01 Декември, 2024
0.0259

Јавни опомени на Заев за стопениот рејтинг - Дали ризикот ќе се исплати?

Објавено во: Анализа 14 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Премиерот Зоран Заев јавно за прв пат призна дека неговиот и рејтингот на владејачката СДСМ се топи во однос на најголемиот конкурент ВМРО-ДПМНЕ. Според него предноста во однос на опозицијата е намален за околу 6 проценти, поточно опаднал од претходната висока предност од речиси 12 поени споредено со конкурентите.

Главната причина поради која се топи рејтингот на власта според Заев, се скандалите со непотизмот и вработувањата кои излегоа нагло во последниот период. Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Заев искрено како ретко кој политичар истакна дека макар еден и два поени да се загубат може да биде опасно во политиката, а потоа многу е тешко да се вратат.

Секако, овие бројки не се егзактни и најверојатно се базираат на интерни анкети кои секоја партија ги спроведува на редовна основа, наместо на сеопфатно испитување на јавното мислење од страна на агенциите за мерење на рејтинг кои се објавуваат вообичаено пред избори или пак кога се случуваат големи политички промени за важни прашања на државно ниво.

Заев исто така беше свесен дека прашањата за револтот на јавноста како и за жестоките реакции се однесуваат и на политичката амнестија за дел од обвинетите за Крвавиот четврток кои нема да одговараат, како и измените на Кривичниот законик со кои исто така дел од обвинетите во предметите кои ги води СЈО ќе добијат поблаги или само условни казни.

Третото „ранување“ на власта е неминовно поврзано со Преспанскиот договор кој последно резултираше со измена на имињата и називите на над 130 државни институции кои повеќе не се "македонски" туку „национални“ или на „Република Северна Македонија“. Постои незадоволство кај Македонците кои не може да се помират со промена на името и обврските кои се наметнати, а истите претходно беа поддржувачи на ветувањата за „живот“.

Заев истакнува дека Договорот од Преспа покрај решавање на спорот за името, наменет е и за стратешко партнерство со Грција, па затоа верува дека земјата ќе добие многу големи придобивки, меѓу другите нови економски соработки и инвестиции. Грчки дипломати веќе лобираат да се ратификува членството на Северна Македонија низ парламентите на земјите членки на НАТО, а грчки советници ќе ни помогнат во преговорите со ЕУ, па затоа во оваа фаза според него нема асиметричност во спроведување на договорот кој се потпиша во Нивици.

Незадоволството од власта не се должи само на гласачите поведени од повредени национални чувства, туку многу повеќе и на лошите потези на дел од владините функционери кои Заев не ги посочи директно и по име, но покажа одреден степен на разочараност и дизигнација за направените грешки како на пример со вработувањата на роднини. Премиерот посочува дека не смее да има дискриминација кон децата на членови на партиските партии ако станува збор за квалитет и соодветност за работното место во државните институции, бидејќи за квалитетниот кадар мора да има вработување.

Поконретна слика за рејтингот на партиските лидери, на самите политички партии како и на кандидатите за претседател на државата се очекува да се добие со претстојните анкети кои ќе бидат актуелни и валидни откако ќе започне претседателската кампања.

Секако, ова е и јавна опомена на Заев кон функционери во власта да бидат повнимателни пред изборите и да спречат понатамошно топење на рејтингот. Од друга страна пак, покажа дека не се кае за ризикот кој го презеде со договорите со соседите со кои се отвораат евроинтеграциите и не го смета за загуба без оглед како влијае врз рејтингот на власта, бидејќи ја гледа „поголемата“ слика.

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.