Како да се заштитите од загадениот воздух, помагаат ли маските - Совети од др. Сава Пејковска
Објавено во: Македонија 28 Ноември, 2016
Во изминатите денови загаденоста на воздухот со присуството на штетни честички беше неколку пати над дозволената граници, а таа состојба ќе се задржи во текот на целата зима со што оправдано многу граѓани се загрижени за своето здравје. Токму затоа разговараме со асс.др.супспец.пулмоалерголог Сава Пејковска од Клиниката за пулмологија и алергологија која ни дава совети како да се заштитиме кога воздухот е најзагаден и колку оваа состојба може да има долгорочни негативни последици врз здравјето.
Фактор: Кои се најчестите последици од аерозагадувањето, дали се зголемува бројот на пациентите во овој период?
Д-р Пејковска: Загадувањето на воздухот предизвикува негативни последици кај човекот кога концентрацијата од штетни честички во воздухот ќе достигне над 50g/m3. За да се создаде јасна претстава кај читателите, во некои населени места во Скопје концентрацијата на штетни честички во воздухот достигнува 10-20 пати над дозволенoто.
Луѓето може да почувствуваат: иритација во регија на носот, очите и грлото, свирење и стегање во градите, кашлица, отежнато дишење. Долготрајна изложеност на загаден воздух најчесто предизвикува оштетувања на имунолошкиот, репродуктивниот, нервниот, кардиоваскуларниот и особено на респираторниот систем. Последиците од загадениот воздух особени ги чувствуваат лицата со хронични белодробни и срцеви заболувања, лицата на возраст над 60 години, малите деца како и бремените жени.
Бројни студии посочуваат директно влијание на аерозагадувањето врз појава и развој на сериозни болести на дишните патишта, како астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и карциноми на белите дробови.
Фактор: На почетокот на зимската сезона воздухот е повторно многу загаден со присуство на штетни честички неколкукратно над дозволеното. Како да се заштитат граѓаните?
Д-р Пејковска: Иако не можеме целосно да се заштитиме од загадениот воздух во градските средини, сепак неколку корисни совети од експертите ќе помогнат да го минимизираме внесот на штетните честички во нашиот организам.
1. Следете го нивото на загадување во вашето населено место и доколку е над дозволените граници, надвор движете се само доколку е неопходно и носете маска со филтер.
2. Избегнувајте движење, трчање и вежбање во периодите кога нивото на загаденоста на воздухот е високо. Потребно е нашите читатели да знаат дека загадувањето на воздухот во текот на денот е највисоко во периодот од 11-18 часот, па затоа доколку планирате какви било активности најдобро е истите да се извршат рано наутро или доцна навечер.
3.Избегнувајте физичка активност во близина на сообраќајници со голема концентрација на возила, особено во периодите со погуст сообраќај. Познато е дека прометните автопати го загадуваат воздухот во пречник од 1км.
4.Формирајте здрави навики. Не користете автомобил доколку се работи за блиска дестинација. Препорачливо е пешачење или возење велосипед.
5. Не смее да се гори отпад бидејќи во голем процент придонесува за загадување на воздухот.
6. Не користете фосилни горива(нафта, прегорено автомобилско масло, јаглен, ќумур и сл.) за загревање на ваште домови.
7. Не дозволувајте пушење во просториите во кои престојувате.
Фактор: Се почесто се користат маски против загадениот воздух. Може ли да ни дадете совети како правилно да се употребуваат?
Д-р Пејковска: Во моментов во Македонија се употребуваат повеќе видови на маски како заштита од воздушното загадување (хируршки, со активен јаглен) но, само неколку сертифицирани за таа намена се ефикасни.
Маската не смее да пропушта партикли поголеми од 2.5-3 микрони, заради тоа што најштетни воздушни партикли се со големина од 2.5 микрони.Маските само со активен јаглен не штитат од партикли туку тие се наменети за заштита од хемикалии.За маската е важно:мора добро да налегнува на лицето, и најмал простор кој пропушта воздух ја прави маската неефикасна, за скопската средина се препорачува маска со N95,N99,FFP2,FFP3 стандард, доколку носите очила и истите се замаглуваат значи дека маската пропушта нефилтриран воздух, доколку маската има валвула таа полесно налегнува и помали се шансите да пропушта нефилтриран воздух.
Маските за еднократна употреба можат да се употребуваат се додека може лесно да се дише преку нив, а тоа е околу 10-30 часа ефективно користење, иако често производителите препорачуваат почеста замена. Маските за повеќекратна употреба содржат филтер кој може да се замени со нов, а се одржува со перење.
За подетални информации во врска со набавка на маски за заштита од аерозагадување, читателите можат да се обратат на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Автор: Христијан Становиќ