Јапонска компанија ќе им плаќа на вработените во биткоини
Објавено во: Свет 15 Декември, 2017
Портпаролот на јапонската компанија GMO Internet Group објави дека компанијата ќе почне да плаќа дел од платите на своите вработени во биткоини, пренесува британскиот Гардијан.
Компанијата која врши широк спектар на активности во областите на интернет, финансии и реклама, ќе им понуди на 4000 од вработените да добиваат до 100 000 јени (890 долари) од својата месечна плата во биткоини.
"Вработените можат да добијат плата во дигитална валута колку што сакаат. Се надеваме дека ќе го подобриме нашето разбирање за виртуелните валути така што ќе им најдеме реална примена", вели портпаролот на компанијата Харуми Ишии.
Таа почнала бизнис за трговија и размена на биткоин во мај, а во јуни веќе отворила оддел задолжен за "копање" на биткоини.
Вредноста на најпопуларната криптовалута во светот забележа драстичен скок во 2017 година, почнувајќи од 1000 долари во јануари, за да стигне до 18 000 долари оваа недела.