28 Април, 2024
0.0253

Јавните претпријатија ќе горат, се додека наместо стручни ги јаваат партиски кадри!

Објавено во: Анализа 19 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Експертите вџашени од неодговорното однесување на директорите на јавните претпријатија, предлагаат промени во моделот по кој се бираат кадрите! Откако пожарот во "Македонска пошта" ја откри скандалозната вистина дека имотот на дирекцијата не била осигуран од штети, се отвори прашањето, има ли и други јавни институции кои се оставени без покритие поради неодговорноста на нивните директори? Фактор праша неколку директори на јавни институции, дали сметаат дека во вакви случаи, вината треба да се лоцира токму кај управителите на претпријатијата затоа што навреме не успеале да распишат тендер и да го осигураат имотот на институцијата со која раководат. Иако речиси сите тврдеа дека ги имаат осигурано имотите во случај на штета, никој од нив не смета дека во спротивно би биле одговорни за неменаџерско управување.
„Ние секоја година го осигуруваме имотот на ниво на цела Македонија, но сега имаме ситуација кога во март ни завршува колективното осигурување за вработените, а изборен период е. Тоа значи дека мораме да ја прашаме Антикорупциска комисија, да видиме дали ќе ни дозволат да распишеме нов тендер во овој период. Ваквиот случај покажува дека постојат ситуации кога може да се случи и неколку месеци да сте без осигурување и тоа не значи дека секогаш треба да се бара одговорност од директорот“, вели директорот на Македонски шуми, Жарко Караџоски.
Јавните претпријатија не се обврзани да го осигурураат имотот но тоа сепак треба да биде одговорност на менаџментот на компанијата кој мора да пресуди, дали е неопходно осигурување, смета директорот на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов. И тој уверува дека навреме го осигурал имотот на друштвото со кое раководи, но, тврди дека тендерите за избор на фирма не секогаш се спроведуваат според планираното.
 „Кај нас секоја година се објавува тендер за бирање на фирма за осигурување на имотот, но некогаш може да се случи еве како сега со изборите, непредвидено да се создаде празен простор од два до три месеци додека да се избере друга фирма и тогаш да се случи некаква штета. Дури може да се случи навреме објавен тендер да пропадне па додека се распише нов, да помине време. Инаку, сметам дека секоја компанија било да е приватна или државна мора да има осигуран имот“, вели Грозданов.
Експертите, пак, сметаат дека одговорноста за сите случувања во јавните претпријатија апсолутно е на товар на директорите. Случајот со пожарот во „Македонска пошта“ во услови кога имотот не бил осгуран, за професорот Борче Давитковски ја покажал вистинската слика, што се случува со државниот имот кога со него раководат партиски наместо професионални кадри.
„Јас одамна апелирам директорите на јавните претпријатија да се бираат на јавен конкурс, а не да ги назначува Владата. Тоа треба да важи и за членовите на Управните одбори затоа што и тие се подеднакво одговорни, и тоа треба да биде така за да не ни се случат изјави од типот дека штетата од пожарот не била мала, а се знае дека на крај пак ќе биде платена од наши пари. Но, на таквите директори не им важно што се случува со претпријатието затоа што знае дека нема да сноси никаква одговорност“, смета Давитковски.
Тој вели дека дури и Србија успеала да го смени системот на избор на директори на јавни претпријатија и од партиски избор да направи директорите да се бираат на јавни огласи. Во земјава пак, досега, ниту една политичка партија не изнесе програма која предвидува реформа на јавните претпријатија кои ќе ги направи финансиски одговорни и професионални во работењето, без политичко- партиски примеси. С.Ј.Н