26 Април, 2024
0.0269

Иванов нема право на второ вето, но што доколку не го потпише Законот?

Објавено во: Анализа 15 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Претседателот Ѓорге Иванов истакна дека повторно изгласаниот Закон за употреба на јазиците нема да да го потпише бидејќи според него е неуставен и штетен и пратениците не ги земале воопшто во предвид неговите забелешки кои тој ги достави откако веќе еднаш го примени правото на вето, односно одби да го потпише указот за усвојување на законот при првото изгласување во Собранието.

„Кога го вратив Законот за употреба на јазиците, детално и правно ја образложив мојата одлука. Побарав од вас внимателно да ги разгледате моите забелешки и очекував да постапите одговорно, совесно и како што налага Деловникот на Собранието. Внимателно го следев вашето делување во собраниските комисии и на пленарните седници. Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан. Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон, туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење“ изјави вчера Иванов непосредно по завршување на собраниската седница.

На некој начин, претседателот Иванов сега има изговор или подобра морална позиција зошто одбива да го потпише указот за вчера изгласаниот закон бидејќи неговите аргументи сега ќе бидат правни, а не само политички што добива поголема тежина. Сепак, според Уставот претседателот на државата нема право на второ вето, односно ако веќе одбил да потпише указ за закон и тоа во повторена постапка на гласање повторно е донесен од пратениците е должен да го потпише  указот.

Секако, не може никој со сила да го натера Иванов да стави потпис на самиот закон, но тоа веќе ќе создаде уставна криза во Република Македонија, да веќе изгласано законско решение остане непотпишано. Следни чекори би биле тужби пред Управниот суд за утврдување надлежност и повреда на управна постапка, како и барање за автоматско објавување на Законот за употреба на јазиците во Службен весник со цел да започне и официјално да се применува.

Можни се и претставки до Уставниот суд на Република Македонија. Засега во однос на одлуката на собранискиот спикер Талат Џафери во третото читање на предлог законот да не прифати амандманска расправа иако Собранието ги прими 35 илјади амандмани на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и за рокот од кога законот веќе еднаш беше изгласан до сега без да има дополнителна дебата. 

Владејачкото мнозинство направи неколку грешки со вчерашното носење на законот и го навлече гневот на опозицијата. Секако, волјата на мнозинството секогаш надвладува но, самата процедура можеше многу подобро да се организа со цел СДСМ и ДУИ како предводници на овој „проект“ да имаат почиста ситуација пред себе, вака само сагата за законот за јазици ќе продолжи низ правните и институционалните лавиринти и само дополнително ќе овозможи ВМРО-ДПМНЕ да го пумпа гневот за еден репресивен закон донесен без волја за поширок политички консензус. 

Автор: Христијан Станоевиќ