20 Декември, 2025
0.1525

Интервју со Матевски: Во Македонија има висока етничка и религиска нетрпеливост

Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2018 06:36

Добивај вести на Viber

За прв пат оваа година на Филозофскиот факултет при УКИМ, Скопје се отвораат „Интер-религиски студии“ втор циклус. Раководителот на овие студии, универзитетскиот професор Зоран Матевски посочува дека нашето општество има потреба од високо образовани кадри кои ќе ги имплементираат принципите на религиски дијалог, толеранција и екуменизам.

Фактор: Интер-религиски студии втор циклус за прв пат оваа година се отвораат на Филозофскиот факултет при УКИМ, Скопје. Што значи ова?

Матевски: Ова значи дека ги следиме потребите за оформување на компетентни кадри кои ќе ги имплементираат позитивните функции на религијата во современото македонско општество и пошироко во регионот. Јас припаѓам на онаа група на социолози на религијата кои сметаат дека религијата има само позитивни функции во глобалното општество. Сето она што има привид на негативни функции на овој значаен општествен феномен е последица на фалсификување на религиските доктрини на големите светски религии и злоупотреба на религиските чувства на верниците. Затоа нашето општество има потреба од високо образовани кадри кои ќе ги имплементираат принципите на религиски дијалог, толеранција и екуменизам. Тоа впрочем е во основата на сите религиски учења, а е особено изразено во теолошките доктрини на Аврамовите религии (Јудаизам, Христијанство и Ислам). И покрај тоа сведоци бевме на крвави етнички и религиски конфликти во регионот на Западен Балкан. И денес во време на постконфликтниот период, сведоци сме на висок интензитет на религиска и етничка нетрпеливост во Р. Македонија и Балканскиот регион

Фактор: Во кои институции ќе работат идните магистри и како ќе биде насловот на нивната магистерска титула?

Матевски: За да се надминат горе наведените проблеми идните магистри по интер-религиски студии ќе работат во научно-истражувачки центри кои пред се ќе ги  детектираат причините кои водат кон религиска нетрпеливост, верски екстремизам и верски тероризам. Откако ќе ги откријат причините овие центри ќе понудат излезни решенија за надминување на овие општествени проблеми пред се кон политичките елити кои се најодговорни за надминување на овие состојби. Очекуваме дел од овие центри да ги формира и владата на Р. Македонија преку Министерството за образование и наука и преку Министерството за култура. Впрочем практичното имплементирање на принципите на религиската толеранција е еден од најзначајните принципи за влез на Р. Македонија во ЕУ и НАТО. Исто така ќе се формираат и центри за инер-религиски дијалог кои ќе ги промовираат позитивните функции на религијата во насока на религиско помирување на верниците од различни вероисповеди. Тие практично ќе работат на промовирање на принципите на религиски права и слободи и целосно почитување на религиски другиот. Исто така во соработка со најзначајните религиски организации во државата ќе се промовираат религиските морални норми и вредности кои ќе му помогнат на македонското општество да излезе од состојба на општествена аномија, во кое за жал се наоѓа во целиот таканаречен посттранзициски период.


Фактор: Каде има вакви студии на други места има ли светски или европски искуства?

Матевски: Во најголем дел од светските и европските универзитети, во однос на изучување на оваа проблематика постојат екуменистички студии. Тие ги оспособуваат идните магистри за спроведување на идејата за религиско помирување преку програми кои се своевиден микс помеѓу световното и теолошкото изучување на религијата. Таму социолозите, филозофите и историчарите на религијата работат и истражуваат заедно со теолозите. Тоа е спроведување на идејата, која веќе подолго време ја промовира Ватикан, за помирување на науката и теологијата. Нашиот пристап е поразличен. Ние имаме исклучиво научен пристап, особено од социолошки аспект на проучување на религиските феномени, за да навлеземе во суштинските импликации на влијанието на религијата врз општеството. Интересен е фактот што голем број на православни и исламски свештеници се запишуваат на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет се со цел своето теолошко образование да го надополнат со световно. Ваков тип на студии има само на Јегалонскиот Универзитет во Краков (Полска), а во регионот во Сараево и Нови Сад, но нивниот пристап е малку поразличен, бидејќи интер-религиската компонента не им е примарна. По многу нешта нашата програма е уникатна и затоа очекуваме кандидати не само од Македонија, туку и многу пошироко.

Фактор: Што ќе се изучува?

Матевски: Програмата е така концепирана што религијата ќе се изучува од аспект на социологија на религијата, филозофија на религијата, антропологија на религијата, историја на религијата и психологија на религијата. Значи опфатени се сите научни дисциплини кои од световен карактер го третираат овој исклучиво значаен општествен феномен. Исто така посебен акцент е даден и на курсеви кои ја третираат религиската толеранција, религискиот дијалог, религиските конфликти, верскиот тероризам и екстремизам и разрешувањето на религиските и етничките конфликти. И се разбира на крајот преку одредени курсеви студентите ќе бидат методолошки обучени да учествуваат во научно-истржувачки проекти. Има само два задолжителни курсеви. Сето друго се голем број на изборни предмети, така да секој кандидат ќе си се пронајде себе си во насока на тоа од кој агол сака да ја изучува и истражува религијата.


Фактор: Што ќе истражуваат идните магистри?

Матевски: Како раководител на Центарот за културни студии, кој веќе подолго време егзистира на Филозофскиот факултет, ќе формирам одделение за интер-религиски истражувања кое ќе работи при центарот. Освен професорите во идните научно истражувачки проекти ќе бидат вклучени и сите студенти кои ќе се запишат на оваа студиска програма. На тој начин и практично ќе ги обучиме идните магистранти да бидат максимално компетитивни во своите напори да си го најдат своето место на пазарот на трудот или како дел на интер-религиските центри и тимови, или како индивидуални советници по овие прашања во рамките на Владата и различните Министерства на Р. Македонија.

Фактор:  Која е разликата помеѓу овие студии и Теолошкиот факултет, дали овде ќе се даде само филозофски дискурс на религијата?

Матевски: Како што истакнав и претходно основен ќе биде социолошкиот дискурс, но ќе се даде и филозофскиот, историскиот, психолошкиот и антрополошкиот дискурс на религијата. Но тоа апсолутно не значи дека нема да имаме активна соработка со  Богословскиот православен факултет и Исламскиот теолошки факултет. Напротив планираме да поканиме и професори од овие два факултета кои за почеток би реализирале одреден број на предавања кои на студентите на некој начин би им го доловиле и теолошкиот дискурс. Исто така планираме и заеднички проекти со овие факултети, како и со МПЦ-ОА, ИВЗ и со сите други верски заедници и религиозни групи во државата.

М.И.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Надминат прагот на загадување во повеќе општини, издадени се препораки

ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа

ПРЕПОРАКА: Бремените и хронично болните да се ослободуваат од работа

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки