Добивај вести на Viber
Израелскиот ракетен штит „Железна купола“ се покажа неверојатно ефикасен во пресретнување и соборување на ракетите што кон израелска територија ги упатува палестински Хамас во последните неколку дена.
Во последниот ракетен напад на Израел, Хамас успеа индиректно да убие една старица, која доживеала срцев удар додека барала засолниште. Од друга страна, израелскиот противнапад се покажа 100 пати посмртоносен - во него загинаа над 100 Палестинци, а повеќе стотици се повредени.
За овој сооднос на жртвите Израел може да му заблагодари единствено на својот ракетен штит, со кој има огромна предност пред Палестинците. Но, кој управува со него и зошто е толку ефикасен? Одговорите на овие прашања ги побара магазинот Бизнисвик.
Потполковникот Асаф Либрати, кој е портпарол на израелските одбранбени сили, објаснува дека целиот систем може да биде автоматизиран, но израелската војска сепак одлучила зад системот за активирање на штитот сепак да остави - човек. Во нивниот случај тоа се пониско рангирани офицери на возраст меѓу 19 и 23 години.
Тие се овластени да го активираат штитот и да упатат онолку ракети колку што сметаат дека се потребни за да се осигура безбедноста на израелските граѓани. Исто така, можат да преземат контрола над системот, ако сметаат, на пример, дека тој таргетира обичен авион, бидејќи по грешка верува дека се работи за проектил.
„Тие често мора да носат многу тешки одлуки“, вели Либрати. Заради се ова, во Израел не може да се стекне впечаток дека во тек е ракетен напад. Единствен знак за тоа се сирените, но штитот ефикасно ги спречува сите обиди на Хамас да ја ракетира израелската територија.
„Железната купола“ за првпат е употребена во 2011 година и од тогаш се покажа незаменлива. Хамас постојано бара слаба точка на системот, но Израел засега успева да остане на чекор пред нив.