Каде ни бегаат студентите на работа преку лето?
Објавено во: Економија 06 Август, 2019 06:58
Младите од Македонија во текот на летото патуваат и работат во Америка, со што имаат шанса да се запознаат со американската култура, но и да заработат.
Тие имаат искуства кои цел живот ќе ги паметат.
„Јас бев за да прошетам, но и заради искуство, но ако сакаш дефинитиво можеш да заработиш. Генерално, супер искуство кое вреди за цел живот, затоа што се снаоѓаш кога ги нема мама, тато, до тебе. Работиш, переш, пеглаш, се храниш, менаџираш со пари и време, запознаваш луѓе и си среќен што си платен“, вели Борјана Атанасовска од Скопје.
Студент од Куманово вели дека она што тој го доживеал, го поскаува за сите млади луѓе, да шетаат, работат, и да запознаат пријатели од целиот свет.
„Cedar Point Parc не е место за заработка на голема сума на пари, но е и те како место за забава, дружење и пријатели, и вреди да се посети. Заработката е во зависност и од работната позиција. Јас работам на позиција maintenance ( хаусмајстор / домар) која воопшто не е тешкa за работа и заработката не е многу голема, но е прикладна за обезбедување секојдневни потреби. Што се однесува дo прошетки добро е тоа што имаме организирани екскурзии од страна на самиот парк. Како што се Ниагарините Водопади, Кливленд, Чикаго, Зоолошки градини и аквариуми, музеи, шопинг центри и сето ова по многу поволни цени за нас студентите. Самата помисла дека си сам или со пријатели на непознато место го прави искуството ново, значајно, со нови ставови и знаења за животот и со проширени гледишта“, вели младиот кумановец.
Секоја година од Македонија од 2.200 до 2.400 студенти на овој начин заминуваат во Америка, преку Work and Travel. Работат во услужни дејности, угостителство, барови, ресторани, забавни и национални паркови, или пак продаваат сувенири, а забрането е да работат тешка физичка работа, ноќна работа или да работат во казина. Но, за да си го остварат овој сон, студентите мора да исполнуваат повеќе критериуми, и да зборуваат англиски јазик. Работејќи во Америка студент може да заработи од 4.000 до 6.000 долари во сезона.
„Иако е Work and Travel првенствено заради културна размена, сепак има реални шанси да се заработи, и младите кога аплицираат имаат намера да заработат. Но, важни се квалификациите, затоа што реално пазарот диктира колку ќе заработите, Ако некој работник е вреден, има вештини, тој ќе добие повеќе работни часовни, и ќе може повеќе да заработи. Откако ќе заврши работниот дел, со парите младите можат да купат електронски апарати, некоја литература доколку им е потребна, да прошетаат по градовите како туристи“, вели Зоран Кочоски од Коузон Корпорејшн.
Тој додава дека и во регионот има солиден интерес за оваа програма, така што од Србија годишно учествуваат околу 4.500 студенти, од Бугарија 6.500, од Албанија 1.300 до 1.400 студенти.
Во светот 141 земја праќа студенти на работа во Америка, со што Америка годишно прима по 110.000 странски студенти.
Кочоски вели дека во Германија годишно заминуваат од 1.200 до 1.400 студенти од земјава, но сепак организираноста на оваа работа не е на ниво како во Америка.
Сања Атанасовскафото geovisions
Можеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




