24 Ноември, 2024
0.0275

ИНТЕРВЈУ ШИЛЕГОВ: Не само што ќе се врати, туку ќе дојде и поубав забавен живот во Скопје после кризата

Објавено во: Македонија 14 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Убеден сум дека не само што ќе се врати истиот, туку дека ќе дојде и поубав живот после кризата. Верувам дека овие научени лекции уште долго ќе останат во колективната меморија на сите нас кои ќе ја пребродиме кризата и кои со нетрпение ги очекуваме новите предизвици на културно-забавниот живот во нашето Скопје, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во денешното интервју за „Фактор“. Комуналните служби се заштитени онолку колку што се заштитени сите останати служби во државата, во Градскиот парк. На кејот на Вардар и на другите јавни површини невозможно е да се постават физички бариери за да може физички да се спречи движењето на луѓето. Град Скопје разгледува и други опции на штедење, но секоја погрешна изјава може да предизвика паника кај граѓаните која непотребно ќе предизвика неповолни последици. Угостителскиот сектор во Скопје го помагаме на начин што ја намаливме таксата за терасите на угостителските објекти кои се наоѓаат на јавни површини, од 15 на 5 денари по метар квадратен на ден, повторно колку што е законскиот минимум, тврди меѓудругото во интервјуто.

Советот на Скопје во услови на прогласена светска пандемија предизвикана од вирусот Ковид -19 донесе Одлука за намалување на комуналната такса за фирмите, таканаречена фирмарина. Планира ли градот да донесе дополнителни економски мерки со кои ќе им се помогне финансиски на физичките и правни лица?

Шилегов: Намалувањето на фирмарината од 7.000 на 4.000 денари, колкав што е законскиот минимум,  е само една од мерките со кои Град Скопје како институција ја помага домашната економија која е погодена од пандемијата. На истата седница на советот усвоивме и други мерки. Планираниот кредит за изградба на Забавниот парк го откажавме и одлучивме да подигнеме нов кредит кој ќе ни овозможи непречено да продолжиме да ги градиме и реконструираме скопските улици, тротоари и други инфраструктурни објекти. На тој начин ќе ги избегнеме кратењата во тој дел, ќе имаме нови или реконструирани улици кои согласно досегашните искуства ги изведуваат домашни компании. Во домашните компании работат наши сограѓани, граѓани на РСМ, а истите и плаќаат даноци кои се слеваат во државниот буџет.

Дополнително, угостителскиот сектор во Скопје, го помагаме на начин што ја намаливме таксата за терасите на угостителските објекти кои се наоѓаат на јавни површини, од 15 на 5 денари по метар квадратен на ден, повторно колку што е законскиот минимум. Го зголемивме и периодот на плаќање на комуналиите од досегашните 12 на 18 месечни рати, за градбите со комуналии кои надминуваат 1 милион денари. На истата седница на Советот упативме и препорака до училишните одбори на средните училишта кои одлучуваат за издавањето на салите и другите простории во училиштата, да ги ослободат закупувачите на овие простории од обврската за плаќање закуп за месеците додека важи забраната. 

Ја следиме будно ситуацијата, кризниот штаб на Град Скопје е во постојана комуникација со кризниот штаб на Владата, доколку се јави потреба од дополнителни мерки, навремено ќе се реагира со цел колку што е можно да ги ублажиме последиците по приватниот сектор од економската криза предизвикана од пандемијата.

При усвојувањето на завршната сметка на Град Скопје за 2019 рековте дека очекувате да бидат намалени основните приходи за работењето. Истовремено, дали се планираат мерки со кои ќе се намалат трошоците на градската управа и на јавните претпријатија? Во кои сегменти се планира штедењето?

Шилегов: Еве откажувањето на кредитот за Забавниот парк е една од мерките со кои ќе се намалат трошоците. За вработените во градската администрација, членовите на советот и управните одбори важат истите мерки како и за целата држава, кои и се веќе познати на јавноста. Разгледуваме и други опции, но сакам да нагласам дека потребно е да се биде внимателен и во носењето на одлуките и во општењето во јавноста. Секоја погрешна изјава може да предизвика паника кај граѓаните која непотребно ќе предизвика неповолни последици. Токму од овие причини не би сакал да шпекулирам со размислувањата.

Рековте дека привремено ќе се стопираат плановите за Забавниот парк. На кои капитални проекти се планира запирање на активностите, а кои ќе продолжат со истата динамика?

Шилегов: Забавниот парк ќе го оставиме дефинитивно за некои подобри времиња. Како што кажав, тоа го направивме за да можеме да подигнеме кредит кој ќе овозможи да не запрат активностите со изградбата и реконструкцијата на градската инфраструктура. Во претходните 2 години ги стабилизиравме финансиите на Град Скопје, трошевме домаќински и одговорно, што ми дава надеж дека нема да има потреба за запирање на активностите на најголемиот дел од капиталните објекти, но секако дека ќе ги следиме состојбите и доколку е потребно ќе штедиме и на други проекти.

Реагиравте дека граѓаните не ги почитуваат препораките и масовно во групи се движат во Градскиот парк и Кејот на реката Вардар. Дали планирате да воведете или да помогнете во ограничувањето на движењето на одредени јавни места кои вообичаено служат за рекреација?

Шилегов: Како единица на локалната самоуправа согласно закон, немаме право да воведуваме било какви дополнителни ограничувања на движењата, од оние кои ги воведува владата. За жал во Градскиот парк, на кејот на Вардар и на другите јавни површини невозможно е да се постават физички бариери за да може физички да се спречи движењето на луѓето. Она што можевме да го направиме и го направивме е укинувањето на бесплатните билети за ЈСП кои ги користеа пензионерите, средношколците и студентите и бесплатните автобуски линии до Водно, со цел дополнително да не го стимулираме користењето на јавниот превоз и на тој начин да ги намалиме гужвите во автобусите. Согласно препораките ги затворивме објектите на средните училишта и културните институции, а и градската администрација работи во еден дел од своите домови. За жал тоа е се што можевме да направиме како локална самоуправа во однос на ограничувањето на движењето. Затоа постојано апелираме на совеста и одговорното останување на граѓаните да останат дома, да ја засилат личната хигиена, да ја чуваат хигиената на јавните простори и да се придржуваат до препораките на Владата. Само така заедно ќе ја победиме епидемијата и ќе успееме да спасиме многу човечки животи.

Град Скопје помогна да се расчисти платото кај Инфективна клиника за поставување на мобилна болница. Имате ли сознанија кога ќе почне да работи истата?

Шилегов: Искрено јас посакувам да не се јави таква потреба и таа болница никогаш да не почне да работи. Тоа ќе значи дека бројот на заразени останал мал. Согласно моите информации веќе постојат технички услови да почне да работи, а кога ќе почне тоа ќе зависи од бројот на заразени кои ќе имаат клиничка слика која бара болничко лекување.

Комуналните служби се на терен, но постојат забелешки дека не се доволно заштитени. Има ли соодветна заштита и во какви услови работат?

Шилегов: Комуналните служби се заштитени онолку колку што се заштитени сите останати служби во државата, со исклучок на здравствените работници кои заради природата на работата имаат и дополнителна заштита.Значи, се користат маски, ракавици, средства за дезинфекција и се држи физичка дистанца меѓу луѓето. Оваа прилика сакам да ја искористам, да упатам јавна благодарност до овие луѓе кои и во вакви вонредни околности успеваат да останат на ниво на задачата и да одговорат на редовните и вонредните потреби на граѓаните. Сите јавни претпријатија на Град Скопје, како и Противпожарната бригада се вклучени во засилените вонредни дезинфекции и чистења на јавните површини, во изградбата на полската болница и новиот пристап во Клиничкиот центар. Ова се исклучително храбри, хумани и трудољубиви луѓе кои заслужуваат посебна почит од сите нас.

Ги сопревте паричните награди за кампањата „Седи Дома“. Се планира ли некаков друг популарен стимуланс за граѓаните кои ги почитуваат препораките?

Шилегов: Првичната идеја на кампањата беше да се стимулира седењето дома и креативноста на луѓето преку доделување на 6000 денари за најдобра фотографија од домовите на граѓаните еднаш дневно, во период од 30 дена. Значи вкупниот фонд за оваа кампања беше симболични 3000 евра, но заради некои реакции во јавноста кои повеќе од очигледно беа мотивирани од нечесните намери на луѓе од опозициските редови одлучивме да  продолжиме со изборот на најдобра фотографија, но да ги укинеме паричните награди. На добитниците на награди  во првите неколку дена средствата ќе им бидат исплатени, но за да не оставиме простор една ваква убава кампања да биде злоупотребена за дневнополитички препукувања со опозицијата, одлучивме да го прекинеме ваквиот вид на стимулирање на граѓаните да останат дома. Имаме во план друг вид на стимулации, но сега за сега подобро е да останат изненадување за граѓаните.

Забавниот живот принудно замре во Скопје. Ќе се врати ли истиот начин на живот кај скопјани во слободното време кога ќе заврши тековната криза?

Шилегов:  Убеден сум дека не само што ќе се врати истиот, туку дека ќе дојде и поубав живот после кризата. Извлековме многу поуки како луѓе пред се. Научивме да го цениме времето поминато со семејството, со најблиските, со саканите, но и да ја цениме слободата. Научивме да се грижиме едни за други, да бидеме похумани и посолидарни. Научивме да се почитуваме меѓу себе, но и да ги почитуваме законите на природата. Верувам дека овие научени лекции уште долго ќе останат во колективната меморија на сите нас кои ќе ја пребродиме кризата и кои со нетрпение ги очекуваме новите предизвици на културно-забавниот живот во нашето Скопје.

Што ќе им порачате на вашите сограѓани за велигденските празници? Како да ги поминат истите?

Шилегов: Да останат во добро здравје во кругот на семејствата. Видовме дека здравјето нема цена, затоа да останеме во нашите домови за доброто на сите нас, за да можеме после кризата да прославиме уште многу празници заедно.

Лично, дали помогнавте со извесна донација на приватен план?

Шилегов: Секогаш помагам со приватни донации и тоа го сметам за нормална активност на секој хуман човек за која не е потребен дополнителен публицитет. Знам дека не сум единствен и среќен сум што постојат многу луѓе кои го прават истото затоа што нема поголемо богатство од благодарноста во очите на луѓето на кои сме им помогнале, макар симболично, во моментите кога помошта им била најнеопходна.

А.К.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ИЗБОР НА НАЈВИСОКИТЕ ТЕЛА НА ПАРТИЈАТА: СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес

ИЗБОР НА НАЈВИСОКИТЕ ТЕЛА НА ПАРТИЈАТА: СДСМ денеска ќе го одржи 30. Конгрес

ПОЛИЦИСКИТЕ БИЛТЕНИ СЕ ПОЛНИ СО ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Сивата бројка“ на непријавени случаи е многу поголема

ПОЛИЦИСКИТЕ БИЛТЕНИ СЕ ПОЛНИ СО ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Сивата бројка“ на непријавени случаи е многу поголема

СЕ ОЧЕКУВА СТУДЕНО ВРЕМЕ: Teмпературата ќе се спушти под -10 степени

СЕ ОЧЕКУВА СТУДЕНО ВРЕМЕ: Teмпературата ќе се спушти под -10 степени

МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗБУДИ СО ЗАГАДЕН ВОЗДУХ: Кичево и делови од Скопје најзагадени

МАКЕДОНИЈА СЕ РАЗБУДИ СО ЗАГАДЕН ВОЗДУХ: Кичево и делови од Скопје најзагадени

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП