто знае дека тоа не поминува кај граѓаните и секако не е праведно кон мојот општествен придонес.

Добро е исто така што, знам дека од оваа временска дистанца многу припадници на партијата знаат дека, партијата ништо не добила „во оваа ситуација“ - напротив изгубила. Зошто изгубила? Одговори има многу.

Ќе биде добро за партијата, час поскоро да сподели соодговорноста за овој случај во кој нема случај, дотолку повеќе што нема што да изгуби, туку може да добие. Што ќе добие? Ќе добие со тоа што нема да биде во состојба да ги самонегира изборните ветувања, мерките и поддршките за сите субјекти во сферата на социјалната заштита. Нема да треба да се негираат сите придобивки, мерки и успеси на партијата и Владата во грижата за децата и старите луѓе во изминатиот период. Нема да мора (како што и самите констатиравте) да ги негира фактите - другарувањето, фотографиите, изјавите за поддршка и пријателството со озогласениот Бојан. И на крајот, ќе обесхрабри идни злонамерни обвинителски тенденции во кои по примерот на оваа фатаморгана, утре, задутре -  ќе може да инкриминира нешто што нема никаква врска со криминал.

Сметам дека, ниту мојата партија, ниту било која друга треба да прави политика со случаи која институциите треба да донесат правилна и законита одлука. Навивањето не е политика. Пропагандата од типот - „Парите се во Влада-парите се во Белата палата“ што ја водеа портпаролите на двете партии не ѝ помогна на правдата, не му помогна ниту на обвинителството, ниту на Камчев. Таа реторика охрабри едно тенденциозно и пара -делување на обвинителството да се приклонува кон преседани под превезот дека, „некој некого спасува“. Ако денес ги навратите партиите на оваа реторика, тие радо ќе молчат отколку да кажат „Од каде знаеја каде се парите?“.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ: Кавадарци бара обиколница

ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ: Кавадарци бара обиколница

ИЗБОР НА НАЈВИСОКИТЕ ТЕЛА НА ПАРТИЈАТА: СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес

ИЗБОР НА НАЈВИСОКИТЕ ТЕЛА НА ПАРТИЈАТА: СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес

ПОЛИЦИСКИТЕ БИЛТЕНИ СЕ ПОЛНИ СО ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Сивата бројка“ на непријавени случаи е многу поголема

ПОЛИЦИСКИТЕ БИЛТЕНИ СЕ ПОЛНИ СО ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Сивата бројка“ на непријавени случаи е многу поголема

СЕ ОЧЕКУВА СТУДЕНО ВРЕМЕ: Teмпературата ќе се спушти под -10 степени

СЕ ОЧЕКУВА СТУДЕНО ВРЕМЕ: Teмпературата ќе се спушти под -10 степени

МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗБУДИ СО ЗАГАДЕН ВОЗДУХ: Кичево и делови од Скопје најзагадени

МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗБУДИ СО ЗАГАДЕН ВОЗДУХ: Кичево и делови од Скопје најзагадени

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури