Јанкуловски за Фактор: Секој ден да ми почнува и завршува со насмевката на Софија, УКИМ да порасне на ранг-листите
Објавено во: Македонија 22 Јануари, 2021
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите по стартот на новата година Фактор објавува изјави од медицински експерти, професори, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања во оваа година.
Проф. д-р Никола Јанкуловски е ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и еден од најдобрите и најдокажани лекари специјалисти од Македонија. Негова научна област е абдоминалната хирургија, а како ректор веќе во втор мандат е посветен на реформите во високото образование. Очекува во 2021 година човештвото да извојува конечна победа над вирусот Ковид-19 и конечно да се стави крај на ова големо планетарно зло кое ја одбележа 2020 година.
„Цената која ја плативме e огромна, а загубите посебно човечките, се ненадоместливи. За другите загуби и штети, како на пример економските, социјалните итн., оставам да се изјаснат експертите. Како припадник на медицинската фела верувам во ефикасноста на вакцините, вклучително и на новите вакцини против вирусот Ковид-19 и ја користам оваа прилика да ги охрабрам вашите читатели и сите граѓани да дадат свој придонес во конечната победа над вирусот со бројно учество во планот за вакцинација донесен од нашата Влада.
Со појавата на пандемијата, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје акцентот беше ставен на приспособување на новонастанатата состојба. УКИМ брзо се снајде и за релативно кус период започнаа наставно-образовните активности кои успешно се одвиваа во пандемските услови, со користење на расположливите платформи за онлајн учење и работење. Сосем мал дел се одвиваа со физичко присуство, секако со почитување на мерките и препораките од надлежните институции за спречување на внесување и ширење на коронавирусот Ковид -19, утврдени во соодветни протоколи. Мал дел од планираните настани и активности на УКИМ беа одложени.
По ставањето на пандемијата под контрола очекувам постепено враќање во „нормалата“ со што ќе се создадат непречени услови за успешно остварување на Акциониот план за реализација на стратегискиот развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на мојата тригодишна програма за работа со цел јакнење и развој на интегративните функции на Универзитетот во најзначајните сегменти на неговото дејствување, како и за подобрување на позициите на Универзитетот на ранг-листите на високообразовни установи на глобално ниво.
За да се остварат овие мои очекувања нужна е материјално-финансиска поддршка од релевантните чинители за зајакнување на човечките ресурси, посебно на научниот подмладок на УКИМ, како и зголемување на буџетот за наука, потоа набавка на неопходна опрема, осовременување на лабораториите, обезбедување на реагенси и други средства согласно потребите и спецификите на студиските програми на единиците на УКИМ со цел реализација и подигнување на квалитетот на наставно-образовниот процес. Исто така, очекувам и реализација на ветувањето на нашата Влада за подобрување на стандардот на вработените на УКИМ во насока на зголемување на платите, кои за жал се на ниво на платите во средното образование.
Што и посакувам на нашата држава во годинава која е пред нас? Одговорот е краток и јасен, она што го заслужува - полноправно членство во Европската Унија.
На приватен план очекувам секој ден да ми почнува и завршува со среќната весела насмевка на мојата ѕвезда-водилка, мојата ќерка Софија. Енергијата која ја добивам од нејзината насмевка и нејзината радост на животот, ми дава неверојатно моќен поттик и мотив да го дадам својот максимум и да бидам успешен во сè што работам, вели Јанкуловски за Фактор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.