ИНТЕРВЈУ СО ДАНИЕЛА ДИМОВСКА: И судијките под нивните тоги носат срца, а не беџови
Објавено во: Македонија 08 Март, 2024 13:20
Судија Даниела Димовска, од годинава е судија во Одделението за гонење на организиран криминал и корупција, откако претходно беше судија на претходна постапка, судија за извршување на санкции, како и судија во одделението за кривично полнолетни. За неа законот е алатка, а правдата е идеал и сржта на сите морални обврски. Претседател е на Комисијата за уништување на наркотична дрога и други супстанции, заменик-член на Комисијата за полагање на правосуден испит, учествува во работата на повеќе групи за изработка на закони, стратегии... За правдата се бори до крај, бидејќи верува дека ако нема правда нема да има мир.
„Овој ден е пофалба за сите жени судијки, но и за сите жени кои играат важна улога во администрирањето на правдата“
* Што претставува Денот на жените судијки во Македонија, како се прославува тука, а како пак во светот?
- Годинава светот, трета година по ред ќе го одбележи 10-ти март како светски ден на жените судијки, откако Генералното Собрание на Обединетите нации во април 2021-ва година го усвои ова празнување. Секаде низ светот се одржуваат конференции, а кај нас скромно, како што живееме, така и чествуваме. Овој ден е пофалба за сите жени судијки, но и за сите жени кои играат важна улога во администрирањето на правдата. Денес, со гордост можеме да кажеме дека имаме жени судијки кои го водат Врховниот и Уставниот суд, а шефици ги водат и двата најголеми оддела во скопскиот кривичен суд, одделението за кривично полнолетни и одделението за гонење на организиран криминал и корупција. Токму затоа, со чествувањето на 10-ти март, го славиме постигнатиот успех и ја подигаме свеста за предизвиците со кои се соочуваме!
* Која е Даниела приватно. Опишете ни се со една реченица.
- Сопруга и мајка на 9-годишната Илина, која со апсолутна поддршка од сопругот го остварува својот професионален сон и му се радува на животот заедно со блиската фамилија и неверојатните пријатели.
„Бунтовна тинејџерка, која туѓата неправда ја болеше исто колку и својата“
* Каква тинејџерка бевте, кога се јави љубовта кон правото?
- Имавме семеен пријател кој беше извонреден судија и сѐ уште е еден од најголемите авторитети во мојот живот, преку кој се запознав со оваа професија. Со оглед дека се развивав во бунтовна тинејџерка, која туѓата неправда ја болеше исто колку и својата, правото без двоумење беше мојот избор.
* Како се одлучивте да станете судијка и колку е тешко да се биде жена судијка во нашата земја?
- Додека бев демонстратор на Правниот факултет, секогаш кога поминував покрај судската палата, знаев дека тоа е мојот повик. Аплицирав на Академија за судии и јавни обвинители на единствениот конкурс со исклучително високи критериуми, па на оглас за 30 кандидати се пријавивме само 13-мина, од кои дури 12 бевме жени. Исклучително сум горда на оваа генерација на судии и јавни обвинители, затоа што само за неколку година една од нив веќе е Шефица на основното јавно обвинителство во Битола, 3 се обвинителки за гонење на организиран криминал и корупција, сите останати се исто толку добри и веќе даваат свој белег во правосудниот систем. Секоја од нас жените судијки имаме и по некоја лична борба, некоја сака да се оствари како мајка, друга се грижи за мали деца, трета за постари родители, а професијата бара исклучителен напор и концентрација, па со влегувањето во судница, сите проблеми остануваат надвор. Сепак, тежината станува благослов кога нешто се прави со многу љубов и посветеност.
„И судијките под нивните тоги носат срца, а не беџови“
* Дали сте се соочиле со стереотипи поврзани со Вашата професија, која била најтешката ситуација на која сте наишле низ Вашата работа? Колку е всушност ризично да се работи со кривично право, дали некогаш сте се соочиле со закани по Вашиот живот?
- Ниту една од нас не размислува за ризикот, всушност тоа се жени кои не се плашат. Со стереотипи при работењето, а кои биле поврзани со тоа што сум жена, не сум се сретнала, можеби затоа што во правосудниот свет, професиите јавен обвинител и адвокат некако се резервирани за мажите, а судската професија ни припаѓа нам, жените. На почетокот на кариерата, кога имав 30 години, се соочив со стереотипи кои произлегуваа од возраста, но не и од полот. Кривичното право има посебна тежина со оглед дека одлучуваме за слободата на некој. Сепак, и ние судијките под тогите имаме срца, а не беџови, па неретко сочувствуваме со животните приказни на странките. Во судницата нема многу место за емоции, но не можам да ги заборавам солзите на еден родител од Велес кој ја загубил својата ќерка во сообраќајна несреќа. Додека бев судија за извршување на санкции, почина затвореник на кој паричната казна изречена заради прекршување на полицискиот час му беше заменета со затворска казна, што силно не мотивира судиите од тој оддел да иницираме носење на закон за амнестија за ова кривично дело. Особено радост во судницата имам кога нема оштетени, а јавниот обвинител ќе се откаже од обвинение или судот ќе донесе ослободителна пресуда, па сите такви објави имаат посебен белег и многу емоции.
Повеќе детали прочитајте на Женски магазинМожеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки
ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки




