Добивај вести на Viber
Луѓето сакаат да се држат до одлуките што ги донеле. Не сакаат да влегуваат во дополнителни процеси на размислување и преиспитување на одлуките, бидејќи тоа знае да биде многу напорно и заморно. Во текот на оваа голема европска криза може да дојдеме токму до таков заклучок. Европа упорно инсистира да остане таква каква што е, без да направи некои поголеми резови.
Но како што можеме да видиме, на европскиот брод постојано се појавуваат нови дупки. Тамам ќе се затвори една, се појавува друга. Изгледа како да се формира некоја спирала на лоши настани, кои никако не може да се запрат.
Кога ќе се вратиме наназад изгледа како далечна историја дека се почна во Ирска и нејзиниот голем банкарски сектор, кој беше заглавен во голем број токсични активи. Државата зеде помош од меѓународните кредитори за да го спаси тоа што можеше да се спаси од неликвидните банки. Земјата падна во рецесија првпат по 1980 година.
Нашите јужни соседи беа наредни во доминото. Европските лидери инсистираа дека Европската Унија не е проект што може да се распадне толку лесно, дека ќе се направи се за да се спаси... Во основа тоа беа реакциите што доаѓаа од врвот. И така беше, Грците беа спасени со тоа што си добија сериозно голем отпис на нивните долгови и секако дузина реформи што треба да ги имплементираат.
Пазарите беа смирени...
Но почнаа проблемите во Шпанија и во Италија. Со оглед на големината на економиите, ситуацијата беше многу посложена. Сепак, благодарение на факторот време и на одлуката на ЕЦБ масовно да влезе на пазарот на обврзници, ситуацијата се смири во овие две огромни економии. Згора на тоа, премиер на Италија стана технократот Монти, кој успеа да биде партнер со преостанатиот дел од Европа и да имплементира некои реформи.
За време на овие настани имаше и проблеми во Исланд и во Португалија, кои се решаваа на слични начини. Секако, со оглед на статусот на Исланд, оваа држава не беше голема главоболка за Унијата.
И последен на дневен ред беше Кипар, кој исто како и Ирска има голем банкарски сектор, ама овде проблемот беше решен со тоа што им беше воведен данок на штедачите на банките. Првпат во историјата на модерниот банкарски систем на таков директен начин штедачите беа принудени да ги спасуваат банките. Иако се пишуваше дека голем удар во оваа приказна ќе доживеат руските олигарси, изгледа дека најмногу ќе страдаат малите и средните руски и кипарски фирми, а олигарсите навреме си ги имаа тргнато парите. Како и да е, Европа реши да направи нов експеримент со Кипар.
Е сега на дневен ред дојде и Словенија, па ќе видиме на што ќе се оди таму. Веројатно некоја варијанта на спасувачки пакет, комбинирана со приватизација на економијата на голем број компании. Словенија е релативно затворена земја за странски инвестиции и тоа засега и функционираше одлично, но се чини дека нема да може да одолее на моментната криза и ќе мора да се глобализира, веројатно порано отколку што мислела.
Тоа е краток преглед на кризите во овој изминат период. Глупаво е да се бара еден и единствен виновник за тоа што сега и се случува на Европа. Не постои една вистина. Факт е дека Германија, благодарение на еврото, ги зголеми својата моќ и својата доминација, но факт е и дека на репутацијата на Германија, југот на Европа си уживаше во евтините и ниските камати со години. Е па сега, едноставно дошло време да се платат сметките.
Проблеми...
Главниот проблем е дека ЕУ засега не изгледа дека има јасна стратегија како да се справи со проблемите. Во основа покажува дека се стреми кон една цел, а тоа е да се задржат сите членки внатре, да се купи време и да се направат реформи. Со оглед на тоа дека постојано се јавуваат проблеми, не може да се каже дека е премногу успешна, барем засега. Друг проблем е тоа што конзистентноста на постоењето на Унијата сакаат да ја одржат на неконзистентен начин. Секоја држава ја решаваат на различен начин и токму поради тоа не можеме да бидеме сигурни што ќе им текне да прават во Словенија, кога ќе дојде време. Тука многу јасно може да ја видиме разликата меѓу одлуките што се носат во САД и овде, во Европа. Стариот континент дејствува со брзина на стара баба во носењето одлуки, па така ако ги погледнеме економиите на Европа и на САД, јасно ќе забележиме дека и покрај порастот на одредени берзи, Европа се задушува во рецесија, додека за САД таа работа изгледа како минато.
Веројатно постојат две објаснувања зошто сето ова се случува на начин како што се случува. Првата варијанта, ако е точна, е дека немаат никаков план што да прават и нонстоп менуваат тактики, купуваат време и се надеваат дека работите ќе тргнат сами од себе. Значи, како што кажавме, ако е тоа така, работите нема да завршат на арно.
Втората варијанта би била дека и покрај тоа што купуваат време, сепак имаат некоја стратегија во заднина, која со текот на времето треба да даде конкретни резултати. Таквите резултати може да бидат и елиминирање на слабите земји од Унијата, но кога тоа ќе се случи, веќе никому нема да му биде гајле за тоа. Затоа што во меѓувреме билансите на банките ќе бидат решени, лошите пласмани собрани во ЕЦБ и веројатно постепено отпишувани, но паралелно со сето тоа низ целиот континент ќе бидат спроведувани реформи, кои ќе дадат конкретни економски резултати. Затворените професии да се либерализираат, државите да не ги финансираат гигантите што прават загуби. Во крајна линија, за жал, и луѓето ќе мора да работат подолго, бидејќи едноставно ќе нема од каде да добијат пензија, додека ултрабогатите ќе мора да го почитуваат системот, а не да ги бараат дупките во него.
Милан Димитриоски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.