ИНТЕРВЈУ ВИКТОР АНДОНОВ, СОВЕТНИКОТ НА ЗАЕВ ЗА ЕНЕРГЕТИКА: Можни се кадровски промени, за да бидеме сигурни пред следната зима
Објавено во: Економија 19 Ноември, 2021
Во предворјето на енергетската криза, Виктор Андонов, советникот за енергетика на премиерот Зоран Заев, вели дека евентуални одлуки дали се потребни кадровски промени во одредени енергетски компании ќе се носат по стабилизрањето на состојбата. Големото поскапување на увозната струја и се поголемата зависност на стопанството од истата значи дека под овие услови ќе треба да се плаќа од 400 до 500 милиони евра годишно за електрична енергија однадвор, велат претпоставките на Андонов.
Во фокусот е енергетската криза. Владата веќе префрли 4 милијарди денари на сметката на АД ЕСМ за надминување на предизвиците што престојат во блиска иднина. Како и за што ќе се трошат овие пари и има ли механизми како ќе се контролира работењето со оваа висока сума на пари?
Андонов: Како што напоменавте во прашањето, енергетската криза е во фокусот на јавноста во изминатиот месец, меѓутоа да бидеме прецизни до крај таа е во фокусот на целата територија на Европа па и пошироко. Да објасниме поедноставно, цената на електрична енергија на европските берзи, пред се на унгарската берза HUPX, која е најрелеватна за нашиот регион во првата половина на 2021 година, се движеше помеѓу 50 и 60 €/MWh, додека во изминатиот месец, месец и половина цената се движи помеѓу 200 и 250 €/MWh. Разликата е очигледно огромна и има сериозно влијание пред се на компаниите кај нас кои своите потреби од електрична енергија ги набавувале од своите трговци или снабдувачи на либерализираниот пазар. Треба да се земе во предвид дека увозот на електрична енергија во последните 20 години континуирано се зголемува и се движи помеѓу 1500 и 3000 GWh. Ако земеме во предвид дека за 2000 GWh со претходно наведените цени вкупниот увоз чинел 100 до 120 милиони евра, со новите цени тој чини 400 до 500 милиони евра. Очигледно е дека најголемиот проблем е во финансиските средства потребни за обезбедување на овие количини на електрична енергија. Како резултат на високиот пораст на цените, се случија откажувања на номинираните количини на електрична енергија од страна на одредени снабдувачи и истите се обезбедуваа од резервите во акумулациите или се повлекуваа од системот на европските преносни системи. Морам да напоменам, дека повлекувањето од европскиот преносен систем се случувало и во минатото, односно секогаш кога сме имале испади на некој од блоковите, енергијата која е потребна по автоматизам се повлекува и си тече низ нашиот систем. Подоцна се прават точни пресметки од каде истата е повлечена и колку треба да се плати. Се разбира се плаќа од страна на тие што го предизвикале нарушувањето на балансот на енергијата во системот. Токму поради ова беа префрлени финансиски средства, кои ќе се искористат за надоместување на овие дебаланси, дел ќе се искористат и за увезените количини на електрична енергија од страна на ЕСМ, за увоз на јаглен, односно за зголемување на ликвидноста на компаниите и полесно прилагодување на настанатата состојба со енергетската криза. За префрлените средства АД ЕСМ е задолжен да доставува месечни финансиски извештаи до Владата и Министерството за финансии кои ќе го контролираат трошењето на овие средства. Да споменам дека во Албанија владата веќе префрли 100 милиони евра до крајот на годината со цел надминување на енергетската криза и подготви уште 100 милиони евра за наредната година. Исто така во голем дел од европските држави, веќе се доделуваат ваучери за ранливите категории на граѓани. Европската комисија издаде и упатство за постапување на своите членки со цел надминување на кризата и во најголем дел истите се однесуваат на вбризгување на дополнителни финансиски средства.
Дали ќе има домашно производство на електрична енергија следната година од страна на РЕК Битола, или АД ЕСМ ќе се потпира исклучиво на купување на електрична енергија од странство? Кои се вашите информации? Дали АД ЕСМ ќе успее да ги набави потребните количини на јаглен, бидејќи како што стојат работите, се уште нема јасен одговор од производителот дали повикот ќе се реализира?
Андонов: Основната дејност на АД ЕСМ е да произведува електрична енергија и управниот одбор и сите раководители на производните објекти треба целата своја енергија да ја насочат кон исполнувањето на своите обврски. Согласно законот за енергетика, АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во Република Северна Македонија е должен во 2022 година, да понуди најмалку 60% од годишните потреби на универзалниот снабдувач, односно на ЕВН Хоум. Да напоменам дека токму преку концептот на универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи, се штити постојната цена на електрична енергија, иако таа на либерализираниот пазар е зголемена за 4 до 5 пати, домаќинствата и малите потрошувачи сеуште ја плаќаат истата цена. Во согласност со Законот за енергетика, АД ЕСМ може да врши и увоз на електрична енергија со цел оптимизација на своето портфолио. Увозот на јаглен кој го споменуваме во изминатиот период, пред се се однесува за работа на третиот блок во ТЕЦ Битола, како и за работа на ТЕЦ Осломеј. Јавноста треба да знае дека ТЕЦ Осломеј не работи со својот полн капацитет од 2012 година, имено во минатото па се до 2012 година, оваа термоелектрана произведувала помеѓу 350 и 700 GWh, додека во 2013 произвела 170 GWh, a во 2016 историски најмалку, односно само 26 GWh. Ова се должи на комплетно искористување на сите расположиви количини на јаглен за работа на оваа термоелектрана, а притоа не биле превземени никакви активности во минатото со цел изнаоѓање на решение за оваа термоелектрана. Токму поради тоа, оваа Влада превзема конкретен чекор, имајќи ги во предвид изработените анализи за можно решение за РЕК Осломеј, одлучено беше овој капацитет да се замени со фотонапонски електрани, односно две сопствени инвестиции од по 10 MW, како и две приватни инвестиции од по 50 MW треба да се изградат на местото на стариот рудник. Првата електрана од 10 MW е веќе изградена, се очекува набрзо да се пушти, додека приватните 100 MW ќе започнат да се градат во текот на наредната година, од продажбата на електрична енергија од 100 MW, 18.5% секој месец, ќе бидат уплатени на сметка на АД ЕСМ. Мора да се има во предвид и дека ТЕЦ Осломеј одамна го има поминато својот работен век.
Во текот на 2021 година, оваа термоелектрана работеше и на јаглен увезен од Косово и процесот се покажа како успешен, и токму поради тоа се разгледа можноста на увозен јаглен за третиот блок од ТЕЦ Битола. Согласно информациите кои ги добивам од АД ЕСМ, количините за Осломеј се обезбедени повторно од Косово, додека за ТЕЦ Битола, постојат можности за обезбедувања, се евалуираат пристигнатите понуди и се надевам дека и ова успешно ќе се заврши. Овде би сакал да потенцирам, дека првичната интенција за вклучување на третиот блок беше за подршка на домашната економија, односно електричната енергија од третиот блок да се продава на компаниите кои се на либерализираниот пазар, а со тоа АД ЕСМ би остварил добивка која ќе му ја подобри ликвидноста.
Според вас како советник за енергетика на премиерот Зоран Заев, колкаво треба да биде поскапувањето на електричната енергија за домаќинствата од следната година?
Андонов: Процесот на утврдување на цената за електрична енергија за домаќинствата се состои од неколку сегменти, како што се производната цена од АД ЕСМ која ќе се понуди на ЕВН Хоум, трошоците за загуби на електрична енергија кои се обезбедуваат на либерализираниот пазар од страна на ЕВН Дистрибуција и од МЕПСО и трошоците за обновливи извори на енергија. Во моментот сеуште не завршиле сите постапки за обезбедување на овие количини на електрична енергија и неблагодарно е да лицитирам со било какви бројки. За жал во изминатиот период некои “експерти“, веројатно од нивни лични причини, лицитираа со зголемувања на цената над 30, 40 па и 50% и направија непотребна неизвесност и нервоза кај граѓаните имајќи во предвид дека таквото зголемување дополнително ќе ги оптовари нивните семејни буџети. Можам да потенцирам дека до такво зголемување нема да дојде, постојат механизми со кои Владата може да интервенира со цел одржување на стабилноста, и некои од тие веќе беа применети, како намалувањето на ДДВ што беше применето за електричната енергија од оваа година, истото се намали од 18% на 5%, да напоменам дека истото беше искористено и за топлинската енергија во минатите години и таму имавме континуирано намалување на сметките за топлинска енергија за корисниците на парно во Скопје.
Кои се следните чекори што треба да се направат со донесената уредба и одлуката за вонредна енергетска криза? Кога ќе започне најавеното штедење и кои ќе бидат првите мерки?
Андонов: Уредбата за прогласување на кризна состојба беше донесена како обврска која произлегува од новиот Закон за енергетика која има цел да овозможи успешно справување со настанување на евентуална кризна состојба во енергетскиот сектор. Во член 14 од Законот за енергетика донесен во 2018 година, наведено е дека Владата, на предлог на Министерството за економија со уредба подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, а особено во случаеви на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови на енергија во кризна состојба, мерките што се превземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност согласно Законот за управување со кризи. За потсетување, првата Уредба за кризна состојба беше донесена во 2009 година, а подоцна во 2012 година се донесе уште една Уредба за кризна состојба со цел усогласување со Законот за енергетика кој се донесе во 2011 година. Исто така во 2012 година беа донесени и две Одлуки за прогласување на кризна состојба и тоа првата во февруари која траеше 17 дена и во која веднаш беа донесени рестриктивни мерки, односно беше исклучено уличното осветлување, светлечките реклами и слично во траење од 17 дена. Втората Одлука беше донесена на 31.12.2012 година, истите можат да се најдат и денес во Службен Весник. Не се сеќавам дека тогаш имало било какви коментари за тоа кој бил крив за што е прогласена кризната состојба.
Министерот за економија во согласност со Уредбата, формираше Комисија за следење на состојбата составена од преставници на сите инволвирани страни, која треба да ги следи состојбите. Првиот чекор како што беше објаснето и од Министерот за економија, беше префрлањето на финансиските средства во износ од 4 милијарди денари со цел обезбедување на потребните количини на електрична енергија, количините на јаглен, резервна моќност и балансна енергија како и зголемување на ликвидноста на компаниите.
Се надевам дека овие мерки ќе бидат доволни и нема да дојдеме до фазата на било какви рестрикции.
Ќе има ли промена на одредени раководни позиции поврзани со енергетиката и нови кадри од кои ќе се очекува повеќе во справувањето со кризата. Размислувате ли да побарате одговорност од одредени профили за кои јавноста смета дека не ја антиципираа доволно ситуацијата?
Андонов: Се наоѓаме во специфична ситуација, многу предизвикувачка од повеќе аспекти. Веројатно сеуште прв предизвик е менаџирањето на здравствениот систем во услови кога сеуште имаме голем број на ново заразени од Ковид-19, а тоа влијае и на нормалното одвивање на економскиот и општествениот живот, а воедно ни се појави и енергетската криза која има сериозни влијанија во цела Европа.
Она што ние во овој момент треба и мора да го направиме во интерес на граѓаните и стопанството е обезбедување на стабилното снабдување со електрична енергија, ама буквално сите ние, односно да ги ставиме во функција сите расположливи ресурси со кои располагаме. Притоа, мислам и на производствените енергетски погони, но и на човечкиот потенцијал.
Го слушаме гласот на јавноста, но сепак одлуките мора да ги носиме врз основа на факти. Ќе се фокусираме да ги ставиме во функција ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, тие да произведуваат струја, за да го зголемиме домашното производство и ја држиме во добра кондиција РЕК Битола и претходно наведените две термоцентрали. Мора да се потенцира дека станува збор за термоелектрани кои го надминале својот работен век, последниот блок од ТЕЦ Битола е пуштен во 1988 година, додека ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино се изградени пред 1980 година, дополнително ТЕЦ Неготино последен пат работела во 2009 години само со еден блок.
Конструктивните критики од сите страни се добредојдени, во насока на тоа како уште повеќе да се мобилизираме и успешно да ја пребродиме оваа би рекол предизвикувачка состојба. Владата веќе му препорача на Управниот одбор на АД ЕСМ да спроведе кадровска реорганизација и доекипирање со цел максимално искористување на своите производствени и други капацитети со цел максимално зголемување на производството на електрична енергија. Во овој момент како што веќе напоменав енергијата треба да се искористи во насока на изнаоѓање на конкретни решенија а не да се троши време за да се докажува кој бил или не бил одговорен за ова. За конкретните кадровски решенија веројатно ќе се зборува подоцна, по завршувањето на енергетската криза или со стабилизирање на состојбите. Ќе пристапиме аналитички, ќе ги разгледаме сите аспекти и врз основа на факти ќе донесеме одлуки дали се потребни кадровски промени во одредени енергетски компании, на кои позиции и како би можеле да го подобриме оперативното работење на сите нив со цел да не ни се повтори истата или слична ситуација наредната зима.
Владата за 32 милиони евра го откупи делот на „Макпетрол“ од АД ГА-МА и сега е целосен сопственик на операторот на гасоводот. Зошто претпријатието до сега се уште не се интегрира во АД Национални енергетски ресурси, друштвото кое го гради националниот гасовод, и не е направена потребната систематизација?
Андонов: За прв пат во постоењето на нашата држава станавме сопственик на компанија која има огромно значење за сите граѓани. Ако се потсетиме дека во изминатите 30 години, сме ги продавале државните компании како што се Електродистрибуција, Телеком, Окта и други, овде состојбата е спротивна. Искористувањето на природниот гас во Република Северна Македонија е на многу ниско ниво, немаме развиена дистрибутивна мрежа на природен гас, освен во Куманово и Струмица, единствените корисници се индустриските потрошувачи и ТЕ-ТО Скопје, како и некои јавни објекти во Скопје. Ова според моето мислење е пред се поради судскиот спор кој се водел околу сопственоста на ГА-МА во изминатите 15 години. Ако не се водел судскиот спор, веројатно ќе се размислувало како да се проширува мрежата низ целата територија и како природниот гас да го направиме да биде подостапен за сите, бидејќи на тој начин домашните компании би имале значително пониски оперативни трошоци и би ја зголемиле својата конкурентност, истото се однесува и на јавните објекти кои би ги намалите своите трошоци, кои секако се исплаќаат од Буџетот и би се заштедиле сериозни суми на пари кои можат да се инвестираат со цел поквалитетен живот за граѓаните.
Во моментот Владата е сопственик и на АД НЕР и на АД ГА-МА, од страна на Министерството за економија формирана е работна група од сите засегнати страни, која веќе работи на потребните чекори за основање на ново друштво кое согласно Законот за енергетика ќе биде носител на лиценцата оператор за пренос на природен гас и ќе биде во сопственост на Министерството за економија. Потребно е да се направи проценка на состојбата на двете друштва кои ќе го основаат новиот субјект, ќе ги пренесат своите обврски и права во новото друштво и ќе престанат да постојат. Овде треба да се напомене дека сите вработени во АД ГА-МА и во АД НЕР ќе си ги задржат работните места и ќе продолжат да си ја вршат работата која ја работеле и претходно.
Консултантот „Интерхолдинг Доо“ секој месец наплаќа повеќе од 6 милиони денари од Владата. Дали станува збор за компанија-советник од областа на енергетиката и какви услуги добива Владата од овој оператор?
Андонов: Како советник за енергетика на Претседателот на Владата г-дин Зоран Заев, моите работни обврски се поврзани со Канцеларијата на Претседателот на Владата и немам информации за кој консултант станува збор и која услуга ја овозможува на Владата.
Дали граѓаните може да се соочат и со ценовни шокови кај горивата? Какви се долгорочните анализи и како државата ќе се справи со овој проблем? Следната година државата ќе треба и да ги зголеми нафтените резерви. Ќе најде ли пари за тоа?
Андонов: Како што сите знаеме, Република Северна Македонија е земја која нема наоѓалишта на нафта и целокупните потреби на нафтени деривати се обезбедуваат од увоз, што значи дека цената на горивата се базира на берзанските цени. Генерално постојат два принципи на функционирање на пазарот со нафтени деривати, еден од нив е целосна либерализација при што цените ќе ги утврдуваат трговците со нафтени деривати, како што функционира во Европа и во некои земји од регионот, или вториот принцип е некој да утврдува максимални малопродажни цени на нафтените деривати како што тоа е случајот кај нас. Во Република Северна Македонија еднаш неделно или секој понеделник, максималната малопродажна цена ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Мислам дека овој принцип е подобар и е во интерес на граѓаните, бидејќи ако погледнеме во регионот и во Европа, каде што пазарите се целосно либерализирани цените се значително повисоки од нашите.
Секоја држава членка на Европската Унија има обврска за чување на нафтени резерви во зависност од нивната дневна потрошувачка во согласност со директивата EC 119/2009. Истата обврска ја имаи Република Северна Македонија како членка на Секретаријатот на енергетската заедница врз основа на донесена одлука на Министерскиот совет на енергетската заедница. Обврската за чувањето на нафтените резерви ја има Агенцијата за задолжителни нафтени резерви и обезбедувањето на потребната количина на нафтените резерви се дополнува врз основа на изработени акциски планови. Агенцијата навремено превзема активности и мерки со цел обезбедување на потребните количини на нафтени деривати, така да исполнувањето на обврските се реализира со задоволително темпо во зависност на нашите можности и капацитети.
Александар Кузмановски