Извештај на СЈО: Што кријат разговорите кои некој се обидел да ги избрише?
Објавено во: Македонија 16 Март, 2017
Специјалното јавно
обвинителство го објави третиот извештај за своите активности, кои се
однесуваат за периодот 15-ти септември 2016 година до 15-ти март 2017 година. Катица Јанева отчетот за својата работа
го достави до Советот на јавни обвинители, бидејќи во моментов Собранието не е
конституирано.
Во овие шест месеци СЈО отворило 7 нови истражни постапки и 14 предистражни постапки. Оттаму соопштија дека се уште не се преслушани ни половина од „бомбите“ кои им беа доставени од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализира содржината на 272 950 аудио фајлови односно во обработка се 45% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што изработени се 960 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело“, пишува во извештајот.
СЈО соопшти дека со помош на специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија се откриени уште 66 909 избришани аудио фајлови, и со тоа што вкупната бројка на аудио фајлови се искачи на 606 555.
„На овие фајлови, како и на претходните 540 646 е извршен попис кој се наоѓа на вкупно 15 906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудио фајлови изнесува 13 200 часа“, велат од СЈО.
Ако овие часови се претворат во денови, тоа се 550 денови. Толку всушност му е потребно време на СЈО да ги преслуша сите под услов ако службата работи дење - ноќе.
Јанева не открива чии разговори имало обид да бидат избришани и дали во нив се кријат можеби докази за нови кривични дела.
Зоран Заев следен 24/7
СЈО соопшти дека Основното јавно обвинителство доставило списи и докази поврзани со одреден предмет, како и хард диск за кој е утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК која ја користел осудениот Звонко Костовски, но хард дискот не е предложен во листата на докази.
„При извршената анализа на овој хард диск од страна на ова Јавно обвинителство констатирано е дека се генерирани фајлови од активност на апликација која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви каде што таргет е лицето Зоран Заев, а самите генерирани фајлови и обработката на истите укажуваат дека комуникациите биле следени без издадени судски наредби, односно незаконски. Од страна на ова Јавно обвинителство извршен е електронски попис на овие материјали кој е сочинет на 27 189 страници во електронска форма. При тоа, детектирани се 31 495 аудио фајлови со времетраење од 671 час и 72 513 СМС пораки кои биле цел на апликацијата која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви“, пишува во извештајот на СЈО.
Тимот на Јанева од почетокот на своето постоење пред 18 месеци, досега има отворено вкупно 68 предмети кои се во фаза на предистражна постапка. Тие се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.
Граѓаните сакаат да знаат дали биле прислушувани
Кога СЈО ја отвори истрагата „Таргет“ за незаконското прислушување, до ова Јавно обвинителство поднесени се вкупно 586 барања за проверка на незаконско следење на комуникациите на 1332 различни телефонски броеви со кои граѓаните се интересираат дали нивните телефонски броеви биле предмет на незаконско следење на комуникациите.
За лицата за кои ќе се утврди дека користеле телефонски броеви кои биле предмет на незаконско следење на комуникациите, како и лицата за кои ќе се утврди дека биле соговорник на незаконски следен телефонски број ќе бидат повикани во СЈО во својство на оштетени лица.
Во тек е одвојување на приватните разговори од разговорите кои се во обработка. Од вкупниот број на анализирани разговори, издвоени се 90 618 аудио фајлови со времетраење од 2030 часа за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори.
Во овој момент тимот на ова Јавно обвинителство вклучително со обвинителскиот и истражителскиот тим брои 117 лица.
Јанева најави дека многу брзо ќе излезе со нови обвиненија, а јавноста чека да слушне кој ќе биде новиот предмет најверојатно повторно на буквата „Т“.
J.M.