Украина призна тактички успех на Русија во регионот Харков
Објавено во: Свет 13 Мај, 2024
Украинската армија денес призна дека руските сили напредуваат во нивната офанзива во североисточниот дел на регионот Харков.
Руските сили се обидуваат да се пробијат во тој регион, што предизвика тревога во Киев и кај западните сојузници за потенцијална голема офанзива врз градот Харков, вториот по големина во Украина, кој се наоѓа на само триесет километри од руската граница.
„Непријателот моментално постигнува тактички успеси“, објави украинскиот Генералштаб денес наутро.
По освојувањето на неколку села во областа Харков, во моментов се водат борби во близина на градот Вовчанск, кој се наоѓа на само пет километри од руската граница.
Украина тврди дека Русија бележи големи загуби и покрај тоа испраќа бројни сили во Вовчанск, кон кој се движат пет баталјони.
Русија веќе го окупираше Вовчанск на почетокот на војната, за да се повлече по украинската офанзива во есента 2022 година.
Русија започна нов пробив кон регионот Харков на 10 мај. Во последните два дена зазеде девет села, тврди руското Министерство за одбрана.